Момент од постигнувањето на договорот во Пржино според кој задолжително мора да се формира техничка влада на 100 дена пред парламентарните избори, која нема други ингеренции освен да ги спроведе изборите \ Фото: Архива

Добиваме техничка влада и губиме драгоцено време

Мала е веројатноста дека Македонија во следниот период ќе ги исправи забелешките од извештајот на Европската комисија, имајќи предвид дека земјата од јануари ќе биде управувана од техничка влада, чиј мандат ќе биде само да ги организира парламентарните и претседателските избори, кои, според првичните најави, би требало да се одржат во првата половина на мај.
Тоа значи дека државата ќе биде безмалку девет месеци парализирана, процесите ќе стагнираат, економијата ќе трпи, а граѓаните попусто ќе очекуваат некакви реформи и подобрување на состојбите. По сето тоа, веројатно ќе следува уште полош извештај на ЕК следната година, имајќи предвид дека нема да има избран политички фактор што ќе се зафати со нужните реформи.
Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски вината ја лоцира во политичките партии, кои многу повеќе сакаат да уживаат во благодатите што ги носи власта, отколку да седнат и меѓу себе да се договараат за работи што се важни за државата и за граѓаните.

– Ние од 1991 година сè уште немаме консензус меѓу политичките партии за најважните прашања во државата, вклучувајќи и за вистинските реформи што се носат со двотретинско мнозинство. Без обезбедено двотретинско мнозинство, не може да се спроведе ниту една суштинска реформа. Како што Словенците постигнаа консензус за важните работи на државата, така тој пример требаше да го следиме и ние. Тие први станаа членки на НАТО, први аплицираа за членство во ЕУ и за релативно краток период ги остварија своите цели оти сите политички субјекти во земјата, без разлика кој доаѓаше на власт, ја следеа поставената државна стратегија и не отстапуваа од неа – вели Давитковски.
Според него, изговорите дека сме биле блокирани од Грција и поради тоа доцнеле реформите, едноставно, не држат вода.
– Точно е дека имавме проблеми со името на државата, но ако имаше политички консензус меѓу двете најголеми политички партии, можеше да се договорат тоа прашање да го остават настрана, а сите други реформи да ги спроведуваат заеднички. Еве сега, кога станува збор за уставните измени, повторно требаше да се постигне консензус дали ќе ги внесеме Бугарите во Уставот или нема. Ако имаме стратегија за влез во ЕУ, мора да се поднесат некои жртви и така да се однесуваат сите политички чинители. Вака, ништо не се работи, нема реформи, корупцијата цвета, а ние ќе чекаме избори и така во недоглед – истакнува Давитковски.

Причините зошто не се постигнува консензус меѓу партиите за клучните државни прашања и стратегии тој ги наоѓа во нивната желба, како што вели, за крадење.
– Нема развојна компонента, се мисли само на крадење. Корупцијата во Македонија никогаш нема да ја елиминираме. Секоја јавна набавка е предмет на корупција, никому не му е гајле колку ќе се задолжи земјата. Еве, кога зборуваме за борба со корупцијата, доволно е да се направи некоја стратегија со која ќе се утврди посебно независно тело што ќе ги контролира јавните набавки и сите да се придржуваат до неа. Но, никој не сака да го направи тоа, оти знаат дека кога другите ќе дојдат на власт и тие ќе сакаат да крадат од тендерите. Тоа е проблемот. Кодот на нашите идни политичари треба да биде дијаметрално различен од кодот на сегашните политичари – потенцира Давитковски.
Тој смета дека поради ваквите хаотични и неконзистентни политики, особено во клучните области, сметките ќе ги платат повторно – граѓаните.

С.Т.