Карикатурата настанува непосредно пред завршувањето на Илинденското востание, а авторот или авторите на карикатурата биле добро запознаени со настаните во Македонија, како и со надворешните замешателства. Карикатурата на вешт начин го доловува духот на историскиот момент, односно намерите на големите сили да си ги остварат сопствените интереси, како и манипулациите на великобугаризмот на штета на Македонија и македонскиот народ

Каква порака испраќа карикатурата од 1903 година од американското списание, за Македонците и Македонија

Во архивите на Соединетите Американски Држави има голем број историски документи што фрлаат дополнително светло врз историските настани од минатото на македонскиот народ и Македонија. Спомената архивска граѓа е особено значајна, ако се земе предвид дека историското минато на Македонците се прикажува врз основа на неутрална призма и без надворешни влијанија или затскриени агенди. Во овој контекст е и карикатурата објавена од американскиот хумористичен магазин „Пук“. Карикатурата е објавена на 6 октомври 1903 година, на насловната страница на споменатиот магазин, во текот на Илинденското востание во Македонија, како и дворските игри на големите сили и балканските држави, вклучувајќи и на Бугарија, околу македонското востаничко движење. Карикатурата досега не е објавена во ниеден историски или научен труд, ниту пак во некој од македонските медиуми. Со намера да го објасниме значењето на карикатурата се консултиравме со д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, чија специјалност е македонското револуционерно движење од крајот на 19 век, но и за ставовите на големите сили и балканските држави околу т.н. македонско прашање.

За обидите за сечење на главата на македонската нација во минатото сведочат и американските медиуми на многу сликовит начин

Карикатурата прикажува куклар што е именуван „Русија“, со марионети именувани „Бугарија“ и „Македонија“ вклучени во борба со меч. „Бугарија“ е пред чин на отсекување на главата на „Македонија“, која го испушта мечот. На левата страна висат три кукли именувани „Румелија“, „Србија“ и „Романија“. Според Ванчо Ѓорѓиев, на карикатурата се претставени надворешните замешателства околу Илинденското востание, односно дипломатските активности на големите сили, тука предничеле царска Русија и Австроунгарија, како дејствата на балканските држави, каде што предничи кнежеството Бугарија. Карикатурата настанува непосредно пред завршувањето на Илинденското востание, а авторот или авторите на карикатурата биле добро запознаени со настаните во Македонија, како и со надворешните замешателства. Карикатурата на вешт начин го доловува духот на историскиот момент, односно намерите на големите сили да си ги остварат сопствените интереси, како и манипулациите на великобугаризмот на штета на Македонија и македонскиот народ.
Во карикатура, делот каде што „Бугарија“ се обидува да ѝ ја отсече главата на „Македонија“, всушност се однесува на бугарските дипломатски активности, како и нејзината дволична улога околу востаничкото движење во Македонија во 1902 и 1903 година. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, секоја бугарска влада настојува да ја присвои Македонија и честопати бугарските кругови манипулирале со терминот автономна Македонија, односно настојувале Македонија да добие автономија и потоа да се приклучи кон бугарската држава. За да ја оствари оваа цел, великобугарската политичка елита презема одредени активности што се поддржани од бугарските влади и од кнезот Фердинанд. Овие активности биле насочени кон вештачки инсценирани востанички движења во Македонија, како што е т.н. Горноџумајско востание од септември 1902 година.

