Во моментов во Скопје се поставени 16 градски часовници на градските булевари. Градските власти велат дека часовниците редовно се сервисираат и одржуваат, а покрај одржувањето, на нив се врши и корекција при сезонските менувања на сметањето на времето
Традиционалното постоење на уличните часовници во метрополата
Градските булевари речиси две години се збогатени со часовници, чија намена колку е естетска, толку и треба да им служи на граѓаните да се информираат за точното време. Сепак, некои од часовниците претставуваат само инсталација во просторот, бидејќи не функционираат, односно не го покажуваат точното време и залудно стојат на крстосниците и булеварите.
НЕИСПРАВНИ ЧАСОВНИЦИ
Иако во денешно време ретко кој носи часовник или, пак, ги користи поставените улични часовници на булеварите во градот, сепак низ улиците на Скопје уште во 2002 година беа поставени часовници, чија намена очигледно е да покажуваат колку е часот.
Сепак, некои од овие часовници воопшто не функционираат, односно не го покажуваат точниот час и стојат само како украсни детали на булеварите.
Иако сега сите имаат мобилни телефони, сепак, граѓаните велат дека кога веќе ги има, потребно е да ја вршат својата функција.
– Часовникот што е поставен на крстосницата кај Момин Поток, на семафорите кон Ѓорче, веќе неколку месеци воопшто не работи. Факт е дека денес никој не ги ниту забележува, бидејќи секој има часовник на својот мобилен телефон, сепак, кога веќе постојат, треба и да работат, инаку која е нивната потреба да стојат така? – вели Вики Митевска.
Голем дел од граѓаните воопшто не ни ги забележале часовниците, велат дека знаат дека во Скопје се поставени, но велат дека и да ги виделе, воопшто не им обрнале внимание.
– Немам потреба да барам часовник низ градот, па затоа не ни знам дека ги има. Знам и сум забележал дека има, но воопшто не сум им обрнал внимание, бидејќи немам потреба од нив – вели Александар Митревски.
ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ЧАСОВНИЦИТЕ ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ СЕ ПОТРОШАТ 2,8 МИЛИОНИ ДЕНАРИ
Во моментов во Скопје се поставени 16 градски часовници на градските булевари.
Градските власти велат дека часовниците редовно се сервисираат и одржуваат, а покрај одржувањето, на нив се врши и корекција при сезонските менувања на сметањето на времето.
– За реализација на овие активности, Град Скопје секоја година избира фирма што е задолжена за нивно одржување. Во 2021 година е спроведена јавна набавка, каде што е избрана компанијата „Магнус инженеринг“, а оваа година тендерот беше целосен за одржување на јавното осветлување и градските часовници. Конкретно за одржувањето на градските часовници, за 24 месеци Град Скопје ќе издвои 2,8 милиони денари – информираат од Град Скопје.