Последниот ден од годинешното јубилејно 40-то издание на „Малиот битолски Монмартр“ помина во цртање на малите ликовни уметници од Битола во еко-паркот. Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ги посети учесниците на завршниот настан, а заедно со организаторот на фестивалот, Елена Хаџи Антоновска, доделија благодарници до менторите на учениците од битолските градинки и училишта, како и мали подароци за учесниците.

– Оваа година се одбележуваат 40 години на „Малиот битолски Монмартр“, кој е голем по многу нешта и значаен за нас битолчани, но за жал годинава без чичко Коста. Ова што се случуваше во изминатите денови, од отворањето, изложбите, цртањето, само покажува дека боите, страстите, желбите и енергијата кај луѓето никогаш не можат да умрат. Нашиот град годинава, покрај тоа што даде целосна поддршка на 40-тото издание, останува отворен во следните години за сите понатамошни идеи кои што ги имаат граѓаните за зачувување на овој наш бренд и оваа манифестација, која што заедно сметаме дека е соодветна, бидејќи Битола е препознатлива по „Малиот битолски монмартр“ – истакна Петровска.

Годинава за првпат е востановена нова награда во чест на идејниот творец и основач на Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, Коста Хаџи Антоновски, која годинава отпатува во Португалија.

Дел од младите ликовни творци ѝ подарија свои дела на градоначалничката Петровска.

М.М.