Организатор на Горноџумајско востание е Врховниот македонски комитет на чело со Стојан Михајловски и генералот Иван Цончев, кои дејствувале со согласност со бугарската влада и кнезот Фердинанд. Ова раздвижување во Македонија придонело да дојде до една реформска иницијатива што е позната како Февруарски или Падарски реформи. Најголемата последица од врховистичкото движење е што тоа во голема мера влијаело да дојде до кревање на Илинденското востание во 1903 година. Ѓорче Петров, еден од водачите на Македонската револуционерна организација (МРО), во своите спомени посочува дека „востанието на Цончев било со поддршка на кнезот со две цели: 1. Да се испрати еден фишек за да може подготвуваното востание од Организацијата, да се искористи на дипломатски план. 2. Владата на Радославов на лесен начин да го привлече патриотскиот елемент на своја страна, за да го искористи во партиски цели, без да мисли дека е можно едно сериозно востание.“
Според д-р Ванчо Ѓорѓиев, откако водачите на Македонската револуционерна организација (МРО) ја донеле одлуката за кревање на Илинденското востание, бугарската влада, која врз себе го носела товарот за Горноџумајското востание, со намера да ја симне од себе одговорноста за идните нереди во Македонија, донела одлука за административна забрана на Врховниот македонски комитет. Со овој чекор, бугарските политички кругови очекувале да го намалат дипломатскиот притисок врз Софија, која се јавувала како поттикнувач на нередите во Македонија. Ѓорѓиев исто така вели дека дволичноста на Бугарија не завршила тука. Според него, на 5 февруари 1903 година, бугарската влада преку своите трговски агентства во Македонија, кои де факто биле дипломатски претставништва, побарала од водачите на Македонската револуционерна организација (МРО) да се откажат од планираното востание за им да се даде можност на започнатите реформи. На крајот, било потенцирано, доколку Организацијата не се откаже од планираното востание, да не смета на бугарска помош. Со содржината на барањето биле запознаени претставниците на големите сили во Софија. Оваа демагошка постапка требало да претставува уште еден доказ за наводните напори на кнежеството за смирување на духовите во Македонија и олеснување на реформскиот процес – вели Ванчо Ѓорѓиев.
Во оваа конотација, Неделко Колушев, бугарски дипломатски претставник во Македонија, се обидел да влијае врз претставниците на Организацијата во Битолско. Меѓутоа, овие настојувања биле отфрлени, а Колушев во Битола наишол на одговор дека ние сме Македонци и советите на некаковси бугарски министер за нас немаат никаква важност, нагласува Ѓорѓиев.

Ванчо Ѓорѓиев заклучува дека е очигледно дека Бугарија во прво време му давала импулс на македонското движење, а откако се нашла во незгодна ситуација, се обидела да го запре. Меѓутоа, одбивањето на Македонската револуционерна организација (МРО) да го одложи востанието по барање на Бугарија претставува демонстрација на самостоен македонски карактер.
Оној дел од карикатурата на кој е претставена „Русија“ се однесува на дипломатските игри на големите сили околу македонското прашање. Под притисок на востанието, меѓу европската дипломатија се јавиле две концепции за решавање на македонското прашање, англиската преку автономија и австриската преку реформи. Во текот на дипломатските игри, австриската концепција преовладала. Австроунгарија не можејќи сама да го реши македонското прашање се свртела кон Германија. На 17 и 18 септември 1903 година во Виена пристигнал германскиот кајзер Вилхем. Во текот на оваа посета, германскиот владетел изјавил дека „автономна Македонија би претставувала опасност, бидејќи со текот на времето можела да се присоедини кон Бугарија, со што би се нарушила постојната рамнотежа на Балканот“
Австроунгарија, имајќи ја поддршката на Германија, се свртела кон Русија. Двете големи сили започнале преговори на највисоко ниво, кои траеле од 30 септември до 3 октомври. Преговорите започнале во Виена, а потоа продолжиле во Мирцштег. Преговорите се воделе меѓу рускиот цар Николај Втори, австроунгарскиот император Франц Јосиф Први и нивните министри Ламздорф и Голуховски. Од овие преговори произлегле т.н. Мирцштешките реформи. Со реформите било предвидено Македонија да биде поделена на сектори под раководство на различни големи сили, како и реорганизација на правосудството и администрацијата, да има обесштетување за настраданото население во текот на востанието и спроведување на февруарските реформи. Д. Ст.


За американското хумористично сатирично списание „Пук“

„Пук“ (Puck) беше првото успешно хумористично-сатирично списание во Соединетите Американски Држави, кое во своите изданија содржеше цртежи во боја, карикатури и силна политичка сатира. Списанието е основано во 1876 година како публикација на германски јазик од Џозеф Кеплер, карикатурист роден во Австрија.
Пукиш (Puckish) значи „детски палав“. Имено, во детската искреност и искажувањето на вистината низ палавост, хумор и сатира настанало и името на списанието. Инспирација за името на списанието бил Шекспировиот лик Пук (од „Сонот на летната ноќ“). Списанието „Пук“ е првo што успешно го усвои печатењето литографија целосно во боја за неделно објавување.
Првото издание на „Пук“ на англиски јазик беше објавено во 1877 година, покривајќи прашања како што се американската претседателска политика и социјалните прашања од крајот на 19 век до почетокот на 20 век.
„Пук“ се објавуваше од 1876 до 1918 година.