Широката и квалитативно разработена правна рамка во Законот за заштита на културното наследство кореспондира со широката распространетост во материјална и духовна смисла на сонцето од Кутлеш како обединувачки симбол на Македонците. Според тоа, сосема е легитимна иницијативата (содржински и законски) на адвокатот Тони Менкиноски за прогласување на сонцето од Кутлеш за културно наследство и национално богатство заради обединувачката симболика на македонскиот народ
Сонцето од Кутлеш како обединувачки симбол на Македонците по време и по простор има своја материјална поткрепа во материјалните историски сведоштва, како и во колективната меморија кај македонскиот народ. Понатаму, со оглед дека Македонија поседува формат на државност, изградена е комплексна правна основа за сето ова и државнички да се поткрепи. Имено, Законот за заштита на културното наследство на Република Македонија содржи сеопфатна рамка за заштита на културното наследство и дефинирање на идентитетот на македонскиот народ, но и културолошките вредности на сите етникуми што егзистираат на овој простор.
Така, уште во самата определба што сѐ претставува културното наследство стои дека тоа се: материјални и нематеријални добра коишто, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски… амбиентални… социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции имаат културно и историско значење и заради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим… (член 2).
Според својствата, културното наследство може да биде: недвижно, движно и нематеријално, па тука, сонцето од Кутлеш наоѓа поткрепа во сите три поделби: 1) како архитектонски (составен) елемент во градителското наследство, 2) материјалните добра со статус на културно наследство, кои во целост можат да се движат или поместуваат од едно место на друго, а притоа да не се оштети нивната суштина (овде сонцето од Кутлеш може да биде дефинирано и како недвижност по намена, ако движниот предмет е составен дел од објект што претставува градителско наследство) и 3) разни облици и појави на човековото духовно творештво во минатото, коешто заедниците, групите и поединците го препознаваат како свое културно наследство и кое се пренесува од генерација на генерација… (член 3).
Целта на заштитата на културното наследство е: создавање на што поповолни услови за опстанок на културното наследство и за задржување на интегритетот на сите податоци што тоа ги носи во себе како сведоштво, извор или своевиден документ, како и ширење на сознанијата за вредностите и значењето на културното наследство и за неговата улога во културната идентификација (член 4).
Како основа за заштита на културното наследство е нагласено дека тоа се заштитува според неговите вредности, значење и степен на загрозеност, без оглед на времето, местото и начинот на создавањето или кој го создал и во чија сопственост или владение се наоѓа, како и без оглед дали е од световен или религиозен карактер и на која конфесија припаѓа или дали е регистрирано (член 5).
Потреба од остварување на заштитата всушност претставува развивање на свеста за значењето на културното наследство и опасностите на кои е изложено и потребата од негова заштита, односно протекторска свест (член 6).
Две терминолошки определби од Поимникот на овој закон силно ја поткрепуваат потребата од поведување постапка за прогласување на сонцето од Кутлеш за културно наследство, и тоа: „одржување“ во смисла на задржување на културното наследство во состојба на оптимална целосност и функционалност, со навремено преземање оперативни мерки и дејства што програмски се повторуваат и „почитување“, што значи воздржување од дејства насочени против заштитените добра, вклучувајќи ја нивната употреба во цели што би можеле да ги изложат на опасност од оштетување и уништување, како и претпазливост при изборот и примената на средствата и методите на заштита (последниот дел од реченицата доколку се работи за непосредна конзервација или реставрација).
Фреквенцијата на застапеност на сонцето од Кутлеш доминира кај движното културно наследство, па оттука е распределено кај: 1) археолошките предмети – движни наоди од кој било вид и материјал, ископани од земја или извадени од вода, кои потекнуваат од периоди што се предметни за археологијата или нејзините помошни науки; 2) етнолошките предмети – движни добра што сведочат за начинот на живеењето, активностите, обичаите, обредите, верувањата, идеите и креациите што се неопходни за да се разберат етничките карактеристики и промените во материјалната и духовната култура на македонскиот народ и на заедниците во Република Македонија; 3) историски предмети – движни добра поврзани со значајни историски настани или со активности на културни, националноослободителни, револуционерни и други политички движења и организации, просветни, културни, научни, верски, спортски и други институции и здруженија, државни органи или со животот и работата на истакнати личности, вклучувајќи ги старините што не припаѓаат на другите видови движно културно наследство, како и задолжителниот примерок на државни пари; 4) уметнички предмети – движните уметнички дела од областа на ликовните уметности, и тоа: слики и цртежи направени со рака на која било основа и од каков било материјал, освен индустриски дизајн и индустриски производи украсени со рака, оригинални скулпторски дела, уметнички композиции и монтажи во кој било материјал, оригинални гравури, бакрорези, литографии и други отпечатоци, оригинални постери и фотографии како начин на оригинално творење и делата на применетата уметност изработени во кој било материјал и 5) библиотечни добра – старите ракописи (средновековни и словенски или ракописи на други јазици) што се однесуваат на Македонија и старите ракописи на други јазици и од други култури во Македонија настанати до крајот на 19 век, инкунабулите и постинкунабулите печатени до 1530 година, првите изданија на книги на преродбеници и печатари или печатници во Македонија, старите карти и атласи на Македонија до 1913 година, посебни библиотечни целини што потекнуваат од просветни, културни, научни, верски и други институции во Македонија до крајот на 1946 година или што се издадени до тој период, а се однесуваат на значајни историски настани во Македонија, ретки книги и друг редок библиотечен материјал утврден со закон, ракописниот и старопечатениот нотен и филателистички материјал, како и семејни и лични библиотеки од научно или културно значење.
