Во слободните држави, како што се членките на Европската Унија, граѓаните можат слободно да ја изразат својата етничка припадност, да ја практикуваат религијата што ја сакаат, да ја критикуваат работата на Владата, да се здружуваат во партии и сл. Меѓутоа повеќе пројави потврдуваат дека Бугарија и покрај тоа што е членка на Европската Унија само делумно е слободна држава. Ова е особено видливо од непочитувањето на првата на одредени етнички групи, вклучувајќи го и македонското малцинство. Во повеќе релевантни извештаи се констатира оваа состојба, но како да не постои правен лек, особено за почитување на Судот за човекови права во Стразбур. Повеќемина експерти посочуваат дека европските институции мора да изнајдат правни начини што ќе ја принудат Бугарија да го прекрати досегашното прекршување на човековите права на сопствените граѓани
Европските институции мора да изнајдат правни начини за Бугарија да го прекрати досегашното прекршување на човековите права на сопствените граѓани
Неколку пројави потврдуваат дека Бугарија по својата политичка природа е демократска, но не и целосно слободна држава. Неколку релевантни извештаи, кои потекнуваат од европските институции, но и од неколку организации како што е „Фридом хаус“, констатираат дека маргинализираните групи генерално имаат политички права. На пример, Ромите немаат ниту еден пратеник во бугарскиот парламент… Исто така, бугарските судови и понатаму ја одбиваат регистрација на политичката партија ОМО Илинден, која бара правно признавање на македонското етничко малцинство во Бугарија. Во споменатите извештаи исто така се констатира дека одредени членови на екстремно десничарските националистички партии, како во Бугарија така и во институциите на Европската Унија, се вклучени во говор на омраза што е насочен против Ромите, Турците, Евреите, Македонците, муслиманите, мигрантите и бегалците.
Официјална Софија флагрантно го крши членот 6 од бугарскиот устав
Дека Бугарија е само делумно слободана држава потврдува и непочитувањето на бугарскиот устав, кој има либерална природа од страна на самите бугарски државни институции. Имено, во членот 6 од бугарскиот устав се вели дека: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Сите граѓани се еднакви пред законот. Нема да има привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, националност, етничката самоидентификација, пол, потекло, религија, образование, мислење, политичка припадност, личен или социјален статус или имотен статус.“ Во членот 29, меѓу другото, се вели дека никој „не смее да биде подложен на понижувачко постапување или на насилна асимилација“, а во членот 39 од бугарскиот устав се нагласува дека никој не смее „да биде прогонуван или ограничен во неговите права поради своите ставови.“ Нашите соговорници велат дека непочитувањето на бугарскиот устав од државните институции е потврда за неслободниот карактер на бугарската држава. Ова е особено забележливо во негирањето на македонското малцинство, како и забраната за здружување и учество во изборите како Македонци, иако тоа е спротивно од самиот бугарски устав.
Пред две години, европскиот парламент испрати повеќе критики до Бугарија за непочитување на човековите права, од кој добар дел се однесуваше на непочитување на пресудите од Стразбур. Исто така повеќе европски институции констатираа расистички изјави и говор на омраза што потекнува од политички фактори во Бугарија, а е насочен кон Евреите, муслиманите, Турците и Македонците.
– Ова е сериозен проблем во Бугарија. Се бара од бугарските власти и институции да го осудат овој говор на омраза. Во европските извештаи се повикуваат бугарските институции да направат значителни напори и систематски да го осудат говорот на омраза, особено во однос на почитување на препораките на последниот европски извештај против расизмот и говорот на омраза – вели Тони Гламчевски.
Потсетување и за непочитување на многубројните пресуди на Судот за човекови права во Стразбур од страна на Бугарија
Потврда за неслободниот карактер на Бугарија како држава е и неспроведувањето на многубројните пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, суд што го потврди прекршувањето на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство, чин што ја ограничува слободата на Македонците што живеат во Република Бугарија. Неколку релевантни европски институции побараа брзи решенија за пресудите што произлегуваат од судот за овие случаи.
– До крајот на декември 2023 година, бугарските власти требаше да дадат информации околу регистрацијата на македонските здруженија и организации. Овие случаи ќе бидат испитувани до март 2024 година. Слични одлуки донесе и комитетот на министрите на советот на Европа. Но Бугарија и понатаму правејќи се заинтересирана ги одби сите одлуки за регистрација на македонските здруженија – вели Гламчевски.
Неслободниот карактер на бугарската држава како да е толериран од европските фактори. Ова се потврдува и од состојбата во Советот на Европа, најстарата паневропска организација, која се грижи за основните човекови права во земјите членки на организацијата. Тука како да не постои, како да нема правен лек за почитување на пресудите од страна на Софија, констатира Тони Гламчевски. Досега Софија се задоволува со исплата на оштетата кон македонското малцинство, а минатата есен и покрај посетата на известувачи на парламентарното собрание на Советот на Европа ништо не е сторено за унапредување на човековите права на Македонците во Република Бугарија. Во овој контекст треба да се спомене дека Бугарија има вкупно 164 пресуди и е меѓу десетте членки на Советот на Европа што имаат најмногу неспроведени судски одлуки, поради што се следи од страна на Комитетот на министрите.
Менкиновски: Бугарија само декларативно се залага за заштита на човековите права, а не и суштински
Тони Менкиноски, еден од правните застапници на Македонците од Бугарија, вели дека Бугарија само декларативно се залага за заштита на човековите права, а не и суштински. Според него, тоа е очигледно од многубројните пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, кој го потврди прекршувањето на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.
Нашите соговорници исто така велат дека покрај фактот дека на македонското малцинство во Република Бугарија му се забранува правото на изучување на мајчиниот јазик, му се забранува правото на здружување и учеството на политичките избори преку македонска политичка партија, истовремено е подложно на асимилација, нешто што е спротивно на членот 39 од бугарскиот устав. Сето ова е само потврда дека Бугарија е само делумно слободна држава бидејќи флагрантно ги прекршува основните човекови и малцински права, како и правото за национална и етничка самоидентификација. Д.Ст.