Опрема во училишта и во градинки за намалување на загадувањето

Општината Прилеп аплицира за набавка на котларница за гимназијата „Мирче Ацев“, за што беа одобрени 5.400.000 денари, и за 13 инвертори за потребите на средните училишта „Орде Чопела“ и „Ѓорче Петров“, како и за детските градинки „Наша Иднина“.

– Вториот проект беше за енергетска ефикасност, за кој добивме околу 3.500.000 денари, со кои се изврши промена на дограмата и столаријата во домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ и во некои од градинките „Наша иднина“, а беа набавени и седум прочистувачи на воздух за потребите на детските градинки – истакнува градоначалникот Илија Јованоски, на средбата со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Од општината Прилеп информираат дека реализираните проекти од областа на животната средина се тема од одржаната средба, на која градоначалникот Јованоски напоменал дека на јавниот повик за програмата за намалување на загадувањето на воздухот за 2019 година, кој го спроведе Секретаријатот на Владата во соработка со Министерството за животна средина, општината Прилеп доставила две апликации. Јовановски потсетил на мерките за заштита на животната средина што општината Прилеп ги реализира во текот на минатата година, меѓу кои беа и четирите автобуси на метан, а ги акцентирал и средствата во висина од 6.000.000 денари, кои Советот ги издвоил за субвенционирање на 400 инвертори и велосипеди за граѓаните. Тој кажал дека јавниот повик за субвенционирање инвертори и велосипеди ќе биде распишан откако ќе бидат одредени критериумите за нивно добивање.

– Прилеп е една од ретките општини што имаат донесено програма за енергетска ефикасност, што е комплементарно на планот на Владата за чист воздух. Општината Прилеп доби средства во висина од околу 9,5 милиони денари за повеќе објекти. Она што постојано го нагласувам е дека овие проекти им штедат пари на општината, на Владата, на граѓаните, но штедат и емитување на ПМ-честички во воздухот. Јасна е пораката што ја добиваме и од изведувачите и од децата во градинките каде што е интервенирано со инверторите, бидејќи во просториите е и потопло и почисто. Со градоначалникот разговаравме и за приоритетните проекти за 2020 година. Сите податоци покажуваат дека инвестициите во енергетска ефикасност носат заштеда од 25 до 30 отсто, а да не споменувам за заштедите таму каде што се користат, 35-40 тони нафта, кои чинат околу 30.000 евра и кои генерираат 22 килограми ПМ 10 честички и 20 килограми ПМ 2,5. Нема друг начин да се справиме со загадувањето, освен елиминирање на изворите и затоа ги поздравувам сите овие заложби што се прават во општината Прилеп – истакнал заменикот-министер Макрадули на средбата во Прилеп.