фото: Зоран Антоски

Традицијата наспроти старата Нова Година во Кичево да се палат василичарски огнови не изостана ни годинава. Синоќа низ повеќе населби во градот блеснаа василичарските огнови крај кои се собираат локалните жители, кои со топла ракија, пржени колбаси, туршија и повеќе видови десерти ја поминуваат оваа вечер, независно што надворешните температури се многу ниски.

Во некои населби за овој ден се избира и василичарски кум, кој ја презема обврската наредната година да ја организира оваа вечер со се она што го подготвиле и неговите претходници.

– И годинава во нашиот град во повеќе населби се запалија василичарските огнови за дочек на Старата нова година – Василица. И во нашата населба беше запален василичарскиот оган крај кого беа поседнати локалните жители, кои ги почестија своите соседи со топла ракија, пржени колбаси и солено месо, туршија и десерти. Често се случува на Василица да нѐ посетат и локални оркестри, кои го разубавуваат овој дочек, а за возврат се почестени со понекој денар и со топла ракија и мезе што го имаме на располагање – вели Зоран Стојаноски, жител на оваа населба.

Во населбата Коњски ливади за организирање на оваа вечер задолжен е кумот, кој ја имал таа среќа да ја добие паричката во питата подготвена за оваа прилика.

– Повеќе од две децении во нашата населба практикуваме да се избере кум за Василица, кој има обврска да подготви мезе, десерти и други ѓаконии со кои ќе ги нагости своите соседи. Оваа практика продолжува и понатаму и сите жители на населбата и покрај ниските температури остануваат на отворено загревајќи се со чашка топла ракија – додава Драган, локален жител.

Ни жителите во повеќето села во Кичевско не ја прескокнуваат оваа традиција и палат василичарски огнови.

Во домовите на граѓаните од Кичево се месеше василичарска пита со паричка и оној кому ќе му се падне паричката ќе има многу здравје и среќа претстојната година.

З.А.