Работниот однос на 1.117 лица кои работат на определено време како медицински и помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со одлука на Владата, ќе им се трансформира на неопределено време, соопштија на заедничка прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министрите за здравство и за финансии, Фатмир Меџити и Фатмир Бесими.
– Инвестирањето во здравствени работници е една од најважните сегменти, за иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е решавањето на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување – истакна министерот Меџити.
Тој појасни оти средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување.
– Изминатиов период, иако во време на криза, инвестициите во здравството се големи. Инвестираме не само во опрема и инфраструктура, инвестираме и во кадар, зголемување на платите, додатоците на здравствените работници. Со вакви сериозни инвестиции во јавното здравје, помагаме да се зголеми квалитетот на услугата, да се олесни пристапот до здравствените услуги и се стремиме на нашите пациенти да им овозможиме европско здравство – подвлече Меџити.
Најави дека и во наредниот период ќе продолжи инвестирањето во примарната здравствена заштита, во изградбата на нови и современи здравствени установи, како и инвестирањето во обуки и развој на младиот медицински кадар во земјава.
Според премиерот, задоволни здравствени работници, значи и задоволни пациенти.
– Тука пред сѐ, сакам да истакнам дека се скратија и процедурите за вработување во јавните здравствени установи, за да овозможиме полесно и побрзо пополнување на местата испразнети со пензионирања, или на здравствените работници кои си заминуваат од здравствените установи. Ние сме свесни за ризикот на одлив на кадри во здравството и затоа како и денес правиме сѐ што е во наша моќ за да ги задржиме нашите кадри тука – нагласи Ковачевски.