Фото: Маја Јаневска-Илиева

Слатки маси, торти на по неколку ката, специјални фустани, декорација, анимација од страна на аниматори и кловнови, храна, балони се само дел од парчињата на сложувалката наречена детски роденден. Тие се организираат со месеци однапред, се резервираат игротеки или цели ресторани, се прославуваат со над триесетина гости, некаде има и жива музика, кетеринг и што ли уште не. „Нова Македонија“ направи анализа на ваквиот тренд за прослава на детските родендени и ги анализираше сите понуди што ги има во земјава, а особено во Скопје за прослава на еден детски роденден

Родителски дилеми: Просечна плата е малку за „достојна роденденска прослава“ за деца

Детски родендени како свадби. Ова е најпрецизниот опис на денешното прославување детски роденден во земјава. Слатки маси, роденденски теми со омилените суперхерои, специјални фустани и костими во кои се облекуваат славениците, торти на три ката се само мал дел од предизвиците со кои се соочуваат родителите, а кои се чини дека сѐ повеќе неконтролирано земаат замав.

ПРОСЕЧНА ПЛАТА ЗА ЕДЕН РОДЕНДЕН?!

Денес многу е тешко да се биде родител на мало дете затоа што трката помеѓу родителите да се покажат чие дете прославило побогат и поуникатен роденден ги надминува сите нормални граници.
Слатки маси, торти на по неколку ката, специјални фустани, декорација, анимација од страна на аниматори и кловнови, храна, балони се само дел од парчињата на сложувалката наречена детски роденден.
Тие се организираат со месеци однапред, се резервираат игротеки или цели ресторани, се прославуваат со над триесетина гости, некаде има и жива музика, кетеринг и што ли уште не.
„Нова Македонија“ направи анализа на ваквиот тренд за прослава на детските родендени и ги анализираше сите понуди што ги има во земјава, а особено во Скопје за прослава на еден детски роденден.
Во зависност од возраста на детето се одредува начинот на кој неговиот роденден ќе биде прославен. Па така, ако е мало до кај две/три години, роденденот или се прославува во игротека, или во некој ресторан, кој има игротека, а доколку детето посетува градинка, тогаш игротеката е задолжителна.
Ако детето е на поголема возраст, тогаш се прославува исто како и во погорниот опис, само што овој пат се прават декорации, се ангажираат маскоти, се прават хартиени торти и за во градинка, се купуваат грицки и сокчиња и за во градинка каде што исто така детето го одбележува роденденот.
Од анализата што ја направивме, може да се заклучи дека во игротеките цените горе-долу се исти. Изнајмувањето простор се движи од две до три илјади денари, од кои дел како капар треба да се остават пред роденденот.
Некои од игротеките нудат и кетеринг-услуги од некои ресторани, а доколку го немаат тоа, тогаш обврската за храна паѓа на родителите.
Кај оние што нудат и храна во своите пакети, цената за неа зависи од бројот на присутните гости. Па така, пакет за 15 лица чини од шест до осум илјади денари, и тоа најчесто е без големо количество храна.
За пакет од дваесетина лица, родителите треба да платат околу десет илјади, а за пакети над тоа се плаќаат околу 200 евра.
Пијалаците се исти како и во кафулињата. Па така, најевтиното кафе изнесува 60 ден., а најскапото 90 денари и испиените пијалаци се плаќаат на крајот. Во понудата најчесто бесплатно доаѓаат детски сокчиња и грицки.
Некои игротеки нудат и анимација, фотографирање на родендените и прибор.
Значи, за роденденски пакет за 20 лица без вклучени деца, со обезбедена храна од игротеката, родителите само за игротеката треба да платат околу 12 илјади денари.
Во зависност од тоа каква торта ќе се нарача, цените одат од илјада, па сѐ до пет илјади денари.
Доколку е обична, само со апликација, лесно може да се најде торта и до кај 1.500 денари. Но доколку таа е декорирана со фондан, на два-три ката, со фигури и разни декорации, цените одат од три до пет илјади денари.
Значи, на тие 12 илјади денари, да додадеме просечна цена од три илјади денари и родителите веќе треба да платат 15 илјади денари.
Но тоа не е сѐ.
Ако славеникот е девојче, мора да биде облечено во специјален фустан, кој чини од 1.500 денари, па нагоре. Дополнително, ангажирањето аниматори чини од 1.500 денари, па нагоре, а слатките маси во зависност од тоа што ќе има на нив, одат и до три илјади денари.
Грубо речено, според простите математики, за еден детски роденден, родителите треба да дадат една минимална плата.
Има и сосема други понуди. Прослава на роденден во специјални играчници со пикадо, сони, билјард и таму цените се речиси исти. Во роденденската понуда има и игри со лего-коцки, прослава во зоолошка градина, прослава во центри за изработка на глинени предмети…

