Фото: Игор Бансколиев

Стево Пендаровски,
претседател на Македонија

– Пред точно 32 години, ги паметиме зборовите на првиот претседател Киро Глигоров: „Да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија“. Низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на Денот на независноста. Успесите нѐ радуваа, но, за жал, примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја уриваа довербата во институциите и ја обезвреднуваа самата држава. А цената ја плаќаат оние што најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат.

Знам дека ова не се вообичаени празнични пораки, но се неопходни, затоа што граѓаните на 8 септември 1991 гласаа за уредена и просперитетна Македонија, која сѐуште ја немаме. Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме. Од нас денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата. Од нас денес се бара да имаме функционални институции, законите да важат еднакво за сите, и општествени реформи од кои благодат ќе видат граѓаните, а не само оние што се привилегирани.

Смислата на постоењето на Републиката е да го оствариме заедно она што не можеме да го постигнеме засебно ‒ слобода, правда, економска благосостојба и соживот. Како што секој успех на македонската држава досега е плод на заеднички напори, така речиси и секој системски неуспех е последица на отстапувањето од тој принцип. Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата, која никако да ја завршиме.

Државата има многу умни и доблесни луѓе со образ, луѓе домаќини што можат да го обноват духот на македонската република врз основа на темелните уставни и општоцивилизациски вредности. Само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од три децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија, во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат.

Убеден сум дека имаме и сили и волја за такво нешто!
Нека ни е честит Денот на независноста! Да ни е вечна македонската република!


Талат Џафери,
претседател на Собранието на Македонија

– Заокружуваме полни 32 години од историската одлука од референдумот на кој граѓаните ja изразија слободно својата волја, а нашите колеги пратеници ја ставија на хартија и во живот таа волја за самостојна, суверена држава со меѓународно признаен правен субјективитет и рамноправен член на заедницата на народите. Беа детерминирани и стратегиските приоритети кон кои ќе ја водиме и развиваме државата, која беше млада, со кревка демократија и за која требаше да се постават основите за раст, развој и опстанок. Над сѐ, за да се одржи суверенитетот и интегритетот на земјата, со посебен респект кон сите што го положија најскапоценото, за да може да се постават темелите на нашиот заеднички дом. Стратегиските цели беа и сѐ уште се приоритетите околу кои се обединувавме како држава, како политичари и како граѓани, секогаш со верба дека членството во најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО, и во Европската Унија на држави е клучната гаранција за обезбедување континуитет.

За да се исполнат тие две цели, се соочивме со предизвици што секогаш нѐ ставаа пред сложени крстосници, кои ги тестираа нашата мудрост, нашата сила, единственост и визија. Поучени од минатото, ја извлековме и научивме најважната лекција, а тоа е дека само заедно, единствени и едногласни, имаме сила да стигнеме целосни пред заедничката цел и подготвени за успешно надминување и на следната пречка. Така го надминавме триесетгодишниот спор, кој нѐ имаше изолирано од светот и нашето рамноправно учество во меѓународните организации и процеси. Продолживме понатаму, и покрај многубројните дилеми, прашалници, двоумења и намалувањето на вербата кај граѓаните. Ја одржавме првата меѓувладина конференција и во исчекување сме на втората, која би значела и почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.


Фото: Игор Бансколиев

Христијан Мицкоски
претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Честит и вековит нека е 8 Септември, денот на независноста на Македонија.
Ова е Ден, празник на најјасно изразената волја на македонскиот народ, а се одбележува со државни зафати целосно спротивни на идеалите водилки на 8 Септември 1991.
И овој празник на независноста Македонија го одбележува со силна трагедија, скандал со смртни последици.
Македонија ја одбележува независноста со разочараност, нереализирани надежи и очекувања. Со иселена младина, ученици без учебници, пациенти без лекови, работници без права, криминал наместо правда.
Овој 8 Септември мора да означи победа за Македонија, да означи почетокот на смената за сликата на македонскиот политичар, смена на вредностите, исправање на неправдите и многу, многу работа.


Иван Стоилковиќ,
претседател на Демократски сојуз на Србите во Македонија

– По 32 години независност на Македонија, дојдовме до точката во која се прашуваме дали уште има нешто од првичната идеја и визија за создавање независна држава. Веројатно за тоа како најкомпетентни треба да се прашаат оние политичари и пратеници што дејствуваа во тој период. Денешните резултати и предизвици со кои се соочуваме во функционирањето и визиите за државата укажуваат дека сме излегле и скршнале од првичните идеи и визии за независна Македонија. Сите политички импровизации што се случија во овие триесетина години некако потврдуваат дека во приказната за независноста влеговме неподготвени, како изнудено решение на околностите што ги создаде распадот на Југославија. Тоа не беше резултат на обмислена политика, односно тогашната политичка елита како да не можела да ги антиципира настаните, што доведоа до падот на Берлинскиот ѕид, па однапред да одреди некоја стратегија за независен напредок на Македонија. За разлика од Македонија, во некои други југословенски републики такви елити што заговараа независност постоеја со децении. Таквата практика на реагирање отпосле на настаните, без антиципација и стратегија, нѐ доведе до денешните предизвици со кои се соочуваме, од Македонија постојано да се бараат недемократски и непринципиелни отстапки во име на некоја повисока геополитика.


Аднан Ќахил,
претставник на Турците во Македонија

– Осми септември е важен и светол ден за Македонија. Во таа 1991 година, со референдумската одлука на граѓаните на 8 септември, Македонија направи два важни исчекора: излегување од југословенската федерација без војна и прифаќање нов општествено-економски систем на пазарна економија. Најголем дел граѓаните на Македонија гласаа за овие промени, кои се од историска важност. За овие триесетина години, сепак успеавме да изградиме држава со сите атрибути на државност, и покрај сите предизвици што ни беа наметнувани и со кои се соочувавме. Поради растечката ноншалантност и неодговорност во политичката практика низ годиниве на независност, сѐ повеќе се движиме кон состојба на „зависна независност“. Во глобалниот амбиент на спротивставени геополитички интереси, економската и политичката независност, особено за малите земји, е секојдневен предизвик за државата и нејзините институции да ги менаџира таквите неизбежни влијанија. За жал, сѐ повеќе се покажува дека управувањето со државата Македонија е оставено на стихија и неорганизираност, што води до целосна ерозија на волјата и одлучувањето на граѓаните и функционалноста на институциите. Треба да ги реафирмираме основните принципи на референдумот од 1991 година и да пронајдеме храброст да ги надминеме сите негативности акумулирани во овие 32 години независност. Неопходно е да се реорганизираме економски и политички. Европската Унија и понатаму останува нашата стратегиска определба, но не со уцени. Мораме да излеземе од таа психологија на живот „денес за денес“ и да почнеме да размислуваме од денес за утре. Треба да носиме правилни, добри и стратегиски одлуки со прашување на граѓаните, а граѓаните се прашуваат на избори.


Неждет Мустафа,
претседател на Обединета партија за еднаквост на Ромите

Денот на независноста на државата е обврска на секој граѓанин да се чувствува гордо и лојално. Независноста на нашата држава е чувство на секој припадник на која било етничка заедница дека во минатото, денес и во иднина ќе биде држава на сите граѓани со еднаков статус, односно граѓани под мотото еднакви меѓу еднаквите. Кој било нов концепт на одредени планери смета дека ниту е време, ниту оваа мултиетничка хармонија, ниту оваа мултиетничка лојалност и патриотизам кон нашата држава не смее некој да остави впечаток дека е над некоја етничка заедница.