Фото: Маја Јаневска-Илиева

Веќе пристигнаа и првите апели од Центарот за управување со кризи до граѓаните да си ги исчистат оџаците и покрај тоа што е активна грејната сезона, бидејќи тие се чести и се потенцијална опасност за поголеми и фатални пожари. Како што информираат од ЦУК, неодамна, само во едно деноноќие, на единствениот број за итни случаи добиле четири пријави за запалени оџаци, а еден од опожарените оџаци предизвикал палење на поткровје на куќа

МАЛА ЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНОТО ЧИСТЕЊЕ ОЏАЦИ

Речиси половина од жителите на Скопје ги загреваат своите домови со помош на печки на дрва, покажува едно истражување направено по барање на Програмата за развој на ОН (УНДП), а во соработка со Град Скопје и со Министерството за животна средина и просторно планирање во 2017 година. Според податоците од истражувањето, 47 проценти од домаќинствата во скопските урбани и рурални средини за загревање на своите домови користат огревно дрво, јаглен, пелети, брикети и друго цврсто гориво. Оттогаш се поминати шест години, а со оглед на тоа што скорешно истражување за тоа на што се греат скопјани нема, логично е да претпоставиме дека бројката е за некој процент намалена, како резултат на многубројните субвенции од страна на градските власти, со кои на граѓаните им се нуди опција субвенционирано да купат печки на пелети и инвертери. Но, и покрај доделените субвенции, граѓаните зимава продолжија да се греат на традиционалниот начин, бидејќи цените на струјата, но и на пелетите, се нешто повисоки од огревните дрва, а токму тие требаше да бидат соодветна замена за традиционалните печки на дрва. Сепак, и покрај многубројните субвенции, скопјани продолжија да се загреваат на дрва, но се чини дека немаат интерес да си ги исчистат оџаците и покрај тоа што за тоа добиваат субвенции.

МАЛ ИНТЕРЕС ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ОЏАЦИТЕ ВО ДОМОВИТЕ

Дека скопјани не се заинтересирани за чистење на оџаците во своите домови, па дури ни кога дел од трошоците или, пак, целокупните трошоци за чистењето се субвенционирани говори и фактот што изминатите години опаѓа интересот за субвенционирано чистење.
Според податоците, субвенции за чистење оџаци се доделуваат во изминатите шест години. За тој период се доделени речиси 1.800 субвенции, а минатата година само 112.
Една од најчестите причини за пожари во домаќинствата се токму неисчистените оџаци, а уште поголема причина се и за загадувањето на воздухот. Таквата состојба се провлекува со години. Слично беше и во 2020 година, кога на повикот на градските власти пристигнаа само 95 барања.
Неисчистените оџаци, освен што загадуваат, претставуваат и огромен ризик по животот на луѓето, бидејќи од недоволно прооден оџак лесно настануваат пожари, кои честопати знаат да земаат и жртви и да пеплосаат повеќе домови.
Повикот за субвенционирање на домаќинства и други субјекти на подрачјето на градот за чистење оџаци заврши на крајот на октомври. Повикот траеше од 12 јуни, а за чистење оџаци пристигнале само 112 барања.
– Со овој повик, Градот Скопје надоместува дел од трошоците на домаќинствата и на другите субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.200 денари, а целта на проектот е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите што не се приклучени на централно греење, пред сѐ, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовното чистење и одржување на оџаците.
Мерката има цел да постигне позитивни ефекти – подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓи и на трошоците за затоплување, како и издигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата од чистење на оџаците – информираа градските власти.

АМАТЕРСКОТО ЧИСТЕЊЕ МОЖЕ СКАПО ДА ЧИНИ

Сепак поразува и информацијата дека многумина сами си ги чистеле оџаците и се цврсто убедени дека добро го направиле тоа, и покрај тоа што практиката вели поинаку и покажува дека нестручното чистење може да биде фатално. Некои од граѓаните тврдоглаво продолжуваат да ги игнорираат апелите на надлежните и самостојно си ги истат оџаците.
– Сам го чистам оџакот веќе неколку години. Запознаен сум со тоа дека градот дава субвенции за чистењето на оџаците, но јас имам четка, знам како се чисти, па секоја есен тоа го правам сам – вели Стојан, жител на Драчево.
Со оглед на тоа што синоптичарите најавуваат сув студ во периодот што доаѓа, граѓаните ќе почнат поинтензивно да ги ложат своите печки. Според познавачите, тоа значи зголемување на температурите во самите оџаци, а доколку во нив има насобрано пепел и ѓубре, тоа претставува темпирана бомба за домаќинствата.
– Со поинтензивното ложење на печките на дрва многу лесно може да дојде до палење на ѓубрето во оџаците. Тоа значи дека од оџакот ќе излегуваат пепел и огнени јазици, кои можат да предизвикаат пожар и во соседните објекти и дрвја. Дополнително, високата температура ги вжештува ѕидовите на оџакот до тој степен што тие пукаат при толку високи температури, па можат да го прошират пожарот за неколку секунди преку ѕидовите. Најлошото сценарио е враќање на огнот назад кон печката. Тоа е темпирана бомба – вели Спиро Стојановски, оџачар во пензија.

ИСЧЕЗНУВА ПРОФЕСИЈАТА ОЏАЧАР

Наспроти евидентната потреба од специјализиран кадар што би се грижел за состојбата на оџаците во Скопје и во околината, од надлежните во градот што ја следат оваа област добивме загрижувачки податоци. Според она што ни беше презентирано, загрижува податокот дека оџачарството како професија веќе не е атрактивно за невработените лица како што беше порано. Според официјалните податоци, на јавните повици што градот ги реализира изминатите години обуката за оџачар ја завршиле само 25 кандидати, а на повикот од преклани се пријавиле само шестмина.


Апел за чистење од ЦУК

Веќе пристигнаа и првите апели од Центарот за управување со кризи до граѓаните да си ги исчистат оџаците и покрај тоа што е активна грејната сезона, бидејќи тие се чести и се потенцијална опасност за поголеми и фатални пожари.
Како што информираат од ЦУК, неодамна, само во едно деноноќие, на ниво на цела држава, на единствениот број за итни случаи добиле четири пријави за запалени оџаци, а еден од опожарените оџаци предизвикал палење на поткровје на куќа.
– Центарот за управување со кризи потсетува и апелира за превентивно дејствување против пожари на оџаци, иако е во ек грејната сезона и тоа требало да се направи порано. Редовното чистење оџаци го спречува нивното палење. Никогаш не е доцна, се разбира за тие што не го направиле тоа. Овој апел за чистење на оџаците е од причина што речиси секојдневно во грејната сезона има барем по едно известување за гаснење пожар на запален оџак. Тие пожари навидум не се опасни, но неретко од нив се палат и објекти и куќи. Конкретно, неодамна имавме извештај за четири такви интервенции во едно деноноќие, при што едниот запален оџак предизвикал палење на поткровје на куќа, кој, за среќа, брзо бил пријавен, по што пожарникарите го изгаснале. Конкретно, пожарникарите од Прилеп интервенирале на запален оџак, а валандовските пожарникари во едно деноноќие имале една помала интервенција поради запален оџак и дел од поткровје во Јосифово. Пожарникарите од Охрид имале една помала интервенција на запален оџак и пожарникарите од Кавадарци во изминатото деноноќие имале една помала интервенција поради запален оџак – информираа од ЦУК.