ИМА И ПОИНАКВИ, ПОСКРОМНИ ПРОСЛАВИ…

Секако дека има и родендени што се слават поскромно. Тоа се оние родендени на деца што се родени во периоди кога времето е убаво, па таквите најчесто се прославуваат во парковите.
Во Градскиот парк или паркот во Железара се местат грицки и сокчиња, се декорира летниковецот, а децата слободно трчаат и играат на зелените површини. Пијалаците за возрасните обично се обезбедуваат од страна на оние лиценцирани камиончиња лоцирани во парковите.
Импресивни родендени дефинитивно во својата понуда имаат МКЦ и Природонаучниот музеј до скопската зоолошка градина. Таму, за поевтини пари, децата можат ем нешто да научат ем да го прослават својот роденден.
Во планетариумот во МКЦ, цената за изнајмување простор и предавање во планетариумот чинат 2.500 денари, а толку е и цената во Природонаучниот музеј.
Тоа се родендени каде што децата еден час имаат прошетка и предавање, а другиот час им останува за дружење, грицки и торта.

СТАВ НА РОДИТЕЛИТЕ

Родителите велат дека немаат голем избор бидејќи сите слават така и не сакаат нивното дете да почувствува дека неговиот роденден е поинаков од оние на другите деца.
– Во нашето семејство работи само мојот сопруг. Имаме две деца, од кои едното е прваче. Тешко ни оди со финансиите бидејќи една плата не стигнува за ништо. До лани кога ќерка ми одеше во градинка, роденденот го славеше таму. Но сега нема прослава на училиште, а постојано ја покануваат на родендени, па сега сака и таа. Јас се обидувам да ѝ објаснам дека немам толку пари за да ѝ го прославам како што сака таа, но мало дете е, се лути, не разбира – вели жителка на Автокоманда, која сакаше да остане анонимна.
За други родители, пак, од детските родендени е направен невиден притисок врз родителите.
– Тоа што се прави се живи глупости. Во одделението има родители што малку отскокнуваат од просечниот стандард, па слават роденден како свадба. Значи такво нешто ниту ние како возрасни не сме виделе, не па децата. Еве, сега се подготвувам за роденден на мојата ќерка, ми вели сакам и јас таков роденден. Целите тие помпи околу прославите ги наметнуваат родителите, не децата. Не е нормално ова што го прават – вели Елена С., мајка на две деца од седум и од пет години.

Психолозите предупредуваат: Родителите да не „ги лечат своите комплекси преку децата“

За психолозите најголеми виновници се родителите, бидејќи сите им говориме на децата дека не е важно да се става акцент на тие работи, но во пракса сето тоа е поинаку.
– Особено е важно да им покажеме на дело дека најважни се моралните вредности и колку сме свесни за нивното значење. Мнозинството сме сведоци на колективната несвесност и следење на некој фенси-тренд и кога не можеме да ги насочиме и научиме возрасните, не им се приклучуваме. Вредностите се изместени тие не се тие вистинските – вели Ирена Н. Ристановска, психолог во ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола и претседателка на здружението на психолози „Рилука“ – Битола.
Според неа, преку овие родендени родителите си лечат некои свои амбиции од детството, некои неисполнети желби.
– Она главното е тоа што сите знаеме што е правилно, но машинеријата нѐ зема сите. Колку и да сакам мојата ќерка да има скромен роденден, тоа нема да се случи од причина што сите нејзини другарки на училиште ќе ѝ кажуваат колку било едноставно „нефенси“. Треба да се бориме да ставиме граници, да бидеме луѓе во вистинска смисла – вели таа.

[email protected]