Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувања: Жената во фокусот на актуелните општествени предизвици

Последните истражувања во Европската Унија ги потврдуваат досегашните сознанија за тоа дека здравствена криза, која прерасна во социоекономска и хуманитарна криза, имаше негативно влијание врз родовата еднаквост.

Се препознаваа ли досега родово одговорни политики во Македонија?

Во публикацијата „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, која беше подготвена во рамките на проектот на „ОН воман“, се наведува дека жените имаат многу пониски стапки на формална вработеност споредено со мажите (48,4 проценти вработени жени наспроти 70 проценти мажи) и повеќе од половина од неактивните лица на пазарот на трудот се жени (64,4 проценти). Наспроти ова, жените и кога се формално вработени, заработуваат помалку од мажите, па, така, последните податоци за неприспособениот родов јаз во платите покажуваат дека жените во просек земаат 15 проценти пониска плата од мажите во земјава. Тоа се должи на помалата застапеност на жените на раководни работни функции и дискриминацијата на пазарот на трудот, како и поголемата застапеност во дејности и индустрии со помала вреднуваност на трудот и пониските плати.

Сепак, 80-90 отсто од вработените што примаат минимална плата се жени

Во нашата земја, значајна родова нееднаквост имаше пред почетокот на кризата, а таа е најизразена во економската сфера. Индексот на родова еднаквост на Македонија покажа дека најголемите родови разлики меѓу жените и мажите се токму во поглед на економската состојба и пристапот до финансиски ресурси, каде што жените во просек имаат пониски нето-приходи и помали заработувачки споредено со мажите. Ова значи дека жените се изложени и на поголем ризик од сиромаштија споредено со мажите.

Кристина Ампева / Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Над деведесет отсто од вработените во текстилната дејност се жени, кои имаат ниски примања. Има и нееднаквост на платите во однос на мажите, кои добиваат повисоки плати од текстилките. Разликите се околу две-три илјади денари. Мора да се нагласи дека од 80 до 90 отсто од вработените што примаат минимална плата се жени. Тие се доминантни и во кожарската дејност, и во трговијата, угостителството, моловите. Најниско платените работници беа и најизложени за време на ковид-кризата. Некои од нашите членови, кои беа и хронично болни, а некои и бремени, мораа да доаѓаат на работа во услови на пандемија. Некои од жените се соочија со користењето на другите социјални права. Чувањето на децата додека се на работа, барем за градот Штип, беше добро организирано за време на пандемијата. Но проблем имаа жените што беа сами или нивните сопрузи работеа во странство, па поради нередовната исплата на платите и на придонесите за социјално осигурување беа оставени без здравствена заштита – ни изјави Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“, кое се грижи за заштита на работничките и социјалните права на вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Македонија има Националната стратегија за родова еднаквост 2021-2026

Заради намалување на разликите меѓу мажите и жените, Македонија донесе и Националната стратегија за родова еднаквост 2021-2026, со која се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените. Во неа се наведува дека државите со повисок степен на родова еднаквост се и економски поуспешни земји. Главните „темели“ на кои се потпира оваа програма за родова еднаквост се сузбивање на родовите стереотипи, елиминирање на родово базираното насилство, зајакнување на жените во економијата и земјоделството, како и вреднување на лидерските потенцијали на жените. За тоа беа донесени и повеќе законски решенија за поголема усогласеност со меѓународните стандарди, барања и директиви, во областа на социјалната заштита, за недискриминација, за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Измени се направија и во Изборниот законик, со кои се воведе квота од најмалку 40 отсто застапеност на помалку застапениот пол на листите на партиски кандидати, со тоа што на секои три места на листите, најмалку едно место е за помалку застапениот пол и, дополнително, најмалку уште едно место на секои десет места. Со измените на Законот за работни односи во 2015 г. беа пропишани еднаква плата за жените и мажите и еднаков третман во врска со вработувањето, работното време, условите за работа, професионалните шеми за социјално осигурување и отсуство од работа. Исто така се донесе и закон за одредување на висината на минималната плата за работниците во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, каде што најголем број од вработените се жени.


Голем пораст на насилството над жените во Европа!

Пандемијата на коронавирусот имала значително влијание на личниот и на професионалниот живот на Европејките, покажало истражувањето што го нарачало Европскиот парламент по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Целта на истражувањето, кое било спроведено во периодот јануари/февруари 2022 година, е да се дознае како на жените што им припаѓаат на различни генерации од различни земји и социоекономски категории се одразиле последиците од пандемијата на ковид-19. Резултатите покажуваат голем пораст на насилството над жените, а 77 отсто од испитаниците во ЕУ сметаат дека пандемијата влијаела на зголемување на физичкото и емоционалното насилство над жените. Овој процент се движи од 93 отсто од жените во Грција, 84 отсто во Хрватска до 47 отсто во Унгарија.
Околу 38 отсто од анкетираните лица изјавиле дека пандемијата негативно влијаела и на доходот на жените и на рамнотежата меѓу нивниот професионален и приватен живот (44 отсто). Мерките за ограничено движење се одразиле на менталното здравје кај 41 отсто на ниво на ЕУ, како и на ограничениот социјален живот (38 отсто). Во зависност од мерките во одредени земји, различно е влијанието на менталното здравје на жените, но затворањето на училиштата и на градинките значајно влијаело на однесувањето кај половина жени што имале деца помлади од 15 години.
Претседателот на Одборот за правата на жените и родова рамноправност, Роберт Биедром, за јавноста изјави дека „истражувањето на Евробарометар го потврди тоа што е веќе познато“, а имено за „несразмерното влијание на пандемијата на жените и девојките, од пораст на родово поврзано насилство, економски последици на секторите во кои е присутна претежно женска работна сила и несигурни договори за работа“.