Фото: Игор Бансколиев

НАЈАВАТА ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ НА ДУИ ОД ВЛАСТА КАКО ПОВОД

Функционирањето и постоењето на партиите во својата суштина подразбира и борба за власт заради остварување на поставените цели и програми. ДУИ повеќе од две децении е во власта и, според оцените на многумина аналитичари, токму од неа зависи опстојувањето на власта. Дали со најновиот потег и најавите за излегување од власта ДУИ, низ призмата на привиден губитник, настојува за излезе како севкупен победник, кој се решил да поднесе жртва во интерес на државата и европската иднина? Или можеби напуштањето на власта ќе биде само фиктивно, а во заднина и понатаму сите клучни потези ќе се координираат и влечат преку Мала Речица. И конечно, дали можеби некој му потшепнал на ДУИ дека и во наредните, па и предвремени избори пак ќе биде дел од власта. Аналитичарите имаат поделени ставови во однос на сите овие прашања и дилеми

Експресното прифаќање од страна на ДУИ да не биде дел од власта предизвика доза вчудовиденост кај домашната политичка јавност. Изненадувањето е дотолку поголемо што ваквиот став на ДУИ беше соопштен по речиси незавршена лидерска средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На средбата, на која во фокусот на разговорите беа уставните измени, како што соопштија и двајцата лидери, имало предлог да се изгласаат уставните измени и веднаш потоа да се формира влада на широка коалиција, во која ќе влезе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но без ДУИ во неа. Ова, меѓу другото, е побарано од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додека премиерот Ковачевски бил на став дека е потребна широка влада на стабилизација, со ДУИ во неа. И додека двајцата политичките лидери ги образложуваа предлозите и можните сценарија во однос на измените на Уставот и евентуално формирање широка коалиција, ДУИ експресно извади своја карта (или можеби џокер) од ракавот истакнувајќи дека прифаќа да не биде дел од Владата. Или со шаховски термин, кажано ДУИ изигра дамин гамбит, жртвувајќи фигура со надеж за победа на крајот.
– Демократската унија за интеграции (ДУИ) се согласува да не биде во владата што ќе се формира откако претходно ќе се изгласаат и ќе стапат во сила уставните измени. ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сè – објави портпаролот на партијата, Бујар Османи, на Фејсбук.

Османи патем е и министер за надворешни работи и еден од највисоко позиционираните функционери на ДУИ во власта.
Функционирањето и постоењето партии во својата суштина подразбира и борба за власт заради остварување на поставените цели и програми. ДУИ повеќе од две децении е во власта и, според оцените на многумина аналитичари, токму од неа зависи опстојувањето на власта.

Притоа со години сите важни институции се во рацете на ДУИ, почнувајќи од претседателот на Собранието, потпретседатели во Владата, министри, заменик-министри во повеќе клучни министерства, па сѐ до директорски места и други раководни позиции во државните институции. Под контрола на ДУИ се и моќни институции како што се МЕПСО, АЕК, Фондот за здравство, Државни патишта, но и во безбедносните служби.

Со еден збор, предолг е списокот на кадри на ДУИ што се наоѓаат на значајни и раководни позиции во државата. Дали сега одеднаш, речиси прекуноќ сите овие кадри на ДУИ ќе ги напуштат функциите, со што партијата, која над 20 години диригира и доминира во политиката, како дел од секоја влада, сега целосно сама ќе се развласти. Никој толку лесно не ја напушта власта, освен ако во заднина нема некое претходно друго добро разработено сценарио. Дали можеби ДУИ низ призмата на привиден губитник, може да излезе како севкупен победник, кој се решил да поднесе жртва во интерес на државата и европската иднина?

Преку дамин гамбит, со пион жртва, да ја добие целата партија.
Или можеби напуштањето на власта ќе биде само фиктивно, а во заднина и понатаму сите клучни потези ќе се координираат и влечат преку мала Речица.
И конечно дали можеби некој му потшепнал на ДУИ дека и во наредните, па и предвремени избори пак ќе биде дел од власта, или можеби добил некаква меѓународна гаранција дека сѐ уште ќе важи непишаното правило за коалицирање „победник со победник“.

