Синдромот на скршено срце или Такацубо кардиомиопатија настанува после стресна ситуација и речиси секогаш се јавува кај жени во постменпауза
Автор: Д-р Арлинд Сејдини , интернист во Општа болница Кичево
Такацубо (Takatsubо) кардиомиопатија или стрес-кардиомиопатија претставува синдром на ненадејно настанување на драматично попуштање на функцијата на левата комора на срцето, кој се манифестира со апикална акинезија на левата комора и често се отсликува како акутен коронарен синдром .
Настанува после стресна ситуација и речиси секогаш се јавува кај жени во постменпауза.
За прв пат е опишана во Јапонија во 1990 година.
Пациентите се жалат на градна болка, имат СТ сегмент елевации на ЕКГ-записите и покачени ензими на срцето (кои одат во прилог на акутен миокарден инфаркт), меѓутоа коронарните артерии се без сигнификантни стенози. На вентрикулографија се гледа балонирање на апекс на лева комора (заштитен знак за стрес кариомиопатија).
Дијагноза
Според „Мејо“ клиниката за дијагноза е потребно да бидат исполнети овие критериуми:
-Транзиторна хипокинезија, акинезија или дискинезија на лев вентрикул, нарушување на регионалната контрактилност која не се соовпаѓа на коронарната васкуларизација
– Отсуство на значајни стенози на коронарните артерии на коронарографија
– Нови ЕКГ- промени ( СТ сегмент елевација ,Т- бран инверзија), покачени вредности на кардиални ензими ( тропонин).
Кај повеќе од 2,5 отсто од пациентите кои се хоспитализираат со дијагноза акутен коронарен синдром се воспоставува диагноза на Такацубо кардиомиопатија.
Почесто се јавува кај населението од жолта и бела раса. Околу 90 отсто од случаите се жени во постменопауза.
Патофизиологија
Се смета дека главен механизам за настанување на оваа болест е стрес индицирано кетахоламинско ослободување кое делува токсично на мускулот на срцето.
Етиологија
Точна и прецизна етиологија се уште не се знае, но се предложени неколку теори:
-Повеќесадовен спазам на коронарните артерии
-Нарушена миокардна микроциркулација
-Нарушен миокарден метаболизам на масни киселнини
-Коронарна ендотелиална дисфункција
Поттикнувачи
Силен емоционален или физички стрес и претходи на Такатсубо кардиомиопатија.
Терапија
За Такатсубо кардиомиопатија нема специфична терапија. На почеток терапијата зависи од тежината на клиничката слика и симптоматологијата, па може да се дадат АЦЕ-инхибитори, бета- блокатори , диуретици, АСА.
За долгорочна терапија на оваа состојба се препорачува да се даваат бета-блокатори.
Прогноза
Прогнозата за оваа состојба генерално е одлична, па 98 отсто од пациентите имаат комплетно опоравување за време од 4-8 недели. Морталитет е од 1 до 2, 3 отсто. Кајосум проценти од пациентите се јавуваат компликации и тоа претежно се јавуваат во рана фаза на болеста како што се: акутна срцева слабост, кардиоген шок, акутна митрална регургитација, малигни вентрикуларни аритмии, формирање на мурални тромби на левата комора со системска емболизација, руптура на левата комора.