Институтот „Радика“ отвори дебата: Македонија пред нови геополитички предизвици
- Трибината се одвиваше во атмосфера на сериозна аналитичка расправа, каде учесниците предупредија дека светот навлегува во нова ера на нестабилност, а Македонија мора да ја дефинира својата улога меѓу САД и Европа. Настанот ги собра основачите на Институтот – Кирил Миновски, Далибор Јовановски, Жидас Даскаловски, Раби Седрак и Ивица Боцевски – кои пред присутните ја отворија дебатата за глобалните пресврти и нивното влијание врз Македонија.
Во Културно-информативниот центар во Скопје денес се одржа јавната трибина „Геополитичките промени и Македонија – враќање на историјата“, организирана од Институтот за меѓународни, стратегиски и безбедносни студии „Радика“. Настанот ги собра основачите на институтот – Кирил Миновски, Далибор Јовановски, Жидас Даскаловски, Раби Седрак и Ивица Боцевски – кои пред присутните ја отворија дебатата за глобалните пресврти и нивното влијание врз Македонија.
Трибината се одвиваше во атмосфера на сериозна аналитичка расправа, каде учесниците предупредија дека светот навлегува во нова ера на нестабилност, а Македонија мора да ја дефинира својата улога меѓу САД и Европа. Со оваа јавна дискусија Институтот „Радика“ ја потврди својата улога како форум за критичка мисла и аналитичка визија, оставајќи порака дека враќањето на историјата не е само академска тема, туку прашање од суштинско значење за иднината на државата.

Професорот Далибор Јовановски ја објасни симболиката на насловот на трибината.
– Предавам модерна балканска историја и се занимавам со многу други теми што се интересни за секој научник. Во рамки на оваа дебата, додека разговаравме како да ја наречеме за да биде по-провокативна и по-интересна, јас предложив да се додаде делот ‘враќање на историјата’. Тоа е контрапункт на познатата книга на Фукујама ‘Крајот на историјата’, една од најкритикуваните и најоспоруваните тези во поновата интелектуална историја. Јас сметам дека историјата никогаш не умира, ниту исчезнува – затоа намерно го ставив тој наслов. Историјата постои, само треба паметно да се користи – истакна Јовановски.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски ја нагласи европската интеграција како единствена стратегиска насока.
– Македонската стратегиска рационална опција е целосна апликација во Европската Унија. Не можеме да се надеваме дека политичкиот дефицит во нашите односи со Унијата ќе се надмине без јасна стратегија. Од практичен аспект, интеграцијата останува клучна, а од аспект на националниот интерес – тоа е единствената насока – наведе Боцевски.

Директорот на Институтот, безбедносниот аналитичар Раби Седрак, предупреди на глобалните потреси и нивното влијание врз Македонија.
– Глобалните потреси – од војната во Украина, преку политиката „Америка прво“, до разводот меѓу САД и ЕУ – ја ставаат Македонија во чувствителна позиција. Единствената сигурна насока е европската интеграција, но паралелно мора да градиме нови партнерства, особено со земјите од Блискиот Исток. Регионалната соработка и домашните реформи – борба против корупцијата, владеење на правото и силни институции – се клучни за напредок. Македонија треба да се фокусира и на технологија, иновации и сајбер-безбедност за да стане релевантен партнер во новиот глобален поредок – посочи Седрак.
Со овие искажувања и со размената на ставови, трибината отвори битно прашање: каде е Македонија денес и каква улога може да има утре во светот што повторно ја враќа историјата на големата сцена. Дискусијата покажа дека земјата се наоѓа пред крстосница – меѓу европската интеграција како единствена сигурна насока, потребата од нови глобални партнерства и домашните реформи кои се предуслов за секој напредок.

Настанот заврши со порака дека Македонија мора да биде подготвена да се движи низ новата ера на нестабилност со јасна стратегија, со визија за својата улога и со храброст да ги искористи шансите што ги нуди променливиот светски поредок.
Д.Ст.


































