Фото: Игор Бансколиев

Актуелната состојба во Украина, сѐ што ѝ претходеше и проекциите за, повеќе или помалку, можните сценарија што оттаму ќе се развиваат, резултираа со голем број манифестации на чувство на збунетост, страв, паника, неверување, лутина, беспомошност, па дури и омраза и агресија на социјалните мрежи. Сликата дополнително ја нагрдуваат и испразнетите рафтови во супермаркетите што, кај некои категории граѓани, ги засилува сите овие форми на негативно однесување

МНОГУБРОЈНИТЕ НЕГАТИВНИ ПСИХОЛОШКИ ЕФЕКТИ ОД ПАНДЕМИЈАТА ДОБИЈА ПРОДОЛЖЕНИЕ

Критички однос кон (дез)информациите и реална процена на ситуацијата е она што, во моментов, луѓето можат да го сторат за да го зачуваат „здравиот разум“. Ова го советуваат психолозите откако на многубројните негативни ефекти од продолжената пандемија, почнаа да се надоврзуваат и реакциите на војната во Украина. Тие деновиве се особено забележливи, пред сѐ, преку заострената, дури „навивачко-скандирачка реторика“ на социјалните мрежи „за и против“ во врска со украинскиот конфликт и воопшто, во таа смисла, и заострувањето на меѓучовечките односи. Но за издвојување е и повторно појавениот феномен на потрошувачка треска, секако, поврзан со конфликтот во Украина, со која не мал број наши сограѓани создаваат резерви на основите животни намирници.

Мини-анкета покажа кај граѓаните повторно чувство на страв и неизвесност

Како што покажаа одговорите од повеќе десетици граѓани што повеќе од потребно пазареа основни намирници од маркетите, за ваквото нивно однесување не се причина само глобалните состојби и процеси туку, во добра мера, тоа е резултат и на постојаните внатрешни кризи и ситуации, кои поттикнуваат фрустрации и чувство на страв. Тоа се случува особено откога кризата со пандемијата ја покажа сета сила на непредвидливоста и на неподготвеноста на стручните лица да понудат решенија и на одговорните да ги менаџираат процесите. Актуелната состојба во Украина, сѐ што ѝ претходеше и проекциите за, повеќе или помалку, можните сценарија што оттаму ќе се развиваат, резултираа со голем број манифестации на чувство на збунетост, страв, паника, неверување, лутина, беспомошност, па дури и омраза и агресија на социјалните мрежи од страна на граѓаните кон своите сограѓани. Сликата дополнително ја исполнуваат со тензија и испразнетите рафтови во супермаркетите, што кај некои категории граѓани ги засилува сите овие форми на негативно однесување.
– Сето тоа е последица и на глобалните промени и на внатрешните кризи кај нас, особено на ситуации што се ненадејни и предизвикуваат страв и чувство на немање контрола, што доведува до нарушување на една од основните човекови потреби, чувството на сигурност. Во такви состојби, луѓето прибегнуваат кон секакво однесување. Тешко е да се даде генерална оцена за психолошката состојба на нашето население во моментов, но, секако, постои една категорија што е погодена. Се разбира, тоа не е алармантно. Може да се каже дека тоа е една нормална реакција во ненормални услови – оценува психологот и гешталт-терапевтка Вера Димовска.

Ќе мора да се пронајдат, научат и усвојат лични методи за самозаштита

А во услови на динамичен развој на настаните и надоврзувањето, па дури и преклопувањето на кризите, што остава малку простор за анализи и за примена на вообичаените методи за институционална заштита на менталното здравје на населението, особено во и онака отежнатите услови, какви што се во Македонија, генерална препорака, според неа, би била луѓето, пред сѐ, да се обидат сами да се заштитат.
– Битно е луѓето да не ги примаат здраво за готово сите информации што доаѓаат до нив, а кои во денешните услови се навистина секакви, да не потпаѓаат под разни влијанија и да се држат до релевантните извори и критички да се однесуваат кон нив, за да можат да направат реална процена на состојбата и да бидат свесни за реалната ситуација – препорачува Димовска.
На глобално ниво, се очекува негативните емоции, како страв, песимизам, безнадежност, фрустрации, разочараност, осаменост, незадоволство, лутина, омраза, а со тоа и нарушено спиење, зголемено консумирање опојни средства, да почнат да ги обележуваат колективните емоционални состојби на значителен дел од светското население. Во прилог на овие тврдења се наведуваат резултати од студиите за психолошка состојба на одредени популации во услови на некои од претходните кризи.
Една од нив била направена пред неколку години во Авганистан, при што било утврдено дека кај 69 отсто од населението преовладува чувство на лутина, кај 41 отсто чувство на тага и депресија, кај 35 отсто фрустрација, додека кај само еден-два процента од испитаниците доминирало чувство на среќа, оптимизам и амбиција. И во неодамнешната студија што УНХЦР ја спровела меѓу бегалците од камповите на сириско-турската граница, изразено доминантно било чувството на тага, страв, фрустрација, лутина…
– Последиците од ваквите неизлекувани или неадекватно лекувани нарушувања поврзани со стресот се исклучително долгорочни и не ги погодуваат само поединците туку и членовите на нивните семејства, други заедници и целото општество. Се манифестираат со проблеми во бракот, во одгледувањето и воспитувањето на децата, со семејно насилство, паѓање во разни зависности, намалена продуктивност, зголемен број на самоубиства, кардиоваскуларни и онколошки заболувања… – објасниле истражувачите.

Има уште многу светски статистики што алармираат на ваквите неповолни трендови, но и предупредуваат колку е битно навреме да е се воочат сите комплексности на посочените емотивни обрасци и да се реагира, зашто, во крајна линија, тие влијаат и врз националната безбедност на државите и на безбедноста на нивното население.
– Националната безбедност и нормалното функционирање на целиот систем, во овие околности, силно се условени од психолошката способност на граѓаните успешно да се справат со ваквите трауми. За брзо елиминирање и надминување на негативните содржини и емоции се потребни соодветни форми и позитивно анотирани стратегиски комуникации на ниво на цело општество – советува хрватскиот експерт за примена на современите дигитални технологии во дијагностицирањето и терапијата на посттрауматскиот воен синдром Крешимир Ќосиќ.
Но непредвидливоста и на пандемиската и безбедносната криза не остава многу простор за самопомош и за акција, ниту на индивидуално ниту на колективно ниво. Или како што објасни германскиот психолог Штефан Шулц-Хард неодамна за некои од регионалните медиуми: „Тоа е маратон кај кој вие не знаете ни колкава е должината на патеката, ниту колку сте блиску до целта. И тоа е нешто што човечкиот организам многу тешко може да го постигне – да остане алармиран во еден толку долг временски период“. Д.М.М.