Денешната собраниска седница беше во знакот на Декларацијата за фер избори и жестоката дебата на власта и опозицијата на актуелните теми – од националната безбедност, социјалата, па се до приватизацијата во државата. Седницата започна со изгласување на заедничка Декларација за одржување на фер и демократски локални избори, за избор на општински советници и градоначалници.
По изгласувањето на декларацијата на последните пратенички прашања закажани пред официјалниот старт на изборната кампања, започна и жестоката дебата меѓу пратениците и претставниците на власта за актуелните политички, безбедносни, социјални и економски случувања.
Дебатата ја отвори опозицискиот лидер Венко Филипче кој побара одговори од премиерот Христијан Мицкоски за, како што рече, „аферата за незаконско следење на политичари во времето од 2019 до 2024 година“, и праша „зошто не е дозволено декласификација на документите за да се дознае вистината“.
-Имајќи предвид дека пратениците се лица со соодветни безбедносни сертификати и имаат право на увид во вакви информации, тоа е нивна уставна надлежност – не треба да има мешање меѓу законодавната и извршната власт. Особено ако се земе предвид дека во минатото службите беа злоупотребувани за прислушување и слични активности, сметам дека е од исклучителен јавен интерес оваа афера целосно и детално да се расчисти – изјави Филипче од говорница.
Премиерот Мицкоски одговори дека тој не е надлежен за декласификација на информации и додаде дека очекува Обвинителството да постапи во интерес на правдата. Според него најмал проблем е тоа што тој бил „следен физички туку што и членовите на тогашната влада на СДСМ биле следени“.
-Оставете ме мене, јас сум ви бил политички противник, решил некој таму да се заигра малку повеќе, во ред, разбирам, нема проблем. Во самата ваша Влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Затоа ви велам повторно ве носат во длабоко. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми – рече Мицкоски.
Од собраниската говорница премиерот денеска откри дека во изминативе 15 месеци институциите не можеле да ги најдат прислушкуваните материјали за кои обвинуваше СДСМ пред да дојде на власт.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, од собраниската говорница обвини „за поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со агенцијата Рубикон и нејзиниот сопственик, која го обезбедувала објектот на дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Премиерот Мицкоски, во репликата на Апасиев, покажа документи и списоци за коишто рече дека ги добиле од свиркачи во врска со партискиот објект на Левица и од кои исто така, како што кажа, се гледа дека претседателот на Левица Апасиев и кандидатот за градоначалник на Скопје на оваа партија си префрлувале пари од сметката на Левица.
Мицкоски прочита извадок од записник во кој, наводно, Апасиев информира партиски членови за купувањето на објектот на поранешниот хотел „Опера хаус“ за 250.000 евра.
Кога сме кај злоупотребите во Левица, рече премиерот, свиркач до нив исто така доставил список на трансакции во кој, како што кажа од собраниската говорница, има стотици трансакции на пари префрлани од политичката партија Левица на трансакциска сметка на Апасиев.
Пратениците жестоко дискутираа и откако СДСМ побара покачување на минималната плата на 500 евра, на што власта аргументираше дека „со таков потег е можно негативно влијание врз малите и средни претпријатија“.
Политичката расправа продолжи со обвинувања за случајот со пожарот во кочанската дискотека и обвинителскиот процес за тој случај, а потоа и за „вечните теми – името да државата и приватизацијата“.
На брифинг со новинарите, претседателот на Собранието Африм Гаши, рече дека ова е последната пленарна седница во Собранието и дека пратениците ќе продолжат со седниците по втори ноември, откако ќе завршат локалните избори закажани на 19 октомври годинава.