Преоптoварените кабли се лесно запаливи Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полнач од мобилен или продолжен кабел можат да запалат стан. Корисниците треба да внимаваат на повеќечасовното користење продолжни кабли, на работата на климите и на исправноста на плинските боци. Опасност од пожари претставуваат и фрлените догорчиња од автомобил на отворен простор

Летото носи сѐ повисоки надворешни температури, кои заедно со невниманието на граѓаните може да донесат многу неволји. Пожарите, кои најмногу се врзуваат за летото, се причина зошто луѓето треба повеќе да внимаваат за да не дојде до нив. Тоа важи како и за станбените објекти и за работните простории, но и за на отворен простор. Опожарувањето на сувите тревници или на домовите најчесто се случува поради човечко невнимание. Ова го потврдуваат од скопската противпожарна бригада и објаснуваат дека од досегашното искуство знаат за многу пожари за кои причина бил човечки фактор. Така, на пример, преоптоварен кабел беше причина за пожарот на зградата во Кисела Вода, како и во станот во една од зградите спроти поликлиниката „Јане Сандански“. Кабелот бил ставен зад шестоседот, а бил повеќекратно вклучен со големи потрошувачи, меѓу кои и кварцна печка. Два стана во зградите зад „Просветно дело“, доколку не пријавеле соседите мирис на изгорена жица, ќе биле пеплосани, затоа што сопствениците ги оставиле клима-уредите оставени да работат за да им бидат становите изладени кога ќе се вратат дома.

Кога се во прашање домовите, корисниците прекулето треба да бидат особено внимателни со електричните апарати, со каблите и со многу други уреди во домот. Пожарникарите велат дека само едно ѕвонење на мобилниот телефон и оддолжен разговор или, пак, повик за нешто итно, може да биде причина за заборавен кујнски шпорет, а последиците може да се фатални. Денес сите живееме динамично и постојано брзаме некаде, а мало невнимание може да биде причина да изгори нечиј стан. Затоа тие порачуваат токму во овој период граѓаните повеќе да внимаваат. Дури и ако се случи некаде да избие пламен, не смее да се гаси со несоодветно средство.

Електричните односно електронските уреди може да се гаснат со апаратите за гаснење со CO2, АБЦ-сув прав или вода за струја со низок напон, уредите со напон до 1.000 волти се гаснат со вода од одредена далечина, во согласност со упатствата на хидрантот. Но со вода никогаш не смее да се гасне масло што почнува да гори, бидејќи може да предизвика експлозија. Од неа најчесто може да настрада оној што е во близина, а потоа може да се случи и опожарување на кујнските елементи. Маслото што почнува да гори најбрзо се гаси ако тавчето се покрие со капак. Така ќе се намали присуството на кислород. Запаленото тавче со масло може да се гаси и со влажна памучна крпа или огноотпорна крпа. Тавчето по гасењето треба да остане покриено повеќе време, односно повеќе минути, затоа што прегреаното масло во контакт со воздухот може да предизвика повторно палење.

– Во овој период граѓаните треба да внимаваат да не ги оставаат полначите за телефон на електричните кабли, доколку не се дома. Се случувало да изгори нечиј дом токму поради заборавен полнач што се запалил. Само од искрите од полначот лесно може да се запалат креветите, постелнината, завесите и сѐ друго во домот. Токму затоа апелираме да не се оставаат вклучени овие апарати. Граѓаните мора да бидат внимателни и со електричните апарати, пред да излезат од домот да проверат дали се тие исклучени. Особено мора да се внимателни со продолжните кабли, ако се обични да не ги преоптоваруваат со вклучување на два или повеќе големи потрошувачи, доколку не се предвидени за тоа. Тие често се причина за опожарување, како и заборавена пегла или електричен шпорет. Заборавениот бојлер исто така е опасна работа, затоа што може да предизвика опасна експлозија – вели Владимир Симоновски, командант на скопската противпожарна бригада.

Искуствата на пожарникарите покажале дека причина за пожар биле и запалките во автомобилите, кои претставуваат плински уреди од кои потоа лесно може да се запали контролната табла на возилото, која е претежно од пластика што лесно гори. Луѓето што постојано се борат со огнот апелираат до граѓаните да ги проверуваат плинските боци што ги користат, односно вентилите на боците, бидејќи ако тие дишат, значи пропуштаат плин, кој е опасно запалив. Сомнителните плински боци мора да бидат проверени од овластени сервисери.

Пожарникарите велат дека граѓаните се најневнимателни при фрлањето догорчиња од цигари, а најчесто од автомобил во возење по автопатиштата. Тогаш најмногу се палат стрништата и тревниците, а таквите пожари лесно можат да голтнат и други површини, дури и објекти.