118 години од смртта на македонскиот војвода Леонид Јанков
Јанков е истакнат македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење и војвода на Македонската револуционерна организација, како и учесник во Илинденското востание. Неговата јуначка судбина е опеана во познатата песна „Трба трби Гевгелија“
Леонид Јанков е роден во селото Мачуково, оддалечено само четири километри од Гевгелија, на 10 март 1878 година. Во тоа време Мачуково било село во Гевгелиско, а денес спаѓа во кукушкиот округ. Сознанието дека ропската положба не може да трае вечно и да се поднесува, туку дека само организирани можат да се ослободат од ропството, и тоа со пушка в рака и со сопствени сили, зело замав и во Мачуково. Затоа со формирањето на организационите чети на почетокот на 20 век, многу селани од Мачуково се нашле во четите на Сава Михајлов и Аргир Манасиев.
Движејќи се со својот татко, Леонид уште млад се запознал со идеите и целите на Македонската револуционерна организација, а подоцна ѝ го посветил и својот живот. Првата поголема борба во која учествувал била на 4 февруари 1901 година во селото Бајалци, кога четата на Чернопеев била опколена со околу 500 турски аскери. Османлиите биле изненадени од отпорот на востаниците, додека народот се гордеел со храброста што ја покажале неговите синови. По оваа борба биле затворени многу селани, а меѓу нив и Леонид Јанков. Бидејќи иследните органи не можеле да докажат некоја револуционерна активност, повеќето биле пуштени по шест месеци, вклучувајќи го и Леонид.
Откако бил пуштен од затвор, сите го почитувале, знаеле дека носи оружје и дека е добар стрелец, па дури и Турците знаеле дека работи за организацијата, но не преземале нешто повеќе против него. Леонид имал еден пријател Турчин, Емишин, преку кого дознавал што се зборува за него во уќуматот. Сепак, по убиството на шпионот Ристо Дојчинов од страна на Леонид, тој бил многу компромитиран пред власта, па затоа преминал во илегала и ѝ се приклучил на четата на Аргир Манасиев.
Леонид бил одреден за десетар, а во 1902 година за околиски војвода во Гевгелија.
Оваа чета ги заштитувала луѓето од поробувачите, се борела против грчката пропаганда, ликвидирала нејзини претставници, а потоа се борела и против бугарскиот врховизам и пропаганда. Во текот на 1903 година Леонид се наоѓал во четата на Аргир Манасиеви учествувал во востаничката борба во гевгелискиот крај против османлиското ропство. Тоа не била фронтална борба, туку се одвивало преку диверзантски акции. По неуспешното завршување на Илинденското востание, во ноември 1903 година престанале сите борбени активности, а поголемиот дел востанички чети се префрлиле во Бугарија. Со четата на Манасиев, тоа го сторил и Леонид Јанков.
Откако се вратил во 1904 година во гевгелискиот крај, Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов на подрачјето на Богданци развил голема активност. Во текот на 1904 и 1905 година Организацијата претрпела тешки загуби поради сè поголемите пресметки меѓу оружените врховистички пропаганди од една страна и Организацијата од друга страна. Овие години биле години на големи удари врз нејзината жива сила, а особено врз раководниот кадар.
Откако дешифрирала едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, турската војска собрала 3.000 луѓе и го опколила просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите востаници бил засолнет во големите капини во месноста Ѓуров Дол.
Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со итрина успеал да убие многу непријатели, но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јузбашијата, а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на Турците.
Тој ден биеле сите камбани во градот и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3.000 луѓе од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата „Свети Спас“, на северната страна.