На Босна и Херцеговина граѓаните втора година газат во кал и прашина

Булеварот Босна и Херцеговина е раскопан од септември 2018 и уште се копаат канали за поставување инсталации, додека на булеварот АСНОМ се работи веќе четири месеци. Метеж има и на булеварот Јане Сандански

Градежните работи на булеварот Босна и Херцеговина не се завршени ниту до половина, иако почнаа во септември 2018 година. Рокот на изведба на новопроектираниот булевар беше 18 месеци, а на сообраќајницата сѐ уште се работи на поставување инсталации. Улицата што треба да стане булевар е раскопана од двете страни, а тамошните жители веќе втора година газат по земја и калишта. По вадењето на павер-коцките цели речни корита најпрвин се ископаа пред двата локални маркети, со што на граѓаните им беше оневозможено паркирањето. Откако каналите се потрупаа со земја, павер-елементите од паркингот останаа наредени во повеќе купишта. Сега истиот тој простор повторно е ископан, па во еден дел наместо по тротоар граѓаните мораат да се движат по коловозот и да се изложуваат на опасност.

Граѓаните стануваат нервозни од долгите реконструкции на улиците, а особено реагираат на раскопувањата што се вршат неколкукратно, дури и откако работите се сметаат за завршени. Раскопувањето на улиците по неколкупати за поставување различни инсталации е еден од забележливите проблеми со кои се соочуваат скопјани. Не толку одамна, на 30 декември 2019 година, пишувавме за ова, дека раскопани улици и тротоари, нечистотија, прашина или кал се чeста скопска слика. Градските власти тогаш кажаа дека кога ќе се изгради една сообраќајница две години потоа никој не ќе смее да ја раскопува, освен ако не станува збор за дефект на мрежата.
Булеварот Босна и Херцеговина е фреквентен булевар и ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, а преку улицата Словенечка и општината Карпош. Раскопаната улица многумина од пешаците ја избегнуваат. Некои од граѓаните што ги користат автобуските линии со броевите 35 и 9, наместо на последна станица слегуваат на претпоследната, за да го избегнат калливиот терен. Булеварот Босна и Херцеговина ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри, ќе има по три коловозни ленти во двата правца, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни.

Нов градежен фронт сега се отвори и со изградбата на кружниот тек меѓу улиците Втора македонска бригада и Ќемал Сејфула во општината Чаир, кај семафорите пред поликлиниката. Ќе се поставуваат и водоводна и канализациска мрежа, 40 нови канделабри со висина од седум метри за да се осветли овој потег. Се очекува градежните работи на новиот кружен тек да завршат за два месеца, ако временските услови дозволат реализацијата да оди според планираното. Тамошни жители велат дека е убаво што се гради, бидејќи овој дел од градот навистина беше инфраструктурно запуштен, но треба да се гради навремено и квалитетно, да не се влечкаат работите. Сега тамошните жители ќе бидат вклештени во сите овие градежни активности од две страни. Во слична ситуација се и жителите од општината Аеродром, каде што веќе четири месеци е раскопан булеварот АСНОМ, па сиот сообраќаен метеж, и автомобилски и автобуски, сега е преселен на булеварот Јане Сандански.
– Четири месеци е раскопано и газиме во кал и прашина. Не се поминува од раскопаната земја, а целиот метеж сега се прави на булеварот Јане Сандански. И автобусите од јавниот градски превоз во еден дел имаат изменети траси, а целата таа навалица на терен секој ден ни ги комплицира како пешачењето така и сообраќањето со автомобили – се пожали жителка на општината Аеродром.

Од градот Скопје велат дека градежните активности за проширување на булеварот Босна и Херцеговина се во тек и, според предвидената динамика, треба да завршат во текот на оваа година. Објаснуваат дека раскопувањето по должината на булеварот е во рамките за поставување соодветни инсталации и дека тие се дел од изградбата на булеварот, но не кажаа за какви инсталации станува збор. За зафатите на булеварот АСНОМ велат дека се при крај, но не прецизираат кога ќе финишираат.

– Во однос на изградбата на првата фаза од булеварот АСНОМ, на потег од крстосницата со булеварот Србија до улицата Васко Карангелески, кај хотелот „Русија“, истата таа е во завршна фаза и треба да биде готова во наредниот период. Паралелно, во моментов трае и рокот за пријавување на јавната набавка за втората фаза, која предвидува продолжување на булеварот до кејот на Вардар, како и изградба на мостот преку реката. Во однос на динамиката, сите овие проекти се реализираат во континуитет, каде што истовремено се работи на повеќе различни аспекти предвидени со проектот, но одреден вид работи се поврзани и со соодветни климатски услови – велат од градот Скопје.

Инаку, булеварот Босна и Херцеговина ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Новиот булевар ќе има по три коловозни ленти во двата правци, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни.