Фото: Игор Бансколиев

Во Македонија, со околу 35.000 вработени и повеќе од 600 милиони евра годишен извоз, текстилната индустрија е една од водечките индустриски гранки и таа произведува околу 700 тона текстилен отпад годишно. Во меѓувреме се направени истражувања и анализи за рециклирањето на текстилниот отпад од кој може да се добие нов производ со додадена вредност

ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА ЗАТРУПАНА СО НЕИСКОРИСТЕНИ ОСТАТОЦИ ОД ПРОИЗВОДСТВОТО

Македонија, која изобилува со секундарни суровини во форма на индустриски отпад, заостанува во однос на неговото искористување и преработка. Индустрискиот отпад настанува во производствените процеси на компаниите, а по составот и својствата се разликува од комуналниот отпад. Неадекватното депонирање на отпадот, како и непочитувањето на нормите од страна на одговорните во индустријата, претставува проблем со кој се доведува во опасност животната средина. Но тоа претставува и дополнителен трошок за фирмите, кои во услови на економска криза се принудени да врзуваат дел од своите потенцијали (финансиски и просторни) за складирање и управување со отпадот. Текстилниот отпад конкретно претставува сериозен еколошки проблем, со огромен потенцијал за негова реупотреба како суровина за производство на нови материјали.
Во Македонија, со околу 35.000 вработени и повеќе од 600 милиони евра годишен извоз, текстилната индустрија е една од водечките индустриски гранки и таа произведува околу 700 тони отпад годишно. Општината Штип, со околу 80 текстилни компании, е општина со најразвиена текстилна индустрија во државата, каде што всушност и се создава најголемото количество на нерешен текстилен отпад. Кога се зборува за текстилен отпад, тој се генерира и од домаќинствата (како на пример износените алишта) и исто така претставува сериозен проблем што ја загадува животната средина.
– Магацините и халите на штипските текстилни конфекции се затрупани со текстилен отпад. Материјалот што останува по шиењето на готовите текстилни производи се складира и мора да помине низ посебна процедура, за да се транспортира на градската депонија „Трештена скала“ – вели Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни конфекции во текстилниот кластер.
Текстилните фабрики во Македонија преземаат сопствени иницијативи за преработка на резервите на текстилниот отпад. Со партнер од Хрватска пред пет години беше формирана фирма за рециклирање и искористување на текстилниот отпад од македонските текстилни фабрики, и тоа за автомобилската индустрија во Хрватска. Но идејата пропаднала поради актуелните закони и прописи во земјава.

– Тогаш не најдовме разбирање од Царинската управа, бидејќи баравме да нè ослободат од вредноста на тој отпад. Тогаш ни рекоа дека не може да се смени таа регулатива, тешко е да се организира таа промена и така остана тоа, а фирмата чека некои подобри времиња. Штета е тој отпад да се уништува на овој начин како што го уништуваме сега. Прво ја загадуваме животната средина, потоа имаме огромни трошоци за него, а во целиот свет се рециклира и се прави некаков производ од него – вели Нашков.
Две невладини организации, ФРЛЗ и „Гласен текстилец“, веќе неколку години работат на рециклирање на текстилниот отпад. Направени се истражувања и анализи за рециклирањето на текстилниот отпад од кој може да се добие нов производ со додадена вредност.
– Сакаме да ја издигнеме свеста на луѓето дека текстилниот отпад не е само отпад туку е ресурс, репроматеријал, кој може да им овозможи економска независност на одредени социјални категории луѓе. Од текстилниот отпад се произведуваат перници за седење, украсни перници, потоа за домашни миленици и кукли за деца. Има и други начини на кои може да се употреби за изолациски панели, бехатон-плочки и друго – вели Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ).
Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ вели дека како здружение формирано од текстилни работнички имаат големо познавање од работењето со текстилен отпад и лон-производство. Со поддршка на една фондација имале можност овие две години да поработат на искористување на отпадот, со што се отвориле и можности за вистинско економско зајакнување на жените преку социјални претпријатија или задруги.
– Дополнително, за време на корона-кризата, многу жени од текстилниот сектор останаа без работа, па го видовме и на дело недостигот од тоа лон-производство во време кога никому не му беше дојдено до модни парчиња и брендови поради фактот што целиот свет беше затворен и бевме дома. Брзата мода е на второ место како глобален загадувач и тоа нè натера да ги следиме искуствата во светот и регионот – вели Ампева.
Според изјавата на Директорот на штипското комунално претпријатие „Исар“, Трајче Здравков, на градската депонија годишно пристигнува околу 30.000 тони различен отпад, од кои тој потврдува дека од 600 до 700 тони се од штипските конфекции, со што во вкупниот отпад учествува со околу три проценти. Овој отпад влегува со 40 проценти од делот на индустрискиот отпад што пристигнува на депонијата од сите индустриски капацитети од општината Штип.

Од 1 јануари 2023 година стапува во сила новиот закон за употреба на текстилен отпад, масла и гуми од возила. Според новиот закон, градоначалникот има обврска да одреди локации на кои ќе има селектирање на овој отпад. На местата каде што ќе бидат поставени контејнери за примарна селекција, а знаете дека на повеќе локации во градот има контејнери во боја, за пластика, хартија и стакло, градоначалникот се надева дека ќе бидат обезбедени и контејнери за одделено селектирање на текстилниот отпад.
До пред извесен период целиот текстилен отпад завршуваше на депониите. Меѓутоа, со реализацијата на регионалниот проект „Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“, со директна поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, се создадоа услови за користење индустриски текстилен отпад како алтернативно гориво во цементарница. Носењето на отпадот до цементарница треба да го организираат самите компании, така што тоа би требало да се врши редовно, а сега, со новите зголемени трошоци, сепак тоа ќе биде малку поголем товар за компаниите. Малите произведувачи зависат од организаторите на транспортот на отпад, па затоа е потребна и институционална поддршка за да може проектот да заживее на целата територија. М.Ј.