Фото: Зоран Антоски

Во присуство на вработени од Меѓуопштинскиот центар за Социјална работа, невладини организации, Општина Кичево, граѓани и инспектори по превенција при ПС Кичево и СВР Охрид, вчеравечер беше спроведена акција како дел од проектот „Соседска патрола“, при што беа посетени повеќе локации во градот каде што се собираат млади, а не е осветлено, потоа на повеќе крстосници и улици беше извршена контрола на повеќемина возачи од помладите генерации, и се мереше и гласноста што излегува од локалите во градот.

– Како дел од проектот „Соседска патрола“, вчеравечер посетивме повеќе локации каде што се собираат млади од градот , како локациите кај Соколаната, Правниот факултет, Железничката станица и во одредени урбани населби, за да провериме дали и понатаму помладите жители на градот се собираат на овие места. Потоа на сообраќајниците извршивме контрола кај повеќе возачи, за да утврдиме дали поседуваат возачка дозвола, имаат присуство на алкохол во крвта или се постари малолетници, кои после 23 часот можат да возат единствено во присуство на повозрасен сопатник. На крај посетивме повеќе локали во градот, за да провериме колкава е гласноста во истите и во оние локали каде што беше измерена бучава над дозволените граници, ги предупредивме да ја намалат гласноста за да не им пречат на жителите од соседните куќи и згради и да се придржуваат кон одлуката за силината на гласноста од локалите донесена во 2009 година – истакна Гоце Јованоски, инспектор по превенција од ПС Кичево, кој додаде дека проектот продолжува и со континуирани акции во периодот кога тече учебната година, тогаш овие проверки, средби и разговори се вршат во викендите и празниците, кога децата немаат обврски кон училиштата.