Во првиот месец од примената на системот „Безбеден град“ до Основниот кривичен суд Скопје се поднесени вкупно 476 приговори за поведување прекршочна постапка, 431 од правни лица и 45 од физички лица. По нив постапуваат 16 судии од одделот за прекршоци.
Од Судот појаснуваат дека граѓаните и правните лица кои не ја прифаќаат одговорноста за сторен прекршок имаат законско право да поднесат приговор.
– Сите поднесени приговори се навремено заведени во судот и согласно Законот за прекршоци, во рок од 8 дена доставени се до Министерството за внатрешни работи за нивно произнесување, што претставува неопходен предуслов за понатамошно постапување. Па заради тоа, до овој момент судот нема донесено правосилна судска одлука по сообраќајните прекршоци евидентирани преку системот „Безбеден град“, а по кои граѓаните или правните лица истакнале приговор – стои во соопштението.
Најголем дел од приговорите се однесуваат на прекршоци поврзани со неприспособена брзина, поминување на црвено светло и управување со нерегистрирано возило.
Како најзначајни предизвици се издвојуваат приговорите поднесени од лизинг компании за возила дадени на користење врз основа на договор за лизинг, како и приговорите од граѓани кои претходно ги отуѓиле своите возила, но не ги одјавиле во МВР, поради што им биле издадени прекршочни налози.
Основниот кривичен суд Скопје нагласува дека, имајќи ја предвид важноста и јавниот интерес за воведувањето на новиот систем за безбедност во сообраќајот, ќе продолжи да постапува по сите предмети во законски утврдените рокови и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот тек на постапките, како и за сите предизвици и обврски што граѓаните се должни да ги преземат.

































