Основното училиште „Киро Глигоров“ е едно од училиштата во кои треба до крајот на месецов да се постават фотоволтаични системи на покривите - Фото: Игор Бансколиев

СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЈА ИЗГЛАСА ОДЛУКАТА ЈП „ЕНЕРГИЈА ЦЕНТАР“ ДА СЕ ЗАДОЛЖИ СО 850.000 ЕВРА ЗАРАДИ ПОСТАВУВАЊЕ ФОТОВОЛТАИЦИ

Советот на Општина Центар и официјално даде зелено светло за предлог-одлуката за задолжување на трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за задолжување од 850.000 евра за поставување фотоволтаични системи на покривите на општинските основни училишта. Месецов треба да се постават фотоволтаични системи на покривите на основните училишта „Кочо Рацин“, „Киро Глигоров“ и „11 Октомври“. Исто така предвидено е да се стави во функција и донираната фотоволтаична централа во објектот „Пепелашка“, на детската градинка „Раде Јовчевски-Корчагин“

Општина Центар е првата општина што формира сопствено јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија. На 14-та седница, советниците едногласно ја поддржаа иницијативата за основање општинско јавно претпријатие за производство на електрична енергија. На 16-та седница на советот, советниците ги изгласаа планот и програмите за развој на Општина Центар за периодот од 2023 до 2025 година, во кои е содржан и проектот за поставување фотоволтаици на основните училишта.
Според соговорниците од Општината, „со поставувањето фотоволтаици, Општината значително ќе заштеди на трошоците за сметки за топлинска и електрична енергија во основните училишта, а средствата ќе може да се пренаменат во други активности важни за жителите“. Идејата им е Општина Центар да биде првата енергетски независна општина во државата.

ЗАШТЕДА И АЛОЦИРАЊЕ НА СРЕДСТВАТА

Општина Центар го формира претпријатието „Енергија Центар“ и со тоа го доби второто општинско јавно претпријатие.

Формирањето на трговското друштво „Енергија Центар“ овозможува олеснување на процедурата за инсталирање поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти, како основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти што се под надлежност на Општината.

Општината преку „Енергија Центар“ ќе може да инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавата, а вкупната инвестиција за инсталирање ќе изнесува околу 1.755.000 евра, со поврат на инвестиција за околу 4-5 години.

Како што истакна градоначалникот Горан Герасимовски, со реализацијата на овој проект, Општината ќе биде електроенергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали, додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе бидат искористени за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти што ќе им бидат од корист на граѓаните.
Со тоа, Центар е првата енергетски независна општина.

ЗЕЛЕНО СВЕТЛО И ОД СОВЕТОТ

Советот на Општина Центар и официјално даде зелено светло за предлог-одлуката за задолжување на трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за задолжување од 850.000 евра за поставување фотоволтаични системи на покривите на општинските основни училишта. Месецов треба да се постават фотоволтаични системи на покривите на основните училишта „Кочо Рацин“, „Киро Глигоров“ и „11 Октомври“. Исто така предвидено е да се стави во функција и донираната фотоволтаична централа во објектот „Пепелашка“, на детската градинка „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Освен училиштата, планирано е фотоволтаици да се постават и на градинките, но и на паркинзите на ПОЦ, а вишокот електрична енергија ќе се продава, со што Општината дополнително ќе остварува финансиски средства.

Според Герасимовски, ова е проект што треба да го подготвуваат и другите општини, бидејќи вакво јавно претпријатие секако ќе донесе бенефиции за општината и граѓаните.

Професорот Драган Миновски од Електротехничкиот факултет, кој учествува во комисијата што ја прави евалуацијата за претпријатието на Центар, во едно телевизиско гостување истакна дека формирањето на ова претпријатие е одличен проект, особено сега, кога се олеснети административните процедури за поставување фотоволтаични централи на покривите на јавните институции.
– Во моментов имаме олеснување во законската регулатива за поставување фотоволтаични електроцентрали на покривните површини. Така што со таа олеснета процедура веќе нема одредени административни барања и дозволи што треба да се добијат од општините и од другите јавни претпријатија за поставување фотоволтаични електроцентрали. Потребен е основен проект за електрика и архитектура, со кој се известува општината, и потоа следува изведбата, која е многу брза – изјави Миновски.
Според него, поставувањето е многу брзо за разлика од сите други видови производствени капацитети за електрична енергија, односно една постројка на покривна површина од 100 киловати може да се изгради за две недели, не сметајќи го административниот дел околу набавка. Во секој случај, техничкиот дел на процедурата е навистина брз и лесен.