ОБЈАВЕНА ОДЛУКАТА НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО СТРАЗБУР ВО ВРСКА СО ПРЕДМЕТИ НА ПОРАНЕШНОТО СЈО
Европскиот суд за човекови права во Стразбур соопшти дека не ги прифаќа апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а кои тогашниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, ги помилува. Судот не ја оценуваше поништената аболиција од поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година, која беше доставена како аргумент во жалбата.
Во македонското правосудство не се искористени сите правни лекови што ги нуди домашниот правен систем
Европскиот суд одлучи да не ја прифати жалбата, затоа што оцени дека не се искористени сите правни лекови што ги нуди македонскиот правен систем. Тоа значи дека не пропаѓаат судските процеси и пресуди против осумтемина потписници на жалбата. Судењата продолжуваат, а осудените остануваат да ги одлежат затворските казни.
Од друга страна, тоа значи и дека не им е ускратено правото повторно да се жалат до Европскиот суд за предметите за кои им се суди или се осудени и повторно да се повикаат на аболицијата. Но тоа ќе биде можно откако за тоа ќе ги поминат сите домашни судски можности, односно до исцрпувањето на сите правни лекови во македонскиот правосуден систем.
Веднаш по добивањето на одлуката, пристигнаа и првите реакции. Владата на Македонија ја поздрави одлуката на Европскиот суд, оценувајќи дека е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени, вклучувајќи го и делот за наводните помилувања.
– Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористувањето на домашните правни лекови. Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа пригода да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите што ја поткрепуваат – се вели меѓу другото во соопштението од Владата.
Притоа посочуваат дека „во рамките на своите надлежности обезбедуваат поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем“.
– Во таа насока, би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур сѐ уште се во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси – се наведува во соопштението.
И претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, ја поздрави одлуката на Европскиот суд, додавајќи дека по објавувањето на одлуката, „претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивното конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства во согласност со правните прописи на нашата држава“.
За премиерот Димитар Ковачевски, тоа е „огромна победа на државата“. Тој смета дека Владата победила во процесот, иако не е одлучено за тоа дали можело да се поништат веќе дадените аболиции.
– Беше објавена и пресудата на Европскиот суд за човекови права. Ова е огромна победа и успех на нашата држава. Македонскиот тим даде сè од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Со одлуката на Судот во Стразбур, која во случајот е во корист на државата, жалбите на апликантите се прогласени за недозволени, вклучувајќи го и делот на наводните помилувања. Аргументите на Владата се уважени од Стразбур. Спротивно на тврдењата на апликантите, судот не утврди прекршување на европската конвенција за човекови права. Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени поради неискористување на домашните правни лекови. Ние сме држава-членка на Советот на Европа, нашата посветеност за владеењето на правото е неоспорна во голем број други случаи. Дополнително, како држава што води преговори со ЕУ, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за нас. Со оглед дека постапките за овие предмети се во тек, би се воздржал од коментари за да не се протолкува како влијание врз правосудните процеси – изјави Ковачевски.
Стразбур пресече, но недосече
Од друга страна, адвокатот Влатко Илиевски посочува дека откога Кривичниот суд, Апелација, па на крајот и Врховниот суд ќе донесат пресуди за предметите, со што ќе се исцрпат сите правни лекови, сепак на крајот ќе треба Стразбур да пресече за аболициите.
– Ова решение значи дека апликантите, односно жалителите, треба да ги исцрпат сите правни лекови прво тука, пред националните судови, за да може по добивањето на конечната пресуда, каква и да е таа, да одлучат дали ќе поднесат нова апликација во Стразбур или нема да поднесат. Оваа одлука е решение, со оваа одлука не се решава мериторно по однос на суштината на барањето (поништувањето на дадените аболиции од Иванов), туку од процедурален аспект се одбива како преуранета. Од тие причини сметам дека нема простор за голем триумфализам кај Владата дека е одлучено во нивна полза. Едноставно, треба да почека да се исцрпат сите правни лекови – објаснува Илиевски.
Сепак, адвокатот посочува дека домашните судови ќе ги земат предвид аргументите што се дел од апликацијата доставена пред Стразбур, а во која се наведува дека еднаш дадена аболиција од претседател на држава не може да се поништи и таа е важечка.
Професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет во врска со одлуката исто така зазема став дека ЕЦЧП од Стразбур избегнал да ја реши суштината на спорот.
– Судот во Стразбур избегнал да ја реши суштината на спорот за помилувањата на Иванов, така што одлучил дека не е зрело (premature) и ги одбил жалбите поради неискористени домашни правни средства (иако е очигледно дека тие по прашањето се неефикасни)! Ова Судот можел (требало) да го реши уште кога решавал за допуштеност на апликацијата. Личи дека Судот нашол некаков политички компромис – коментираше Калајџиев.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова Трајковска изјави дека одлуката на Судот ја протолкувала дека тоа ќе значи жалителите прво да преиспитаат кои правни лекови им се на располагање, во зависност од тоа во која фаза се постапките.
– Доколку има можност да пореземат редовен или вонреден правен лек овде, тоа им отвора врата повторно да поведат постапка, но сега следното прашање е дали за некои од тие лекови се истечени роковите, дали за други постапки сѐ уште има можност и потоа повторно, по исцрпувањето на националните правни лекови, имаат право да поведат постапка пред Европскиот суд за човековите права – вели Лазарова. Н.М.