По повод верскиот празник Свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите и Свети Валентин – Меѓународниот ден на вљубените, в среда ќе се одржат Дебармаалските средби и серенади.
Оваа манифестација со традиција долга над 20 години е во организација на уметникот и хуманист Живко Поповски – Цветин. Во рамки на настанот ќе има поезија и музика, а ќе биде испратена и порака за мир и љубов.
Почетокот на настанот е од 12 часот во кафеаната „Кај Жабарот“, а попладне ќе продолжи кај слаткарницата „Апче“, при што од 17 до 20 часот ќе се изведуваат серенади и низ дебармаалските улици и кафеани. На Дебармаалските средби и серенади традиционално учествуваат голем број музичари, пејачи и изведувачи.