Фото: Игор Бансколиев

Домашните енергетичари изнесуваат повеќе прашања што бараат конкретни одговори, а истовремено предизвикуваат загриженост. Немањето аргументирани и децидни одговори во јавноста само предизвикува основи на сомневања во исправноста на одлуката за избор на понуденото решение за изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ со заедничко домашно и странско (од грчка фирма) инвестирање

По три децении неуспешни обиди, и новата иницијатива за изградба на „Чебрен“ предизвикува различни ставови во јавноста

Изградба на хидроцентралата „Чебрен“ од домашни субјекти и финансиски извори или, пак, доделување концесија на странска грчка компанија? Ова е темата на која беа искажани различни ставови меѓу енергетската стручна јавност и Владата, која всушност даде зелено светло за почеток на реализацијата на овој капитален проект. Избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основа акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое нашата компанија ќе учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал.

Проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра, со која е предвидена изградба на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЕЦ „Чебрен“ е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад.
Пред десетина дена, инженерите од сите македонски градови ги изразија своето незадоволство и спротивставување на владината одлука за доделување концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија на грчкиот ППЦ – „Архиродон“. Ставот на македонските инженери е дека хидроцентралата „Чебрен“ е еден од најголемите и најважни енергетски проекти и на државата треба да ѝ обезбеди енергетска независност кога за четири години поради зелената транзиција треба да престанат да работат РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“. Поради тоа, изградбата на овој енергетски капацитет треба да биде македонскиот обединувачки национален проект, е ставот на дел од енергетичарите во Македонија.

Водата е национално богатство

– Водата што ќе се акумулира во езерото создадено со браната „Чебрен“ (а и „Галиште“) е посебно национално богатство на македонскиот народ и не смее да се отуѓува ниту да се дава на користење под концесија. Државата преку ЕСМ треба да биде инвеститор, носител и раководител при изградбата и да управува со користењето на тој потенцијал во следните 60, 100 или повеќе години. Водата е непроценлив животоважен ресурс за следниот период проследен со климатските промени и војната за вода – вели Константин Димитров од МАЦЕФ.
Енергетичарите изнесуваат повеќе прашања што предизвикуваат загриженост и сериозно сомневање во исправноста на одлуката на Владата за избор на понуденото решение. Едното од нив, според Димитров, се однесува на „неразбирлива разлика во процената на висината на инвестицијата помеѓу избраната варијанта на концесијата од една милијарда евра за објект од 330 MW и процените од 553 милиони за значително поголем објект со капацитет од 458 MW изработени од две најреномирани институции во Македонија: МАНУ и Секторот за развој и инвестиции при ЕСМ.
– Проблемот е сериозен и овој проект треба да го води Македонија. Или ако веќе се прави партнерство, Македонија треба да биде најмалку 51 отсто сопственик за да може да управува и да раководи и профитот од тоа генерално да остане во Македонија. Наедно ќе се ангажираат максимално домашните организации од секторите градежништво, електрика, машинство, транспорт. Се зголемува бруто-продуктот. Учесниците во изградбата се стекнуваат со дополнително специфично искуство, зајакнуваат преку зголемување на бројот на вработени, добиваат референца за настап надвор од границите на Македонија – вели Димитров.
Ристо Цицонков, професор на Машинскиот факултет во Скопје, смета дека е направена голема грешка што досега не се изградил овој енергетски капацитет, а главна причина е барањето стратегиски партнер за формирање јавно-приватно претпријатие, за што беа распишани повеќе тендери, кои завршија без успех.
– Нема информации дали произведената електрична енергија (целосно или делумно) ќе ја користи РМ или ќе оди на отворен пазар? Дали на концесионерот му се дава плус како бесплатна концесија ХЕЦ „Тиквеш“ со капацитет од околу 110 MW, а со тоа се дава и можност да остварува дополнителни приходи од овој систем? Владата вели дека избрала понуда од една милијарда евра, а според процената (пресметката) во нејзината стратегија цената би требало да биде околу 400 милиони евра. Разликата е огромна, не е 5 или 10 отсто, туку 2,5 пати – забележува Цицонков. Тој во својата анализа побара од Владата да даде образложение за огромната разлика во цената за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, а МАНУ треба да даде свое мислење за цената.

Обезбедување енергетска иднина

Ова е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река, по 13 неуспешни тендери. Од Владата на Македонија велат дека со изградба на овој проект бенефиции ќе имаат токму граѓаните. Со изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ ќе се обезбеди праведната транзиција кон чисти извори на енергија, ќе се зголеми капацитетот на нашиот енергетски систем за поголем број обновливи извори на енергија, од кој директна бенефиција ќе имаат самите граѓани, домашни мали и големи фирми, кои ќе инвестираат во таквите проекти, посочуваат од секторот за енергетика. Исто така и премиерот Димитар Ковачевски ја потенцираше важноста од реализацијата на овој капитален проект поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија и електричната енергија што се добива од нив.
– „Чебрен“ ќе има огромно значење и за заштита од поплави, за водоснабдувањето, ќе игра голема улога во земјоделството со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките брани во светот. Сега имаме реална можност за доделување концесија на Црна Река и за целосно трансформирање на нашиот енергетски систем. Тоа ќе биде огромен исчекор во заложбата Македонија да стане зелен енергетски хаб, меѓутоа и да обезбеди енергетска ефикасност за генерациите пред нас – изјави Ковачевски.
Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Доколку се изгради, ХЕЦ „Чебрен“ треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Со инвестиции во оваа централа, Македонија, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.
– Хидроцентралата на „Чебрен“ ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроцентрала – потенцираа од АД ЕСМ. М.Ј.