Лекции од Егејот: Грција и Турција разговараат без медијатори, Македонија со блокади
- Аргументите со кои настапува официјална Софија се дека Македонија нема несогласувања со Бугарија, туку за пречките на својот евроинтегративен пат треба да разговара со Брисел, иако истите пречки ги постави бугарската страна, која вешто ги преточи билатералните условувања поврзани со идентитетот, јазикот и со историјата во двата протокола вклучени во преговарачката рамка. Сето тоа доволно говори зошто Бугарија одбива секаков дијалог со македонската страна, бидејќи е свесна оти на тој начин ќе мора да се откаже од вековните аспирации и доктрини во однос на македонскиот народ
Решавањето на сите отворени прашања, особено меѓу две соседни земји, секогаш треба да се одвива низ дијалог, меѓусебно разбирање, почитување и изнаоѓање решенија, кои не само што ќе бидат од полза на обете страни туку ќе придонесуваат за подобрување на односите на долг рок.
Тоа е она што во овој момент недостига на релацијата Софија-Скопје, имајќи го предвид фактот дека и покрај отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија, кои влијаат врз меѓусебните односи, бугарската страна подолго време одбива секаков дијалог што би водел кон решавање на недоразбирањата.
Аргументите со кои настапува официјална Софија се дека Македонија нема несогласувања со Бугарија, туку за пречките на својот евроинтегративен пат треба да разговара со Брисел, иако истите пречки ги постави бугарската страна, која вешто ги преточи билатералните условувања поврзани со идентитетот, јазикот и со историјата во двата протокола вклучени во преговарачката рамка.
Сето тоа доволно говори зошто Бугарија одбива секаков дијалог со македонската страна, бидејќи е свесна оти на тој начин ќе мора да се откаже од вековните аспирации и доктрини во однос на македонскиот народ.
И најлутите непријатели сепак разговараат
Од друга страна, без оглед на големите антагонизми и непријателства во минатото, има соседи што седнуваат на маса и одвреме-навреме наоѓаат решенија за отворените прашања и проблемите што ги обременуваат.
Имено, во повеќе наврати Грција и Турција биле на работ на отворен оружен конфликт, иако обете земји се членки на НАТО, но сепак секогаш надвладувал разумот кај обете страни и тие најмалку еднаш годишно го одржуваат жив дијалогот на највисоко ниво, на кој расправаат за меѓусебните проблеми и позиции, како начин да превенираат ескалирачки состојби во иднина.
– Нашите односи со Турција се самостојни. Ќе имам можност да бидам во Анкара во наредните седмици и во никој случај не сметам, а мислам дека и Турција го дели тој став, дека ни е потребен некаков медијатор или посредник за да разговараме за прашања што ги засегаат двете земји – рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телевизиско интервју.
Говорејќи за грчко-турските односи, тој објасни дека по потпишувањето на Атинската декларација во декември 2023 година постојат „значајни придобивки што не треба да се занемаруваат“, а како пример ги спомена значителното намалување на тензиите и нарушувања на грчкиот воздушен простор, соработката со Турција во областа на миграцијата, воведувањето брза виза за турски туристи на островите во источниот дел на Егејско Море, како и отворените канали за комуникација за решавање каква било тензија. Од друга страна, рече дека главното прашање и „суштинската разлика со Турција, е една и единствена: разграничувањето на морските зони, ексклузивната економска зона и континенталниот гребен, во Егејско Море и во источниот Медитеран“.
– Во секој случај, фактот што можам директно да разговарам со претседателот Ердоган верувам дека е само позитивен, бидејќи очигледно не разговараме само за грчко-турските односи. Грција би сакала да развие и повеќе иницијативи во поширокиот регион. Би можеле да го разгледаме и прашањето за една поширока регионална конференција во која би била вклучена и Турција. Ние сме соседи, „осудени“ од географијата да коегзистираме и треба стабилно да постојат отворени канали за комуникација – нагласи Мицотакис.
Додаде дека Турција треба да сфати дека решавањето на разликата со Грција би имало и други паралелни придобивки за неа, особено во однос на можноста дополнително да се приближи до Европската Унија и да учествува во некои идни програми за финансирање на нејзината одбранбена индустрија со европски средства.
Сето ова покажува дека кога се разговара, тогаш не само што се наоѓаат решенија туку се отвораат перспективи за обете земји.
Проблемите се одржуваат поради нивната полезност како средство за притисок
Дел од познавачите на геополитичките односи сметаат дека дијалогот и натаму е единствениот начин да се решаваат отворените прашања, особено кога се работи за соседни земји бидејќи тие и натаму ќе продолжат да живеат една до друга, а од политичарите зависи какви ќе бидат меѓусебните односи. Уште додаваат дека во тешки и непредвидливи геополитички случувања, особено е важно соседите да одржуваат добри и пријателски односи.
– Примерот со односите меѓу Грција и Турција јасно покажува дека и најкомплицираните и најризични спорови можат да се третираат преку директен политички дијалог. Иако двете земји имаат сериозни безбедносни, територијални и историски несогласувања, кои во одредени моменти биле и на работ на воен судир, нивните политички раководства не бегаат од разговор. Напротив, тие јавно признаваат дека дијалогот е единствениот начин да се управува со конфликтите, без оглед на тоа колку тие се тешки. Последната изјава на грчкиот премиер Мицотакис, дека Атина и Анкара немаат потреба од медијатори и дека можат директно да разговараат, е силен сигнал за политичка зрелост и одговорност – велат експертите.
Според нив, односот на Бугарија кон Македонија отвора сериозно прашање за вистинските намери на Софија.
– Иако бугарските власти постојано зборуваат за пријателство и блиски односи, во пракса тие систематски избегнуваат директни политички средби и суштински разговори за отворените прашања. Наместо дијалог, Бугарија инсистира тие прашања да се третираат исклучиво преку институциите во Брисел, што претставува форма на политичко бегање од одговорност. Таквиот пристап создава впечаток дека проблемите не се одржуваат поради нивната сложеност, туку поради нивната корисност како средство за притисок. Кога една држава навистина сака да ги реши отворените прашања со соседот, таа не ги извезува проблемите, туку ги решава на билатерално ниво. Во спротивно, се испраќа јасна порака дека статус квото е попожелно од компромисот – посочуваат експертите.
































