Да го зачуваме тоа што нè прави посебни!
Проф. д-р Азиз Положани
„Како Струга нема друга“ – вака се гордеат стружаните кога охриѓаните со гордост велат „Златен Охрид“ (,,Oria si floria“ – на албански јазик). Oваа дефиниција навистина ги рефлектира реалните претпоставки од аспект на природните, културните вредности и другите богатства и ресурси што еден човек може да ги посакува за достоинствен и удобен живот. За ова „ласкање“ можеби слушнале и светски познати личности што ја посетиле Струга и сето тоа го потврдиле во своите дела. Меѓу нив, по Евлија Челеби, меѓу најпознатите беше и англискиот поет и сликар Едвард Лир, кој ги претстави Струга и Охрид во неговите слики во средината на 19 век и подоцна познатиот архитект Ле Корбизје, кој скицираше една типична куќа во Струга, објавена во една од неговите многубројни книги со наслов „Албанска куќа во Струга“.
Што ја прави Струга посебна?
Во Струга, „волшебното езеро“ на поетот Ласгуш Поградеци се влева во Црн Дрим од каде што го започнува патот расцепувајќи ги многуте планини, носејќи ги и донесувајќи ги јагулите на Луан Старова, заедно со митот за нив што ја направи Струга уште посакувана и попозната во светот. Над таа надморска височина од околу 700 м на една мала географска положба каде што четирите годишни времиња си заминуваат едно по друго точно според календарот што го изучувавме на училиште. Тука е најголемиот базен на вода, што е од непроценлива вредност и важност, има и планини со изобилство на минерални богатства и шуми каде што можеш да се одмориш и преку зима. На мостот Црн Дрим секоја година се одржува светскиот фестивал „Вечери на поезијата“, кој ги собира најдобрите светски пера секое лето, а на другиот мост „Одекнува песната“ од познати уметнички друштва во регионот.
Струга и Охрид беа меѓу најпознатите места во времето на албанската национална ренесанса. Не случајно, од тука потекнуваат пет потписници за чинот на независност во Собранието на Валона, како и за Конгресот на албанската азбука во Битола. Имало и претставници и во Пеќската лига, на Конгресот на Лушња итн. Струга исто така е место каде што беше даден многу битен придонес и за македонската национална ренесанса. Браќата Миладиновци се родени таму, исто така таму е роден и творел Владо Малевски, кој го напишал текстот за македонската химна и прв прозборел на албански јазик на Радио Скопје. Во Струга се наоѓа и најстариот и најбогат музеј во регионот „Д-р Никола Незлобински“ основан од овој „белогардејц“ дојден од Русија, кој, за жал, е многу малку познат на јавноста.
Денес Струга и нејзиното крајбрежје, како и Охрид, за нас претставуваат „наше море“, тоа е најпосакуваната туристичка дестинација во текот на летото и за многу граѓани, а особено за Албанците од регионот и нашата дијаспора, кои многу години се заминати за да заработат за подобра егзистенција, а сега може слободно да се каже дека тие ги претставуваат нашите национални вредности, кои со нивното доаѓање во летната сезона го одржуваат овој регион во живот речиси цела година.
Но не знам како, оваа место со толку многу природни, културни ресурси и еколошки предности, успева секој ден да биде во главните вести во негативен контекст и да ја достигне максималната грижа од УНЕСКО, за непочитување на оние норми со што езерото доби „заштитен статус“, како посебно природно богатство преку кое е поддржан и афирмиран во светот и кој овозможува унапредување на благосостојбата на населението што живее таму и пошироко.
Како дојдовме до тука?
Не е лесно да се одговори на ова прашање. И излезот од оваа ситуација е многу сложен, бидејќи причините за ваквата состојба не се толку едноставни како што изгледаат и разбирливо е дека тие не можат да се решат прекуноќ.
Без намера да станам дел од медиумската дебата, често еднострана и со симплифициран приод по ова прашање. За жал, некои медиуми, а не ретко и некои институции, намерно или ненамерно, пристапуваат површно и еднострано кон овој проблем. Површни се оние пристапи што го поедноставуваат прашањето, со тоа што имплементација на барањата на УНЕСКО ги лиферуваат без дополнително и темелно анализирање на причините за ваквата состојба. Ноторна вистина е дека занемарувањето на заштитата на културното и природното наследство и непочитувањето на претходно признаените стандарди на УНЕСКО не се манифестира само во последните години. Нормално е дека последниот извештај на УНЕСКО само го постави на висок приоритет, што, за жал, не беше случај и порано.
Зашто? Затоа што граѓаните и на Охрид и на Струга изразуваа незадоволство и огорченост за континуираната деградација на овие вредности пред многу години. Одговорни за оваа деградација се сегашните локални и централни власти, но и сите други предходно со години.
Периодичното легализирање на дивоградбите во согласност со изборните потреби, недостигот од концепт за одржлив развој на регионот и непридржување кон постојните, какви-такви, неизбежно е да нѐ доведат до оваа состојба.
„Нејасните“ надлежности помеѓу локалните и централните власти од оваа област, кои сè уште се користат за пренесување на вината и одговорностите едни на други и нееднаквиот третман на инфраструктурните инвестиции во составните делови на овој регион, исто така, воспоставија ситуација што доведе до една „природна, нормална“ иако неправедна состојба на охридското крајбрежје. Каде што охридскиот дел на крајбрежјето и самиот град Охрид е „нормално“ да бидат поразвиени, попривлечни и навидум „поцивилизирани“ од струшкиот дел на езерото и самата Струга. Од друга страна, крајбрежјето на Преспа и Струга изгледаат како „нормални“ такви какво што се – во една незавидна состојба. Овој наратив заснован врз предрасуди, како и врз штетни политики, полека доминира и во медиумските известување кога и извештајот на УНЕСКО, кој, според некои, се третира како обврска само на Град Охрид без да се споменат и другите места, создавајќи впечаток, како да се сака да се каже дека „тие сега се веќе безнадежни места“.
