Дали прашањето „Што по либерализмот?“ е прашање на коешто либерализмот сè уште предизвикува премногу страв за да воопшто се постави? Или либералите, свесно или несвесно, го наметнуваат тој страв? Сепак, одговорите се тука, па затоа да почнеме со патувањето во четири продолженија: освен денешниов, ќе излезат и текстовите: „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“, „Капитализмот е мртов“ и „Враќањето на комунизмот“
„Мојата основна претпоставка [е] дека основите на нашиот наследен цивилизиран поредок – нормите научени во семејствата, во заедниците, преку религијата и културите за поддршка – неизбежно ќе еродираат под влијание на либералната социјална и политичка држава. […] Политичката филозофија која беше воведена за да поттикне поголема еднаквост, да ја одбрани плуралистичката таписерија на различни култури и верувања, да го заштити човечкото достоинство и, се разбира, да ја прошири слободата, во пракса генерира титанска нееднаквост, наметнува униформност и хомогеност, поттикнува материјална и духовна деградација и ја поткопува слободата.“ – пишува професорот по политички науки Патрик Динин (Patrick Deneen) во „Зошто либерализмот не успеа“ (Why Liberalism Failed, 2018). Малата по обем (има 220 страници) но извонредно провокативна книга „Зошто либерализмот не успеа“ е една од оние ретки книги со кои денешниве мислители на либерализмот, по нејзиното објавување, мораа да се соочат – и се соочија: таа е критикувана од сите страни, често тенденциозно и неоправдано. Нејзиниот основен недостаток е, според моето мислење, немањето визија за тоа како понатаму: „Што по либерализмот?“, што, всушност, зборува само за неподготвеноста нејзиниот автор да се спротивстави на моќта што либерализмот сè уште ја има врз западните општества.
Дали прашањето „Што по либерализмот?“ е прашање на коешто либерализмот сè уште предизвикува премногу страв за да воопшто се постави? Или либералите, свесно или несвесно, го наметнуваат тој страв? Сепак, одговорите се тука, па затоа да почнеме со патувањето во четири продолженија: освен денешниов, ќе излезат и текстовите: „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“, „Капитализмот е мртов“ и „Враќањето на комунизмот“.
Терминот либерализам опфаќа широк круг на различни поврзани, но понекогаш и спротивставени, концепти и визии, коишто, не обидувајќи се детално да ги опишам, во рамките на политичко-економска мисла, може да се сумираат со три синтагми: „класичен либерализам“, „социјален либерализам“ и „неолиберализам“. Класичниот либерализам се заснова на претпоставката дека постои тесна врска помеѓу слободата и приватната сопственост, оттука, од осумнаесеттиот век до денес, класичните либерали инсистираат дека економскиот систем заснован на приватна сопственост е единствено конзистентен со индивидуалната слобода, па оттука, пазарниот поредок заснован на приватна сопственост е, всушност, олицетворение на слободата. Социјалниот либерализам се базира на три претпоставки: (1) класичниот либерализам не обезбедува стабилно општество (пазарот заснован на приватна сопственост има тенденција да биде нестабилен или да се заглави во рамнотежа со висока невработеност), (2) владата треба и може да обезбеди надзор на пазарната економија, и (3) претпоставката дека приватната сопственост е „чувар на секое друго право“, всушност, поттикнува неправедна нееднаквост.
Неолиберализмот подразбира робусни пазарно ориентирани политики, што вклучуваат елиминирање на контролата на цените, дерегулација на пазарите на капитал, намалување на трговските бариери, намалување на државното влијание во економијата, намалување на државниот буџетски дефицит и намалување на трошоците за јавни работи. Ако треба сите три облици на либерализмот: класичниот, социјалниот и неолиберализмот, да се опишат со еден збор, тогаш несомнено за многумина (вклучувајќи многу левичари) тоа е зборот сопственост, односно приватна сопственост на средствата за производство: „Сите други барања на либерализмот произлегуваат од ова фундаментално барање“ („Либерализам“, Лудвиг фон Мизес, 1927).