Во делот на нематеријалното културно наследство, пак, сонцето од Кутлеш се препознава во севкупната колективна меморија на македонскиот народ, а искажана со правната одредница – изрази од нематеријалното народно творештво.
Застапеноста на сонцето од Кутлеш кај Македонците, покрај правната основа за прогласување културно наследство, отвора можност да се смета и како национално богатство во согласност со Законот за заштита на културното наследство, ратификуваните меѓународни договори и прописите на Европската Унија, бидејќи има значителна честа појава кај широк спектар материјални подлоги, а предвидени со законските ставки (член 32-а): 1) археолошки предмети постари од 100 години што потекнуваат од копнени или подводни истражувања и откритија, археолошки наоѓалишта и археолошки збирки; 2) елементи што се составен дел на уметнички, историски или религиозни споменици кои биле раздвоени и се постари од 100 години; 3) слики и сликарски дела поинакви од тие опфатени во точките 4 и 5 на овој став, што во целост се изработени рачно, во која било техника и материјал, постари од 50 години; 4) акварели, гвашеви и пастели што во целост се изработени рачно, во кој било материјал, постари од 50 години; 5) мозаици од сите материјали изработени рачно, поинакви од тие опфатени во точките 1 и 2 на овој став, како и цртежи изработени во која било техника и материјал, постари од 50 години; 6) оригинални гравури, графики, сериграфии и литографии со соодветни плочи и оригинални постери, постари од 50 години; 7) оригинални скулптури и бисти и копии изработени во иста постапка како оригиналот, освен тие опфатени во точка 1 на овој став, постари од 50 години; 8) фотографии, филмови и нивни негативи и оригинални звучни записи, постари од 50 години; 9) инкунабули и ракописи, како и географски карти и музички партитури, поединечно или во збирка, постари од 50 години; 10) книги постари од 100 години, поединечно или во збирка; 11) печатени географски карти постари од 100 години; 12) архивска граѓа и кој било нејзин дел, од кој било вид и медиум, постари од 50 години; 13) архитектонски, научни и инженерски цртежи, скици и макети постари од 50 години; 14) нумизматички, филателистички, етнографски и историски збирки или поединечни предмети од такви збирки, постари од 50 години; 15) превозни средства и нивни делови, постари од 75 години; 16) други антиквитети постари од 50 години што не се опфатени во точките 1 – 15 на овој став (играчки, стаклени предмети, предмети од злато, сребро, глина и керамика, мебел и други производи од дрво, метал, музички инструменти, часовници и нивни делови, оружје, муниција, експлозиви и војничка опрема, текстилни производи, униформи, носии, везени работи, килими, таписерии, оптичка, фотографска и филмска опрема, алати, машини, мерни инструменти, наставни помагала, медицинска опрема, технички и занаетчиски предмети и други предмети што не се наведени посебно).
Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство е подзаконскиот акт на Законот за заштита на културното наследство од каде што се започнува иницијативата за поведување постапка за прогласување на одредено културно наследство, како и негово оперативно спроведување.
Иницијативата за поведување ваква постапка може да биде од државни органи, органите на локалната самоуправа или од други заинтересирани субјекти, а се доставува и по неа постапува надлежна јавна установа за заштита на културното наследство или овластен субјект за заштита на овој вид културно наследство.
Во конкретниов случај, сонцето од Кутлеш како обединувачки симбол на Македонците, имајќи ја предвид материјалната распространетост на конкретното претпоставено (во моментов, во оваа фаза) културно наследство, надлежни установи би биле: Музејот на Македонија, како матичен музеј во однос на историјата, историјата на уметноста и етнологијата, но и како овластен субјект за заштита на нематеријалното културно наследство од 2008 година; Музејот на современата уметност, како надлежен матичен музеј за современата уметност и Археолошкиот музеј на Македонија, како матичен музеј во однос на археологијата. Матичната улога на музеите е одредена во Законот за музеите.
Широката и квалитативно разработена правна рамка во Законот за заштита на културното наследство кореспондира со широката распространетост во материјална и духовна смисла на сонцето од Кутлеш како обединувачки симбол на Македонците. Според тоа, сосема е легитимна иницијативата (содржински и законски) на адвокатот Тони Менкиноски за прогласување на сонцето од Кутлеш за културно наследство и национално богатство заради обединувачката симболика на македонскиот народ.
(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)