Фото: Игор Бансколиев

Сообраќајната блокада што ја предизвикаа вчера приватните автобуски превозници, поради неисплатен долг, предизвика целосен сообраќаен хаос во главниот град. Недолжните граѓани, кои поради блокадата не можеа да ги завршат планираните обврски, се гневни и велат дека прекуглава им е од протести и блокади, бидејќи сето тоа најмногу се одразува врз нив. Со блокирање на сообраќајниците што се крвотокот на метрополата, практично во заложништво се држат сите граѓани, коментираат тие

ПРОТЕСТОТ НА ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗНИЦИ ГО ЗАКОЧИ ГРАДОТ

Скопје вчера осамна под сообраќајна опсада. Приватните автобуски превозници ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“, при што речиси целиот град остана блокиран.
Скопјани револтирано коментираа на социјалните мрежи дека мора да се најде друг начин за решавање на проблемите, затоа што на овој начин трпат само обичниот човек, кој брза на работното место за да го спечали парчето леб, учениците, кои не можеа да стигнат во училиштата, како и другите граѓани што останаа заглавени во хаосот.

ПРОТЕСТИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ

Метеж, пцости, свирежи, нервоза, закочени улици преполни со возила беше сликата што го разбуди главниот град вчераутро, откако крстосницата на Бит-пазар беше блокирана.
Ваквата ситуација се разви откако минатата недела, преговорите меѓу приватните превозници и градските власти не завршија позитивно. Како резултат на тоа, а по претходна најава, вчераутро повеќе од 30 автобуси на приватните превозници ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“.
Приватните автобуси престанаа да возат бидејќи ЈСП и Град Скопје не им исплаќаат пари за тоа што возат секој ден. Според договорот на приватниците со Градот, тие треба да добиваат по едно евро за секој изминат километар. Но градските власти не го испочитувале овој договор и три месеци не им биле префрлени пари на превозниците, со што вкупниот долг е 1,5 милион евра.
Според она што е досега познато, приватните превозници во јавниот превоз учествуваат со над 200 автобуси, но тие на вчерашниот протест изнесоа и други барања.
Претставникот на „Слобода превоз“, Кемал Муриќ, на протестот ја обвини градоначалничката за ваквиот колапс на градскиот превоз, а од Владата побара да ѝ се одземат ингеренциите на Арсовска.
– Господине премиер, ние сме граѓани на овој град и на оваа држава што може лесно да бидеме излажани, како што и бевме излажани, гласавме за градоначалничката да дојде на власт. Ве молиме да ги искористите сите мерки и средства што ви стојат на располагање, како на пример одземање на ингеренциите, да не се дозволи вакви ликови да бидат на чело и да држат ваква висока функција и позиција како што е градоначалник на Град Скопје – изјави Муриќ.
Претходно, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, обвини дека приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту една продадена карта во автобус, а побарувале средства од ЈСП „Скопје“ за изминати 400.000 километри месечно, со што вршеле двојна наплата за услугата што ја вршат.
Превозниците на вчерашниот протест ги отфрлија ваквите обвинувања и најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови на повеќе крстосници, доколку не се решат проблемите. Според нивните зборови, ќе останат таму сѐ до исплаќање на долгот од повеќе од еден милион евра. Како што истакнаа, ако нема договор, ќе се активира заканата дека целосно ќе го парализираат градот со сите возила со кои располагаат.

ГРАЃАНИТЕ РЕВОЛТИРАНИ

Граѓаните револтирано велат дека мора да се најде друго решение за овој проблем. Велат дека прекуглава им е од протести и блокади, бидејќи сето тоа влијае на нивното секојдневно функционирање и на извршувањето на обврските.
– Тој што вчераутро не беше на Бит-пазар, не може да претпостави каков хаос се случуваше. Да, секој има право на протест и секој има право да си ги исполни своите демократски загарантирани права, но сето тоа не смее да биде на грбот на граѓаните. Не е фер сите ние да трпиме. Сите доцневме некаде. На работа, во училиште, на состаноци, во градинки, на закажани лекарски прегледи… мора да се најде начин за да се избегнат токму овие работи што директно влијаат врз нас обичните луѓе – вели Тони Стојановски, кој вчераутро останал заглавен во метежот кај „Мавровка“.
Според нив, градот не може повеќе да функционира вака.
– Ова е тема што нѐ засега сите нас и е во интерес на сите нас. Штом е во интерес на народот, мора да се најде решение за доброто на народот. Никако не смееме ние да трпиме, затоа што ние си плаќаме за секое наше возење, дали било со телефони, картички или, пак, сме купиле билет во автобусите. На крајот стапот повторно го изеде народот по сопствениот грб – вели Влатко Милевски.
Проблемите со автобускиот превоз добиваат интензитет изминатиов период. За потсетување, минатиот месец проблем имаше и со платите на вработените во ЈСП „Скопје“, па и тие еден ден не возеа бидејќи имаа колективен штрајк, што за првпат во историјата го остави Скопје без автобуски превоз. Исто така, поради долг што не можеа да го наплатат од ЈСП, престанаа да сообраќаат и автобусите на вториот приватен превозник „Макекспрес“, па овие линии во меѓувреме беа заменети со автобусите на ЈСП.