Одлуките кои во последно време ги носи новосоздаденото мнозинство во Советот на Општина Битола, почнувајќи од 27-та седница, на која противзаконски беа разрешени Управните и Надзорните одбори на јавните комунални претпријатија, како и на последната седница одржана на 27 јуни, за привремено враќање на шинтерската служба, се уште една потврда за противзаконско постапување од страна на Советот, непочитување и мешање во ингеренциите на градоначалникот и другите институции.
Ова го кажа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на денешната прес-конференција.
Тој нагласи и дека одлуката за привремено враќање на шинтерската служба во надлежност на ЈП „Комуналец“ е невозможно да се спроведе.
– Доколку пак се насочиме на нејзино спроведување, тогаш наместо на обезбедување документација и лиценца од Агенцијата за храна и ветеринарство за новото прифатилиште, на што веќе работиме, треба да се насочиме на создавање услови во ЈП „Комуналец“, бидејќи такви услови не се создадени – кажа Коњановски.
Во врска со поднесената кривична пријава од страна на советниците на СДСМ против него, Коњановски на денешната прес-конференција изјави дека новосоздаденото мнозинство во Советот на Битола има за цел целосно да ја блокира, не само неговата работа и работата на Советот, туку и да ја блокира работата на шесте јавни комунални
претпријатија.
– Деновиве бевме сведоци и на поднесена кривична пријава против мене. Токму во тој контекст, денес на мое барање имавме вонреден инспекциски надзор во врска со незаконски донесените одлуки од Советот на 27-та седница, за разрешување на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на шест јавни претпријатија. Одлуките кои не ги потпишав, не само што се донесени противзаконски, туку имаат за цел и да доведат до целосна парализа на сите јавни претпријатија и да ги доведат на работ на егзистенција над 1.000 вработени во претпријатијата. Очекувам инспекцискиот надзор да го потврди токму тоа, дека ваквото делување на Советот е противзаконско и на штета на Битола – тврди Коњановски. М.М.