Незадоволството од либерализмот што се прошири низ светот во 21 век пред сè се должи на незадоволството од „либералната демократија“ – режим, којшто Запад денес го смета за единствена легитимна форма на политичко организирање. За многу мислители, од Џон Лок до Фридрих фон Хајек, либерализмот во основа е филозофија на пазарниот капитализам. Меѓутоа, оддалечувањето од изворните идеи на либерализмот, на пример оние на Џон Стјуарт Мил, и инсистирањето на приватната сопственост за негов фундамент, за други мислители резултираше придавката либерална во синтагмата „либерална демократија“ не само да го модифицира значењето на зборот демократија туку да ја измени смислата на терминот демократија во негова ефективна спротивност. Тоа доведе до плутократија, па така, на пример, според Ноам Чомски и Џими Картер, модерните Соединети Американски Држави личат на плутократија, иако со демократски форми. Оттука, многу западни мислители, особено во последните дваесетина години, порачуваат враќање на карактеристичниот дух на либерализмот: сите луѓе се еднакви и заслужуваат еднакви права и можности, што, според нивното мислење, може да се реализира само во либерален социјализам.
Во поголем временски период, почнувајќи со Џон Стјуарт Мил, еден од најголемите либерални филозофи на 19 век, којшто отворено се декларира за социјалист во својата Автобиографија (1873), преку Едуард Бернштајн и неговата мисла дека „во однос на либерализмот како историско движење, социјализмот е негов легитимен наследник, не само хронолошки туку и интелектуално“ („Предусловите на социјализмот“, 1899), па се до Мајкл Волзер, професорот емеритус на Институтот за напредни студии во Принстон, кој во неговата последна книга порачува дека „либералните социјалисти не се ‘егалитаристи’, тие се сериозни во врска со еднаквоста – повеќе отколку либералните демократи“ („Борба за пристојна политика“, 2023), многу филозофи, економисти и мислители се обидоа да ги поврзат либералните политички концепти и права со идеите на социјалистите за поправедни и подемократски економски односи. Ќе го завршам овој параграф со завршните зборови на Метју Мекманус од неговиот есеј „Либералниот социјализам сега“ (2023): „Дали либералниот социјализам може да премине од теоретска традиција и да стане популарна политичка идеологија е тешко прашање. Но, во светот дефиниран со зголемен гнев кон нееднаквоста и плутократијата, либералниот социјализам е достоен за наша лојалност“.
Што се случи со Македонија во изминатите триесетина години? Ако треба кратко и јасно, лаконски, со три збора да се опишат настаните во Македонија во изминатите триесетина години, тогаш тоа е синтагмата „материјална и духовна деградација“. Меѓутоа материјалната и духовна деградација на Западот, поттикната од либерализмот, се одвиваше постепено со децении: од индустриската револуција до денес. Што се однесува на материјалната деградација, тоа што се случи во Македонија веројатно е единствено во историјата на човештвото: неуките и алчни македонски политичари и економисти дозволија социјализмот во Македонија – уредување што требаше да замине во историја, да се трансформираа веднаш во мешавина на класичен либерализам и неолиберализам.
Тврдењето дека „Никогаш досега во историјата милијардерите немале толкава политичка моќ и никогаш досега не сме виделе таква невидена алчност, ароганција и неодговорност од страна на владејачката класа“ (Барни Сандерс, јануари 2024) се однесува пред сè на САД, но ако зборот милијардери се замени со милионери, тогаш тоа тврдење ќе важи и за Македонија. Ако либерализмот е во криза и ако се отфрли авторитарниот социјализам, тогаш можеби треба да се размислува за либерален социјализам или, пак, за нов социјален либерализам. Според моето мислење, на човештвото му треба уредување коешто ќе нуди можност за комбинирање, од една страна, на либералните права, воспоставување рамнотежата на државната моќ и воведување на различни форми на партиципативна демократија со, од друга страна, социјална грижа за еднаков развој на сите, проширување на грижата за работниците и намалување на можноста да се воспостави плутократија.
Што се однесува на духовната деградација, тоа што се случи во Македонија, повторно, веројатно е единствено во историјата на човештвото: за осум години (од 2016 година до денес) потполна духовна деградација, културен геноцид: се избриша сè што е македонско. Оттука, оние што извршија културен геноцид на Македонците и духовно разнебитување на Македонија – тие треба да заминат еднаш засекогаш во историјата. Додека, пак, оние што планираат да извршат културен геноцид на Македонците и духовно да ја разнебитат Македонија, ги потсетувам на заветот на митрополитот повардарски Агатангел (Станковски): „За мене е најсвет Господ, Нему сум Му верен, а потоа и на светата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, на мојот свет возљубен македонски народ и на мојата преубава и света македонска земја. Господ Бог нека ни ги чува и закрилува во вечни векови“!