Во рамките на регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“, кој се реализира од страна на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), што се спроведува во три држави, Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, Општина Илинден е една од првите шест општини и градови во регионот во која ќе се спроведуваат активности за унапредување на системот на собирање стаклена амбалажа и адекватен третман на овој отпад. Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, учествуваше на регионалната онлајн конференција, каде што истакна дека се чувствува привилегирано што Општина Илинден доби можност да биде една од првите шест општини и градови во регионот во кои ќе се спроведуваат активности за унапредување на системот на собирање на стаклената амбалажа и соодветен третман на овој отпад.
– Се надевам дека ќе обезбедиме релевантни искуства, кои ќе претставуваат соодветна основа за анализа, во насока на создавање соодветна инфраструктура за собирање стакло во општините, а понатаму и за развивање бизнис-модели за рециклирање на стаклото. За жал, според реалните показатели и индикатори, во целиот регион, запоставено е собирањето на овој отпад. Причините се многубројни и убаво се утврдени во самиот проект, па ние треба да покажеме дека сакаме и можеме истите тие успешно да ги надминеме. Целта на проектот е соработка во воспоставување синџир на вредности за собирање и рециклирање отпад од стакло, како и едукација на граѓаните. Работејќи заедно, може преку економија на обем да се зголеми процентот на собрано количество отпад од стаклена амбалажа, преку моделот на примарна селекција. Основниот пристап е соодветно собирање и обезбедување предуслови за третман и рециклирање стакло во регионот, односно обезбедување капацитети за рециклирање – истакна Стојановски.
Според него, активно вклучување на единиците на локалната самоуправа, односно општини и градови е неопходно за регионални искуства во управување со отпад од стаклена амбалажа, за одржлив развој и зачувување на животната средина. Тој нагласи дека регионалните искуства и резултати се најдобри за да се стекне потребното знаење.
– Стаклото се рециклира во целост и таа постапка може да се повторува. Рециклирање на еден тон стакло штеди околу 40 отсто енергија и 50 отсто вода потребна за негово производство. Фактите говорат дека со рециклирање само едно стаклено шише се заштедува енергија доволна за светилка од 100 вати да свети четири часа, или компјутер да може да работи 25 минути. Потребно е заедно да обезбедиме издигање на свеста кај целокупното население, од најмладите до највозрасните, дека стаклото не треба да го третираме како обичен отпад, туку како скапоцена суровина. Затоа стаклената амбалажа треба да ја ставаме на вистинското место, во зелените контејнери што со овој проект ги обезбедивме за оваа намена – изјави тој.
Општина Илинден има поставено петнаесет контејнери, а дополнително ќе бидат поставени уште 15 вакви контејнери, популарно наречени „ѕвона“.