Сите овие прашања и дилеми се легитимни и отворени пред јавноста, но малку кој во моментов може да насети кои се вистинските намери што се кријат зад потегот на ДУИ.
Сепак со оглед на досегашното искуство од функционирањето на партијата, која изминатите години имаше силна поддршка и тесни врски со меѓународната заедница, за очекување е дека и последниот потег е со знаење и во координација со некои надворешни центри на моќ.

Аналитичарот Алберт Муслиу, кој внимателно ги следи и анализира политичките случувања, за последниот потег на ДУИ вели дека изгледа малку изненадувачки бидејќи никој не излегува толку лесно од власта.
– Но Ахмети е велемајстор за збунување. Сигурно во однос на ваквиот потег ќе има дилема и кај албанската заедница, зашто ДУИ некој го избрал за да биде во власта – вели Муслиу.

Тој нагласува дека во ДУИ се свесни, бидејќи не се толку аматери во политиката, дека ова е меч со две сечила, но свесно влегуваат и го прават тој чин, кој, според него, е за поздравување.

Според аналитичарите, тешко е да се поверува дека ДУИ претходно не направил консултации со меѓународните фактори пред да се одлучи за ваквиот потег, при што прави паралели и со случувањата во Косово.
– Сосема извесно дека некој претходно му намигнал на ДУИ. Видете само каков е односот на меѓународната заедница на Косово. И таму заклучокот е дека ниту Американците, ниту Европејците бараат компромис од некого затоа што тоа е во нивен интерес, туку бараат зашто е во интерес на граѓаните и државата – велат соговорниците.

Инаку, во однос на излегувањето на ДУИ од власта со свој став и во свој отворен „без влакна на јазикот“ стил излезе и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
– Бидејќи ДУИ разбира политика, од уште незавршена прес-конференцијата излезе со став: нема проблем ние ќе излеземе од Влада само ти гласај ги уставните промени Христијан! ДУИ ќе излезе од Владата, Мицковски ќе влезе, ќе ја голтне „бугарската жаба“ и ќе ги изгласа уставните промени и за еден месец ќе му ги удрат клоците од влада и ДУИ ќе се врати назад – смета Јакимовски.

На веб-страницата на ДУИ сѐ уште нема никакви информации во однос на нивниот најнов партиски став да не бидат дел од Владата. Последните содржини што се објавени на страницата на ДУИ се однесуваат на посетата на државната секретарка и заменик-главна преговарачка со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која учествува на воведната сесија на конференцијата „Проширувањето на Европската Унија во новиот геополитички контекст“, што се одржува на 7 и 8 јуни во Мадрид. На конференцијата учествуваат експерти, креатори на политики и академици од Македонија, Шпанија и други земји-членки на ЕУ за да разговараат за моменталната состојба на ЕУ, проширувањето и нејзините идни перспективи.

Инаку, од 1 јули годинава, Кралството Шпанија го презема претседавањето со Советот на Европската Унија, а проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан треба да остане приоритет на ова претседавање и во наредните 6 месеци, кои се клучни за Македонија, кога се очекува завршување на скрининг-процесот, одобрување на уставните измени и отворање кластери и поглавја во јануари 2024 година, пишува на сајтот на ДУИ.

Таму има и порака по повод друг настан на лидерот Ахмети во која се вели – заедно нераскинливи околу нашите национални идеали! Нека е вечна сенародната албанска врска!

Судејќи по најновите содржини од сајтот на ДУИ ништо не навестува дека партијата е подготвена сама себеси да си изврши евтаназија и толку лесно да се согласи на целосно развластување, по повеќе од две децении во врвот на власта. Во политиката, сепак, ништо не е исклучено и останува да видиме во кој правец ќе се одвиваат работите во следниот период.