Приказ на делото „Мемоари – сеќавања“
По повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци
м-р Александар Јорданоски
Публикацијата „Мемоари – сеќавања“ се издава по повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци, кои биле дел од тогашната скоевска организација, во која доминираат сведоштвата од Ташка Чекорова-Манева, Ката Ицева-Мешкова, Невенка Хаџи Јорданова и Сава Ѓондева-Пауновска, сестри на убиените младинци Диме Чекоров, Блажо Ицев, Васил Хаџи Јорданов и Ристе Ѓондев.
Книгата всушност претставува збирка изворни сведоштва од преживеаните четири, тогаш девојчиња, собирани и систематизирани 80-тите и 90-тите години од XX век, во организација на Локалниот музеј-галерија – Кавадарци, кои се однесуваат на ѕверскиот масакр врз невините, штотуку зачекорени млади животи, кои требало да бидат носители на животот во Ваташа. Тоа што денес во пишана форма ја имаме меморијата за еден од најпотресните моменти во поновата македонска историја, главно, е заслуга на историчарот Ристо Трајков, виш кустос во истиот музеј, како и на Петре Камчев, еден од најпосветените историчари за Тиквешијата и долгогодишен директор на кавадаречкиот музеј.
Самиот чин на стрелањето на 12-те младинци е засведочен како грозоморен чин со намера, отсуство на секаква човечност, од извршителите на убиството излегуваат сета предаторска крвожедност и отсуство на емпатија кон животот, дотолку што пред нив имале само деца! Оттука е и големината на живите сведоци при изјавувањето на сведоштвата, односно нивната присебност и надминувањето на себеси за да остават трага за поколенијата, но на моменти ги совладуваат емоциите и тешко им е да се присетуваат на самиот изживувачки чин, иако целосно го имаат правото на гневот.
Два клучни моменти се впечатливо поврзани со убиството на 12-те ваташки младинци, и тие се самата суштина во целиот настан. Прво, тоа е чинот на убиство заради кршење на духот на македонскиот народ, заплашување, влевање страв кај Македонецот, а мотивот е поттикнат од неуспехот на бугарскиот фашистички окупатор да го неутрализира партизанскиот одред „Добри Даскалов“ и, второ, тоа е чинот на предавството. За да бидам појасен, овде ќе го искористам методот на споредба заради создавање појасна пластичност за настанот. Споредбата ни овозможува одење по време и простор напред и назад, и на тој начин да ги препознаеме сличностите во сегашноста и минатото, како и цикличното повторување на елементите од ваташкиот чин на убиството.
Во делот на свирепото ваташко стрелање, ако се навратиме наназад, во Балканските војни, и убиството, поточно обезглавувањето на македонскиот револуционер Васил Чакаларов, доаѓаме до познатата реченица од неговите убијци искажана во Лерин: „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија, го уништивме Чакаларов, а со него и сите Чакаларовци!“ Понатаму, во најновата македонска историја, за која сите сме сведоци, е убиството на четворицата млади (слични по возраст како ваташките младинци) и еден возрасен на Велики четврток кај Смилковско Езеро во 2012 година. Независно од деталите околу овие три убиства: Чакаларов, Ваташа и Смилковско Езеро, македонската историографијата ќе забележи циклично повторување на убиство заради создавање несигурност меѓу народот, заплашување, односно кршење на македонскиот дух на постоење.
Иста ваква споредба, по време и простор, може да се направи и во делот на предавството. Така, повторно се враќаме наназад, сега во илинденскиот период и познатата реченица на стратегот на македонскиот универзум, Гоце Делчев, и неговата широко позната реченица: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот“. По истиот принцип на временско пресликување, ако се бара сличност во чинот на предавството во најновата македонска историја, се доаѓа до 11 јануари 2019 година и чинот на најголемото потфрлање и срам за македонската кауза во сегашноста од осумте пратеници, дел од нив Македонци по род, и нивната северна обземеност. Квалификацијата за предавството на ваташките младинци во овие сведоштва имплицира на наjупатените во скоевската организација!
Името на Љубен Апостолов од Крива Паланка, Македонец по род, командантот на 56. пешадиски бугарски окупаторски полк, стациониран во Велес, претставува школски пример на лукративен и среброљубив однос кон сопствениот народ, во случајов македонскиот, но и пример дека фактурата за предавството секогаш се наплатува од страна на народот. Вистината можеби некогаш забавува, ама не заборава! Токму затоа е и поговорката од народното творештво „да е забавено, да не е заборавено!“
Но покрај сите овие сведоштва на неподнослива емотивна трагедија, во сведоштвото на Ташка Чекорова-Манева имаме една симболика за победата на животот над смртта. Имено, таа зборува за Блажо Чекоров, нејзиниот татко, одгледан од тетка му Ташка Аризанова како посинок, но роден од мајката по име Зара (сестра на Ташка Аризанова), кој заради 15-те изгубени живородени деца ѝ е даден од Зара на Ташка на одраснување заради продолжување на родот. Понатаму, Ташка поради немањето среќа со сопствениот род, го оженува посинокот Блажо Чекоров уште на 17-годишна возраст за да дочека што побрзо внуци. Но судбината е слична како со тие 15 изгубени деца, па, така, од 12 деца што му се раѓаат на Блажо Чекоров, шест умираат како мали. Меѓу шесте живи деца е и Диме Чекоров, еден од настраданите ваташки младинци. Блажо Чекоров, и покрај загубата на синот, наместо да биде скршен, што и му било целта на бугарскиот окупатор, излегува во партизани, прво во одредот „Добри Даскалов“, потоа во баталјонот „Страшо Пинџур“ и на крајот станува дел од Втората македонска бригада. И не само што се борел туку и ги обучувал младите партизански доброволци, а го добил и одликувањето „Партизанска споменица 1941“. Доживувајќи длабока старост, умира во 1990 година.
Што ни кажува оваа судбина? Човекот што е одраснат како посинок заради продолжување на семејната лоза, човекот што и самиот половина од децата ги изгубил како мали, човекот што изгубил син во еден од најбруталните настани во Народноослободителната борба за Македонија, стрелањето на 12-те ваташки младинци, одлучува не да ѝ се потчини на судбината, ами да ја победи емотивната смрт во себе и да продолжи да се бори и да живее. Само продолжувајќи да се бориме и да живееме ние ја оправдуваме жртвата на сите оние што ги заложиле своите животи за нашето денешно постоење.
Затоа, преку овој приказ, го најавувам драмскиот ораториум во зародок посветен на ваташките младинци од македонскиот драмски писател Зоран Пејковски, со што детската жртва за македонската кауза ќе добие димензија на ваташка епопеја.
На крајот, им оддавам признание на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и на директорката на Винскиот музеј за регионот Тиквеш, Весела Честоева, што создадоа услови овие непосредни сведоштва за ваташката трагедија од Втората светска војна да бидат достапни за македонската јавност.
(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)