Фото: Игор Бансколиев

Од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција велат дека општинските дератизации допрва ќе се прават. Но за максимален ефект треба пред зградите во шахтите, како и внатре во објектите и самите куќни совети да дератизираат, бидејќи глодачите се преносители на многу бактериски, вирусни, паразитни, микотични-габични и протозоични болести. Општините ги реализираа пролетните дератизации, но есенските сѐ уште не се направени…

Свртени кон пандемијата на ковидот, како да подзабораваме на редовниот и задолжителен процес на дератизација во населените места, а особено во главниот град. Граѓаните сведочат како мачки сѐ почесто бркаат и ловат глувци по скопските паркови, а младите што навечер седат по клупите гледаат глувци стаорци и непријатно изненадени потоа ги напуштаат забавите на отворено… Ваквата слика е сѐ почеста во главниот град, па граѓаните ја алармираат јавноста, а се разбира и институциите за преземање вонредни мерки против наездата на штетници.

Општините ги реализираа пролетните
дератизации, но есенските сѐ уште
не се направени

Од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје во Скопје велат дека тие веќе имале склучено договори со некои од скопските општини и дератизациите допрва треба да се прават.
Но освен тоа што дератизираат општините, во шахтите пред зградите и внатре во објектите е потребно и самите куќни совети или заедници на станари да дератизираат. Оттаму додаваат дека минатата година станарите, исплашени од ковидот, честопати се организирале и преку куќните совети ги повикувале да им ги дезинфицираат скалилата и лифтовите, како и другите заеднички простории од зградите, но годинава спласнал интересот и најчесто дезинфицирале фирмите каде што имало некој заболен од ковид. Од службата додаваат дека станарите најчесто сами се обидуваат да го решаваат проблемот со глодачите и дека најчесто ги повикуваат за дезинфекција и дезинсекција.
– Глодачите се преносители на бактериски и вирусни инфекции и тие можат да предизвикаат доста бактериски болести, како туларемија, бруцелоза, лептоспироза, ТБЦ, салмонелоза и други. Од вирусните познатите се хеморагичната треска, рикециоза, а од паразитарните: трихинелоза и лајшманиоза. Потоа тука се и таканаречени микотични-габични болести: дерматомикоза, трихофитија…, а од протозоичните: тоџоплазмоза, амебиаза и други – посочува Бесим Зекири, директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје.
Упатените од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција велат дека се случува глодачите и инсектите да се адаптираат на некое од средствата, па поради тоа вршат нивна промена, користат некое друго што ќе дејствува поефектно.
Глувците можат да ја пренесат заразата преку изметот, урината и храната што ќе ја допрат. Особено е штетно присуството на глувците што се носители на паразити или вируси, бидејќи тие претставуваат преносители на заразни болести. Глувците се преносители на над 35 болести, вирусни и бактериски. Затоа хигиената е многу важна, но најважно е колективните објекти да направат дератизација, можеби во период кога ја реализираат и општините за да се намали присуството на глувци.

Топлото време овозможи поголемо присуство и на лебарки

Граѓани имале поплаки на поголемо присуство на лебарки, а од службата додаваат дека болви имало речиси во секој подрум. За да се спасат од глодачите и инсектите, кои можат да пренесат и доста заразни болести, добро е станарите да се организираат и да повикаат служба за дератизација и дезинсекција, советуваат епидемиолозите. Тоа еден куќен совет би го чинело од 10.000 до 20.000 денари, зависно од опфатената квадратура.
– За есенска дератизација веќе имаме склучено договори со некои општини, како Аеродром, Кисела Вода, Бутел и Шуто Оризари и овој месец треба да ја реализираме. Шахтите околу зградите и оние во подрумите треба да ги дератизираат самите станари, исто како и внатрешноста во објектите. Колку се одговорни зависи од нив, но евидентно е дека не нѐ повикуваат често, а некаде пред шест месеци поради присуство на глувци во населено место близу Арачиново имавме заболени со туларемија. Пред извесно време имавме еден повик од населбата Тафталиџе, од каде што станарите се пожалија дека имаат поголемо присуство на лебарки и очекуваме да се организираат преку куќниот совет и да нѐ повикаат да извршиме дезинсекција. Овие инсекти обично се населуваат на места во кои имаат погодна температура и влага и најчесто таму каде што се остава храна. Од граѓаните добиваме повеќе поплаки и повици за лебарки отколку за глувци, веројатно затоа што повеќето проблемот со глувците сами го решаваат поставувајќи стапици или отров за глувци – вели Небахат Иљаз, инженер-биолог од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција.

Според ценовникот, наплатата е различна и ако е во прашање дератизација на еден стан, цената по квадратен метар е 10 денари, додека на повик на сите станари во една зграда таа изнесува осум денари по квадратен метар. Дератизацијата на шахтите и подрумските простории чини по 200 денари. Дезинфекција на скалилата и другите заеднички простории до 100 квадратни метри чини седум денари од квадратен метар.
Од Службата за дератизација, дезинфекција и дезинсекција велат дека пријави за присуство на лебарки најчесто добиваат од местата каде што се приготвува храна, како училишни кујни, болници, угостителски објекти, како и магацини за храна. Законска обврска е, велат, на овие институции еднаш годишно да прават дезинсекција и дератизација, а двапати дезинфекција. На граѓаните им советуваат дека е најдобро да прават дезинсекција и дератизација напролет, кога инсектите и глодачите излегуваат.