Годинава, за разлика од претходните, започна со серија тешки кражби во автомобили. Најчесто се крадат паричници, чанти и уреди со поголема вредност. Крадците кршат стакла од вратите и го одземаат она што сметаат дека е вредно. Кражбите се случуваат дури и дење најчесто на паркинзите или во маалските улички во ноќните часови.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во 2017 година се случиле 1.878 кражби во автомобили, додека во 2018 г. нивниот број е малку намален и изнесува 1.692 кражби во земјава. Според МВР, споредено со претходната година, бројот на кражбите бил намален за 10 отсто. Но годинава започна со серија тешки кражби, кои се евидентираат во министерството.

– Во однос на украдените предмети од и во возилата, може да кажеме дека најчесто се одземаат гуми, бандажи, радија, катализатори и акумулатори, како и најразлични предмети оставени во возилата, како облека, парични средства, торби и слично – велат од МВР.

Билтенот на министерството имаше забележано случај на 10 јануари годинава, кога беше приведен 30-годишен гостиварец, кој бил под сомнение дека извршил 27 тешки кражби. Повеќето од кражбите биле извршени во јануари, со провалување во автомобили и кршење на стаклата од вратите. Негов плен биле вредни предмети што сопствениците ги оставале во возилата. Шест дена пред тоа на четврти јануари беа приведени четири лица, кои извршиле тешка кражба од околу 350.000 денари. Лицата со употреба на тврд предмет го искршиле задното лево помошно странично прозорче и ја отклучиле вратата на патничко моторно возило, влегле во возилото, успеале да го отворат гепекот при што одзеле чанта во која имало лични документи, клучеви, 250.000 денари и 570 евра. Ова се само некои од забележаните случаи од серијата кражби што се случија во изминатиов период. Тие само ја наметнаа потребата од едукација на граѓаните како да се заштитат и како да ги избегнат ситуациите да не станат цел на крадците.

„Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“ беше еден од проектите што во февруари беше реализиран од полициските служби за да се сврти вниманието на граѓаните на овој проблем. Оваа превентивно-информативна кампања беше реализирана во соработка со здружението на сопственици, кои стопанисуваат со трговскиот центар „Бисер“.

– Полициските службеници им делеа пропаганден материјал на возачите и им беше укажувано да не оставаат вредни предмети што им го привлекуваат вниманието на сторителите на ова кривично дело. Основната цел на кампањата беше подобрување на општата безбедност на граѓаните и имотот, односно преземање превентивни мерки и активности за издигање на свеста во насока на превенција од тешки кражби во патничките моторни возила. Овие активности продолжуваат на подрачјето на градот Скопје, односно секаде онаму каде што е утврдено дека има потреба. Продолжува и соработката со ЈП ПОЦ на општината Центар и ЈП „Градски паркинг“, како и со другите општествено одговорни компании „Капитол мол“, „Сити мол“ и други – велат од МВР.

Ако веќе се случуваат овие дрски кражби во автомобилите, се поставува прашањето дали се доволни само ваквите проекти и едукативни превентивни акции од полицијата или можеби е потребно да се врати присуството на полицајците позорникари, кои некогаш во минатото ги чуваа безбедноста на имотот и мирот во населбите.

[email protected]