Да се потпише во најбрз можен рок договорот што го имавме со претходниот министер за здравство и Фондот за здравствено осигурување, побара попладнево потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, пред состанокот со новиот министер за здравство Фатмир Меџити.
– Тие средства веќе се обезбедени, анексите се направени и коефициентите се средени, така што би требало да ја завршиме работата – нагласи Серафимовски.
Синдикатот бара под итно да се потпише договорот што го имале договорено пред три и пол – четири месеци.
– Инсистираме на потпишување за зголемување на плати, за медицинските сестри три илјади денари бруто, а за сите останати, значи јавна администрација, помош на технички персонал и доктори, по две илјади денари. Таков е договорот – рече Серафимовски.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата, синдикатите минатиот месец излегоа на протест пред Клиничкиот центар и ГОБ ,,8 Септември” во Скопје, како и во други градови низ државата.