Фото: Игор Смилев

Традиционално во последниот викенд пред 13 јуни, Денот на погибијата на творецот на Бели Мугри, планинарските друштва од Кичево ПЕД „Ендорфин“ и ПСД „Бистра“ и еколошкото друштво „Грин Пауер“ од родниот град на поетот, Велес, го реализираа Маршот за Рацин на планината Лопушник. Седумдесетина припадници од овие друштва и почитувачи на поетот од други градови, во текот на еднодневниот марш го изодеа патот долг околу дваесетина километри од село Извор до врвот Стог на планината Лопушник и назад.

-Нашето еколошко друштво осумедесет годишнината од смртта на Коста Солев Рацин и 115 години од неговото раѓање ги одбележа и со традиционалниот „Марш за Рацин“ од селото Извор до планината Лопушник, каде што загинал големиот поет. За реализација на овој марш ни беа потребни околу 6 часа пешачење до врвот Стог, каде се наоѓа споменикот подигнат во чест на поетот на (1576 м.н.в.) и назад до село Извор. Пред споменикот на Рацин на планината Лопушник за големиот поет зборуваше пензионерот од Велес, Тодор Крајчев, кој со одбрани зборови се наврати на Рацин и денот кога се случила големата трагедија, а прочита и песна посветена на поетот – истакна Игор Смилев, претседател на еколошкото друштво од Велес.

И покрај дождливото време учесниците на традиционалниот марш, презадоволни од еднодневната дружба се разделија во село Извор и закажаа нова средба наредната година. З.А.

Фото: Игор Смилев