Според мене, овој пристап е опасен и болен. Овој наратив на прв поглед е наратив како резултат на тенденцијата за бегство од одговорност и во најдобар случај, грижа на совеста било на тие што го дозволите тоа било на оние што оние свесно го злоупотребиле „институционалното разбирање или рамнодушност“. Но дури и да се случи ова, иако јас не верувам, тогаш би се повторила историска неправда што во името на „толеранцијата кон традицијата“ всушност имала цел да го оддели население што живее во Струга од цивилизираните текови и да ја „образложи“ нашата „заостанатост“ не како резултат на неправедно институционално однесување, туку како природна последица заснована врз традиција или верски фанатизам – таков е аргументот. Ние мора да разбереме дека стандардите на УНЕСКО како Организација на Обединетите нации за образование, наука и култура се инструмент за унапредување на општествата преку промоција на цивилизациските норми кај сите народи во светот.
Ние не можеме да се разликуваме од другите и нема причина да не негуваме исти напредни и прогресивни вредности и, следствено, не можеме да се однесуваме поинаку кон промоторите на овие вредности било да живееме во Охрид или во Струга.
Ако прифатиме дека причините и одговорностите за оваа состојба се комплексни и тие припаѓаат на повеќе генерации власти (локални и државни) и институции, сигурен сум дека она што ѝ припаѓа само на оваа генерација од локални и централни власти, како и на граѓанското општество е одговорност да не дозволиме да се повторат истите причини. Тие треба да создадат и да понудат нов модел на регионален и локален развој што ќе биде во согласност со новите барања, како и со новите социјални и економски трендови. За тоа треба еден нов морал, што треба да создаде нова врска помеѓу избирачите и избраните, кои ќе се убедат едни со други за потребата од подобра иднина заснована врз законитост и правичност. Сигурен сум дека таков социјален договор може да се склучи со граѓаните на Струга.
Кои се чекорите што треба да се преземат?
Струга и Охрид се најатрактивните туристички дестинации во нашата земја, која нема излез на море. Бидејќи ова атрактивно крајбрежје е најбараната дестинација, се подразбира дека е потребно да се размисли за создавање соодветен капацитет за приспособување на барањата на овој нов контекст.
Втората објективна околност има врска со демографската структура на округот. Општина Струга денес има над 70 илјади жители и само 20 проценти од ова население живее во градот. Значи, ние имаме работа со рурална општина, која под нови околности се стреми кон урбанизација како нормален тренд во оваа фаза на развојот. Оттука притисокот за домување (колективно домување и куќи), секако, е многу висок. Во овој контекст, побарувачката за атрактивни места покрај езерото за обезбедување простор за економски туристички објекти (хотели и ресторани) е исто така голема. Ова барање е добредојдено, затоа што со тоа се отвора простор за вклучување на капиталот на луѓето и зајакнување на економскиот развој, а со тоа можност и за вработување на младите и спречување на миграцијата, како жешки теми за кои треба да се работи и конкретно, не само со зборови. Подобрувањето и збогатувањето на инфраструктурата околу крајбрежјето ќе ја апсорбира зголемената побарувачка на жителите и од другата страна на езерото, од Албанија, кои сакаат да имаат викенд-станови во Охрид и во Струга.
Диверзификација на активностите и продолжување на туристичката сезона надвор од традиционалната летна сезона, збогатувајќи го животот со многу богат културен потенцијал, ќе ја зголеми економската активност и ќе влијае на интензивно обновување на земјоделството и сточарството, кои сега, за жал, значително се намалени. Но во исто време, оваа диверзификација и реализирање на можностите бара создавање, одржување и почитување на стандардите, особено во заштитата на природните богатства. Изградбата на туристички атракции не може да се дозволи на штета на тие ресурси и природни богатства што го прават овој град посебен. Накратко речено, со нездраво крајбрежје не може да се има здрав туризам. Политиката, во поширока смисла на зборот, треба да ги унапредува овие стандарди, потпирајќи се на забелешките и на УНЕСКО како здрава основа. Езерото што поврзува толку многу колективни контексти, култури и спомени не може да се брани од еден фронт, туку треба да се одразат меѓусебно поврзаните потреби, можности и култури, што значи не само Охрид и Струга со околината туку и проширување на соработката преку границата.
Ова барање на УНЕСКО нека биде причина за ново преиспитување на нашиот социјален и економски развој врз нови принципи со надминување на институционалните предрасуди што се јавуваат во контексти што не одговараат на реалноста. Сигурен сум дека ова ќе ги задоволи барањата и потребите на граѓаните, а особено на нашата дијаспора, која сега е култивирана и сака нови норми и стандарди. И на крајот, тоа е начин како да се зачува и одржува богатството за многумина од нас, без разлика дали сме израснати покрај езерото или уживаме во неговата убавина и свежина одвреме-навреме, сите ние во себе носиме меѓусебно поврзани истории, колективни и индивидуални спомени што не треба да дозволиме да бидат изгубени.
(Авторот е ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје)