Рестарт на целата економија

Анализа во Стопанската комора на Македонија: Недостига силна политичка волја за излез од маѓепсаниот круг на сивата економија

Процените се дека сивата економија кај нас изнесува околу 33,2 отсто, што е во рамките на регионалниот просек на земјите од Западен Балкан. Во Европската Унија таа изнесува околу 19,4 отсто од БДП. Доколку би успеале да се приближиме до европскиот просек, годишните приходи за државата, поради намалување на сивата економија, би изнесувале околу 450 милиони евра годишно

Намалувањето на сивата економија во Македонија не е само економско туку и длабоко општествено прашање и е во интересе на секој граѓанин и правен субјект што редовно го плаќа даноците. За намалување на сивата економија се потребни бескомпромисна борба и постоење на силна политичка волја за таа да се стави во подносливи рамки, со што ќе се воспостават и еднакви пазарни услови за сите субјекти, кои би можеле да ги подобрат својата конкурентност и развој, а со тоа и поголем раст на националната економија. Ова се заклучоците од вчерашната презентација на анализата „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“ изработена од авторите Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, Павле Гацов, даночен експерт и член на УО на СКМ, и професорот Александар Стојков.

Намалувањето на сивата економија е едно од клучните приоритети и прашања на кои посочува најголемата бизнис-заедница во Македонија, нагласи Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора, пред почетокот на презентацијата.
– Веќе триесет години се вртиме во маѓепсаниот круг и се наоѓаме пред период кога ни е потребно да се направа целосен пресврт и рестарт на целата економија. Наместо УЈП да објавува црна листа за тоа кој не плаќа данок, да почне да објавува бела листа, која ќе покаже кој го полни буџетот – изјави Азески.

Во 2022 година, сивиот дел на македонската економија може да се процени на вредност од 4.282 милиони евра, или финансиската загуба во буџетските приходи на земјата изнесува 1,280 милијарди.
– Постојат различни избори за висината на сивата економија во земјата и таа се движи меѓу 17 и 33,4 отсто од БДП. Процените се дека сивата економија кај нас изнесува околу 33,2 отсто, што е во рамките на регионалниот просек на земјите од Западен Балкан. Во Европската Унија таа изнесува околу 19,4 отсто од БДП. Доколку би успеале да се приближиме на европскиот просек, годишните приходи за државата, поради намалување на сивата економија, би изнесувале околу 450 милиони евра годишно – изјави Зоран Јовановски, кој изнесе дел од податоците од анализата.

Даночниот експерт Павле Гацов се осврна на изворите и каналите на сивата економија во Македонија, а како најглавни ги спомена одбегнувањето на плаќањето на даноците и социјалните придонеси, кои за фирмите на регуларната економија изнесуваат и до 53 отсто.
– Потребни се силна политичка волја и бескомпромисен пристап за внесување во системот на оние што не плаќаат данок и уредно да си ги плаќаат своите давачки – изјави Гацов

Како еден од водечките проблеми за генерирање на сивата економија тој го посочи користењето на готовината. Тој се заложи и за воведување на системот на е-фактури и е-плаќање, кој веќе успешно се применува во Албанија и во Србија. Меѓу мерките што се предлагаат се вклучување на Народната банка на Македонија, преку подобра контрола на менувачкото работење и регистрирање на прометот и лицата при размена на странските валути. М.Ј.