Иако се уште е неизвесно дали најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техичката Влада, на чие чело ќе седне Талат Џафери, потпретседателот на партијата, Александар Николоски вели дека сериозно се размислува за понатамошните чекори а како еден од аргументите за дебатите го истакна тоа што според него, власта соочена со нискиот рејтинг и со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник повеќе.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од Кавадарци изјави дека сериозно се разгледуваат понатамошните чекори кои тие како опозиција би ги презеле во однос на нивното учество во техничката Влада, во која би добиле министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика и три заменички места во финансии, земјоделие и министерството за информатичко општество и администрација со врзан потпис, бидејќи се поизвесно е, според него, дека СДСМ и ДУИ се обидуваат да изманипулираат за да добијат пратеник повеќе.
– Власта соочена со нискиот рејтинг и со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник плус – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, вели, тоа се гледа преку обидите на власта да не се избере член на ДИК кој би дошол од таборот на опозициските партии на Албанците.
– Имено Алијанса за Албанците стана член на Владата скоро пред година дена и со тоа го изгуби местото во ДИК. Според закон тоа припаѓа на опозицијата. Законот вели ДИК има 7 члена од кои 4 на власта и 3 на опозицијата. Во моментот тоа едно место е непополнето иако сите знаат дека треба да е на опозицијата. Иако се прекршени неколку закони имајќи предвид дека во законите има јасни норми и процедури за колку време треба да се пополни ДИК – кажа Николоски.
Оттука, вели Николоски, јасно се гледа дека со поигрувањето со овој процес, актуелната власт сериозно размислува за манипулации во изборниот порцес, и дека затоа тие како партија сериозно ќе размислат за учество во Владата, но уверува дека тие нема да дозволат гласот на граѓаните и нивната волја да биде изманипулирана.