Според античкиот грчки писател Дионисиј Перигетес, причината што островот го добил тоа име е дека, наводно, биле пронајдени змии на островот, кои биле бели по боја. Сепак, се чини дека ова е мит, бидејќи на островот нема трага од змии. Локалното население го користи името за островот што значи „зима“. Островот на змиите долго време бил поврзуван со Ахил, големиот воин од грчката митологија, а имало храм на херојот со статуа внатре
Стратегиското значење на малото парче копно во Црно Море, некогаш и сега
На првиот ден од почнувањето на руската операција во Украина, на 24 февруари 2022 година, руските сили тргнаа на Змискиот Остров. Островот и за двете страни во конфликтот претставувал мала, но стратегиски важна позиција во Црно Море, лоцирана на околу 140 километри јужно од Одеса. На Змискиот Остров, до крајот на февруари биле стационирани 13 украински војници. Според повеќе медиумски извори, при нападот на руските сили, тие им дале отпор на руските сили, но не можеле да ја продолжат борбата бидејќи останале без муниција. Се веруваше дека сите бранители загинале, но подоцна беше објавено дека тие преживеале и се во заробеништво.
Клуч за територијални
претензии од морски пат, кон Украина
Змискиот Остров е клучна стратегиска точка на Украина во Црно Море. И покрај неговата занемарлива големина, американскиот аналитички центар „Атлантик совет“ заклучи дека Змискиот Остров е „клуч за поморските територијални претензии кон Украина“. Змискиот остров се наоѓа на 35 километри југозападно од копното на Украина, источно од делтата на Дунав. Има стратегиска вредност за контролирање на северозападното Црно Море, украинските крајбрежни градови и бродските патишта, кои сочинуваат важен дел од глобалниот синџир на снабдување со жито. Стратегиската важност на островот е и близината со Романија (членка на НАТО) и фактот што се наоѓа на работ на украинските територијални води во Црно Море. Островот има форма Х, површина од 0,205 квадратни километри. Највисоката точка на островот е 41 метар надморска височина. Островот нема истакнато возвишение, туку има ридски предел со ниски падини.
Конфликтите и војните на и околу овој остров со специфично име не се ништо ново, туку континуитет што трае со векови. Според античкиот грчки писател Дионисиј Перигетес, причината што островот го добил тоа име е дека, наводно, биле пронајдени змии на островот, кои биле бели по боја. Сепак, се чини дека ова е мит, бидејќи на островот нема трага од змии. Локалното население го користи украинскиот збор zimiinyi како име на островот, што значи „зима“. Островот на змиите долго време бил поврзуван со Ахил, големиот воин од грчката митологија, а имало храм на херојот со статуа внатре. Луѓето доаѓале на островот и жртвувале или ослободувале животни во чест на Ахил. Приказните за островот одат и до митолошката Тројанска војна на Античките Грци. Наводно, Старите Грци првично го нарекувале Змискиот Остров – Леук – што значи „бел“, а Римјаните на сличен начин го нарекувале Алба, веројатно поради белите мермерни формации што можат да се најдат на островот.
За време на Отоманската Империја, Грците го преименувале островот во Фидониси, по поморската битка кај Фидониси, која се водела меѓу отоманската и руската флота во 1788 година, за време на Руско-турската војна од 1787-1792 година. По следната Руско-турска војна од 1828-1829 година, островот станал дел од Руската Империја до 1856 година. Во 1877 година, по уште една Руско-турска војна од 1877-1878 година, Отоманската Империја ѝ го дала Змискиот Остров на Романија, а и регионот Северна Добруџа, како компензација за руската анексија на романскиот регион Јужна Бесарабија. Во Првата светска војна, како сојузници со Романците, Русите управувале со безжична станица на островот, која била уништена на 25 јуни 1917 година, при бомбардирањето на островот од отоманскиот крстосувач „Мидили“. Оштетен е и светилникот, кој бил изграден во 1860 година. Со Версајскиот договор од 1920 година се потврди дека островот е дел на Романија. Светилникот бил повторно изграден во 1922 година. За време на Втората светска војна, островот служел како тврдина за силите на Оската, а на него била лоцирана радиостаница. Во близината на островот, околу него, во морето, биле поставени мински полиња. Островот бил цел на советската Црноморска флота, но никогаш не бил освоен до 30 август 1944 година, кога романските маринци биле евакуирани од островот.
Змискиот Остров како пинг-понг топче
Париските мировни договори од 1947 година предвидуваа Романија да му ги предаде Северна Буковина, регионот Хертс, Буџак и Бесарабија на Советскиот Сојуз, но устието на Дунав и Змискиот Остров не се споменуваат. До 1948 година, Змискиот Остров бил дел од Романија. На 4 февруари 1948 година, Романија и Советскиот Сојуз потпишале протокол што ги остави Змискиот Остров и неколку островчиња на Дунав јужно од романско-руската граница под советска управа. Романија ја оспори валидноста на овој протокол, бидејќи не бил ратификуван. Во 1948 година, за време на Студената војна, на Змискиот Остров била изградена советска радарска станица (за поморски и противвоздушни цели).
