Фото: Маја Јаневска-Илиева

Она што е повеќе од извесно е тоа дека Македонија се покажа како одличен домаќин на министерскиот совет на ОБСЕ, успевајќи да ги седне на маса сите оние што треба да работат на безбедноста во светот, водена од премисата дека сите конфликти на крајот завршуваат на преговарачка маса и дека преку дискусија може да се најдат решенија со кои ќе им се стави крај на конфликтите и страдањата на цивилите, секаде во светот

ПРВИЧНИ ИМПРЕСИИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА МИНИСТЕРСКИОТ СОВЕТ НА ОБСЕ

Изминатите три дена очите на светската јавност беа свртени кон Македонија, чиј главен град Скопје беше домаќин на 30-от министерски совет на ОБСЕ, на кој се решаваше судбината на Организацијата за безбедност и соработка, односно дали и натаму ќе остане да ја врши својата примарна улога или, пак, ќе замине во историјата.
Околу 1.000 делегати од 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на ОБСЕ разговараа за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува, но и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.

Потврда дека овој состанок е од исклучително важен и добро организиран од македонска страна даде и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пристигна во Скопје во предвечерјето на министерскиот совет.
– Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ќе ја преземе палката – изјави Блинкен по средбата со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Пофални зборови за Македонија како организатор на овој министерски совет пристигнаа и од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за кого било добро тоа што на овој состанок ќе биде присутен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за да може лично да слушне зошто сите се против руската воена агресија врз Украина. И Дејвид Камерон, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелтот и развој на Обединетото Кралство, изрази задоволство од организацијата на настанот. Убави зборови за Македонија и за македонскиот народ упати и шефот на руската дипломатија Лавров.

Несомнено, Македонија се покажа како одличен домаќин на министерскиот совет на ОБСЕ, успевајќи да ги седне на маса сите оние што треба да работат на безбедноста во светот, водена од премисата дека сите конфликти на крајот завршуваат на преговарачка маса и дека преку дискусија можат да се најдат решенија со кои ќе им се стави крај на конфликтите и страдањата на цивилите, секаде во светот.
– Дефинитивно, многу е важно што нашата држава Македонија беше домаќин на еден ваков совет. Добро е што навистина и организацијата и она што се случуваше и моментот во кој се одвива овој самит се толку специфични и толку сензибилни и мислам дека горе-долу добро се справуваме со она што значи одржување на советот. Лично мислам дека не го искористивме премногу фактот дека бевме претседавачи на ОБСЕ, немаше премногу активности, Македонија како држава не беше присутна во јавноста, посебно со организирање специфични настани, со присутност на она што претставува решавање на актуелни проблеми, меѓутоа и со искористување на ова претседавање и за презентација на Македонија и за пласирање на она што претставуваат наши индивидуални проблеми. Да, советот и самата организација на овој настан се во ред, но за она што претставува искористување на моментот мислам дека не бевме баш на ниво – вели професорката Мирјана Најчевска.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов генерално оценува дека Македонија добро си ја завршила работата околу организацијата на настанот со оглед на капацитетите со кои располага.

– Мислам дека ова што се направи е максимум, не можеше повеќе да се направи со оглед на ресурсите, како човечки, така и материјални, така што мислам дека се направи доволно. По мое мислење, има една друга позитивна црта сето ова, а тоа е што се врати ОБСЕ во нормала. Беше на пат да оди лево или десно и да се растури, меѓутоа се направија напори и добро заврши работата. Генерално, мојот впечаток е позитивен – вели Јањатов.
Според него, добро се изменаџира целата работа бидејќи, како што додава, не е лесно да се организира еден ваков настан.
– Не е лесно да се направи еден таков собир, нормално имаше пропусти, некои работи можеше да се организираат подобро, но на крајот важно е што организацијата доби некаква инјекција, некаков поттик и сила да истрае понатаму оти беше пред колапс – посочува Јањатов.

Слично мислење има и новинарот и поранешен дописник од Москва Мирче Адамчевски, кој се согласува дека ова е максимумот што Македонија може да го понуди како организатор на ваков голем настан.
– Ова што го направивме како држава е максимумот што можеше да се извлече од нашите кадри, нашите способности, нашите материјални можности. Сметам дека е добро што се одржа ваква конференција. Да се соберат толку министри за надворешни работи не е мала работа, станува збор за еден собир што ќе влезе во историјата на македонското МНР. Најголем успех е што Малта прифати да биде следен претседавач, бидејќи можеше да се случи и тоа прашање да се искомплицира – истакна Адамчевски.
Поранешниот македонски амбасадор во ОБСЕ Зоран Дабиќ смета дека постои позитивна еуфорија околу одржувањето на советот на ОБСЕ, но дека не се искористени шансите за остварување на македонските национални интереси за време на едногодишното претседавање со организацијата.

– ОБСЕ е организација на самите земји членки. Знаеме многу добро, деновиве многу се зборува за ОБСЕ, владее една позитивна еуфорија тука, што е добро бидејќи мултилатералната работа некако не е многу во фокусот на јавноста, па ова е убава можност да се разбере како државите успеваат да остварат некои свои национални интереси преку мултилатералната работа. За жал, шансите за остварување на нашите национални интереси со ова претседавање со ОБСЕ се испуштија. ОБСЕ е форум каде што човековите права и малцинските права имаат исклучително место и навистина можеше да се стават во фокус на работата на ОБСЕ. Се разбира дека како земја претседавач не може да ја злоупотребиме улогата и да настапуваме поаѓајќи од нашите национални интереси, но дипломатијата е многу креативна работа. Вие можете илјадници форуми да организирате, работни ручеци, вечери, каде што ќе ги анимирате присутните, сите министри и премиери ви се достапни за комуникација, вие можете да иницирате разговор за прашањата што се важни за нас, заедно со други прашања. Тоа се испушти – вели Дабиќ.
Според него, она што исто така се испушти е тоа што земјава уште пред да ја истакне својата кандидатура за претседавање со ОБСЕ, требаше да ги преиспита своите капацитети за една таква мисија.

– Уште пред добивањето на претседавањето, не се седна да се види кои се нашите капацитети, кои се нашите можности, како подобро да се подготвиме. Кај нас работата се случи наопаку. Прво предложивме и беше прифатено да претседаваме со ОБСЕ, а подоцна Владата седна да види колку ќе чини тоа, што ќе се прави и од тој момент почна пазарењето. Прво МНР побара осум милиони евра, доби пет, но на крајот не знаеме колку вкупно ќе се потрошат бидејќи има и скриени трошоци. Ако претходно се разговараше и се утврдеа приоритетите, тогаш наместо да се потрошат толку пари за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“, која е премала за толкав број делегации, можеше да се изгради еден конгресен центар за да имаме соодветно место каде што ќе ги собереме странските дипломати, нешто слично на оној конгресен центар што го има Словенија на Брдо крај Крањ. Ова со салата во Скопје повеќе личеше на мравјалник – констатира Дабиќ.