Иронијата, сарказмот и хуморот се најекспресивни форми за изразување на новото време. Ме чуди што читателите (во најголем дел мрчатори) не ја препознаваат во овој одличен текст
Комерцијализација на митовите, трагедиите и стравот се конјуктурни теми и содржини што предизвикуваат силни емоции кај луѓето. Втемелени врз логиката и драматургијата на митскиот сензационализам, апокалиптичност и страв, во спрега со амбициите за профит и фрустрации на потенцијалните скромни транзициски потрошувачки, еве ја една од успешните формули како да се заработи.
Ајфеловата кула, изградена на Марсовите Полиња во 1889 г. како експонат за Светскиот саем на стогодишнината од Француската револуција, денес е симбол и знаменитост на Париз. До 1930 година, Ајфеловата кула беше најголемото здание на светот, високо 300 метри. Кога била изградена кулата, некои парижани сметале дека тоа е грдотија, архитектонски кич и дека треба да се урне, демонтира. Незадоволство било изразено и преку протести, кои траеле 90 дена. Денес кулата, проектирана од Густав Ајфел, е значајна туристичка атракција со 5,5 милиони посетители годишно. Еден од таа фасцинантна бројка посетители бев првпат и јас во далечната 1973 г., така стои на разгледницата што ја испратив дома, а ја пишував на едно од платоата на кулата со поглед на една од визурите на Париз. Денес Ајфеловата кула се смета за едно од ремек-делата на архитектурата во светот.
Во деновите на празнувања, туристичките агенции во рамките на своите стратегии, покрај стандардните дестинации, нудат интересни аранжмани на места што најпрвин сме ги запознале како филмски приказни. Една таква објава има секоја сезона и кај нашите агенции, посета на Замокот на грофот Дракула, градот Брашов, Црната црква, дворецот „Пелеш“, најубавиот дворец во Европа, и Букурешт.
Автобуски превоз на релацијата Скопје – Букурешт – Скопје – факултативен излет „Трансилванија“: посета на замокот „Пелеш“ со вклучена влезница и посета на местото Бран со истоимениот замок на Дракула (влезница за Бран не е вклучена во цената. Истата таа изнесува 40 леи за возрасни, 25 леи за студенти).
Музејскиот комплекс „Бран“ во Романија, попознат како Замокот на Дракула, е на второ место на листата на списанието „Форбс“ на најскапи замоци во светот, а неговата вредност се проценува на 140 милиони евра. Страшниот забест мит минатата година на сопствениците од кралската династија Хабсбург им донел добивка од 1,2 милион евра. И за компанијата што управува со комплексот чистата добивка е 1,2 милион евра.
Во духот на ваквите туристички трендови, следствено, според мислењата на извесни хипермодерни самопрогласени експерти, естети и центарот на Скопје станува интересна дестинација. Според мислења на некои од граѓанството, грозоморен кич, дизниленд, културно-историска перверзија што ќе остане за потсмев на целиот свет. Или, во Скопје, Република Македонија, со жртви и саможртви за, најблаго речено, непознати цели, од воените и мирновременски порази, со славење терористи и убијци, со идентификување со Хунзите, античките македонски кралеви, филозофи, епископи, со градење триумфални порти, каде што сите релјефи, споменици, градби се кражбa, историска измама, според драгите ни соседи, и го дестабилизираат востановеното историско паметење. Или нешто вака, можеби на некој Каспар Хаузер од дивината (така барем мислел доктор Франкенштајн, иако и во тоа се зафркнал!) можеш да му имплантираш „идентитет“ како крпеница од диво месо, кожи и конци, пачворк од Александар, црква, фонтана, ЈВС-реклама, Самуил, Даме Груев, гипсени лавови и пластични лебеди, лавови, силикони, џипови, спотови, клипови, арматура, цимент, квадратура… Ете, тоа се референтните мислења и информации за сопствениот „одвратен, грд“ град, кои упорно им се сервираат и на дојденците и на светот.
Тоа е првата, најударна слика, таков е нашиот одраз во огледало, тоа е и таква е препораката да се дојде види и посети тоа „страшило, кич, историски пачворк, грдото Скопје“. Срочено и во континуитет, разгласувано по светот, низ социјалните мрежи, невладини и други контакти, претставувања, нешто налик на забестиот мит за Дракула.
Одговорноста за стореното за идните генерации ја носиме сите и никој не смее да биде амнестиран од одговорност. Вината треба да се упати на вистинска адреса, а тоа не е ААМ. Оние што ги обвинуваат само архитектите нека погледнат во себе и околу себе. На некој начин ова мораше да ни се случи. Постои општествена и морална криза во сѐ – во образованието, науката, уметноста, здравството, спортот. Архитектурата не може да биде различна од времето што го живееме – се дополнува „страшниот мозаик“ за Скопје и со мислењето на група компетентни суети.
Арно ама, во изминативе години, пред пандемијата, Скопје беше на прво место по бројот на странски посети во целата земја. Како што соопшти ТАВ, бројот на воздухопловни операции се зголемил – скопскиот аеродром забележал голем пораст изминативе неколку години. Всушност, бројот на странски туристи во Скопје растеше од година на година. Најчести гости во градовите низ Македонија, регистрирани во 2012 година, се од Турција (50.406), Грција (43.976), Србија (36.530), Холандија (27.121), а потоа следуваат Бугарија (19.815), Хрватска (13.939), Албанија (13.412), Словенија (13.252), Германија (11.306). Неколку илјади туристи се регистрирани и од Австрија, Босна и Херцеговина, Италија, Романија, Косово и од други европски земји.
Прашањето за етичноста на психолошки „деструктивни тури“ е прашање за експертите, но факт е дека на ваквите патувања ние, па и многубројните туристи, најверојатно, доброволно се согласуваме да бидеме вознемирени со илузија и естетски средства. На „трилер“ патешествие, какво што го нудат агенциите, несвесно ја скратуваме дистанцата кон митологијата, ја откриваме и запознаваме и „поинаква историја“, при што несвесно се претвораме во дел од сублимираниот потенцијал на хиперреалноста.
Токму поради тоа и ова писание, еве уште еден искрен „лајк“ од мене за проектот „Скопје 2014“. Идните генерации, убеден сум, ќе бидат горди и благодарни за овој редок благороден градителски напор. И за крај, допис од ДРАКУЛА ЛИЧНО.
Иронијата, сарказмот и хуморот се најекспресивни форми за изразување на новото време. Ме чуди што читателите (во најголем дел мрчатори) не ја препознаваат во овој одличен текст. Да се нема елементарно чувство за иронија, да се игнорираат слободата на духот и фантазијата значи – да се водат јалови берберски, политикантски оговарања – преку злобни – несуштински коментари. Секако, не спорејќи го правото – секој да има свое погрешно мислење и заблуди.
Автор: Аљоша Симјановски