Суверенитетот на Советскиот Сојуз над Змискиот Остров беше потврден со Договорот меѓу Владата на Народна Република Романија и Владата на СССР со заемен договор, потпишан во Букурешт на 27 февруари 1961 година. По распадот на СССР во 1991 година, Украина ја наследи контролата на островот. Голем број романски партии постојано тврдеа дека островот треба да биде вклучен во романска територија. Според Романците, во мировните договори од 1918 и 1920 година, островот се сметал за дел од Романија, а не бил споменат во договорот од 1947 година за промена на границите меѓу Романија и Советскиот Сојуз. Во 1997 година, Романија и Украина потпишале договор во кој двете држави „потврдуваат дека постојната граница меѓу нив е неповредлива и затоа ќе се воздржат, сега и во иднина, од каков било обид за нарушување на границата, како и од какво било барање или акт, конфискација и узурпација на дел или на цела територија на договорната страна“. Сепак, двете земји се согласија дека ако не се постигне резолуција за поморските граници во рок од две години, тогаш која било страна може да оди до Меѓународниот суд на правдата за да побара конечна пресуда.
Змискиот Остров до 2007 година не бил населен со луѓе. Постојани населби биле основани во февруари 2007 година, со цел да се зацврсти статусот на островот како населено место. Ова се случило во периодот од 2004 до 2009 година кога островот беше дел од граничниот спор меѓу Романија и Украина. Во тоа време, Романија ја оспоруваше техничката дефиниција на островот и границите околу него. Во 2009 година, Меѓународниот суд на правдата нацрта нова поморска граница меѓу Романија и Украина за да се реши спорот околу Змискиот Остров и делови од Црно Море, за кои се верува дека содржат значителни резерви на нафта и гас – главната причина за спорот. Романија доби речиси 80 отсто од спорната морска територија, но не и островот. Во тоа време, Украина тврдеше дека Змискиот Остров бил населен и економски активен и е постојано населен со околу 100 луѓе, вклучувајќи воен персонал, чувари на светилници, научници и нивните семејства. Островот припаѓа на областа Одеса.
Во руско-украинскиот судир од 2022 година, првото големо воено изненадување беше приредено со потонувањето на рускиот крстосувач „Москва“ на 14 април. Тоа покажа дека руската морнарица не може безбедно да оперира во близината на украинскиот брег поради постојаната закана од украинските противбродски ракети „нептун“, како и од проектилите „харпун“ доставени од Запад. Поради инцидентот со крстосувачот „Москва“, стратегиското значење на Змискиот Остров се зголеми. Русија сега го брани Змискиот Остров од февруари.
Во современото војување и конфликт, Змискиот Остров го губи стратегиското значање
На 30 јуни 2022 година, Украина објави дека ги потиснала руските сили од Змискиот Остров. Руската страна, пак, објави дека тие се повлекуваат од Змискиот Остров заради свои, тактички причини. Но факт е дека новото, напредно оружје испратено од Западот до Украинците го направи рускиот гарнизон на Змискиот Остров претерано ранлив и целосно неодржлив за одбрана. Некои воени експерти тврдат дека повлекувањето на Русија е првенствено резултат на испораките на ефикасно, современо и софистицирано оружје од страна на НАТО за Украина. Наводно, поради ракетниот систем ХИМАРС и другите напредни ракетни системи, рускиот гарнизон на островот претрпи големи загуби и руската оцена беше дека е подобро да се повлече.
Повлекувањето на руските војници од Змискиот Остров, иако од симболично мала територија, Украинците го толкуваа дека означува ослободување на дел од украинската територија, без разлика колку е ситна. Од друга страна, во воена и транспортна смисла, со заземањето на островот во раните фази на инвазијата, Русија обезбеди клучна позиција што овозможи подобра контрола над северозападниот дел на Црно Море. Руските бродови можеа слободно да крстосуваат во околината околу островот без страв дека ќе претрпат посериозен непријателски оган, а дополнително имаа поддршка од системот за противвоздушна одбрана на островот. Со напуштањето на Змискиот Остров, воените експерти тврдат дека руските бродови станаа многу поранливи. Русите на тој начин изгубија корисна воена позиција на островот, заштитата на нивниот брод и околниот воздушен простор. Ослободувањето на островот значи и дека областа Одеса повеќе не е под закана од директна поморска инвазија и дека руските трупи повеќе немаат можност да распоредат крајбрежни ракетни системи на островот, кои можат да лансираат ракети на украинска територија.
Иако украинската армија ја презеде контролата врз островот, не очекува дека Украина трајно ќе стационира борбени трупи таму, бидејќи тие би биле сериозно загрозени од ракетни и беспилотни летала од страна на руските сили. Она што е најважно за Украинците, освен патриотскиот симбол на островот, е фактот дека руските сили повеќе не можат да имаат корист од нивната стратегиска позиција.
Матија Шериќ „Геополитика“