Откако стана јасно дека уставните измени нема да бидат изгласани од актуелниот собраниски состав, сега врелиот костен околу промената на Уставот се префрла врз новите пратеници, кои треба да стапат на функција по мајските избори и од кои ќе се бара да го затворат ова прашање уште пред да се формира новата влада.
Ваквото сценарио веќе го најави вицепремиерот Артан Груби, според кого, уставните измени треба да се завршат уште пред формирањето на новиот владин кабинет.
– Разговараме во моментов дека слично како и во 2011 година, кога некои тешки одлуки се донесоа откако се конституираше Собранието, а пред да се формира Владата, како што беше автентичното толкување на Законот за амнестија и Законот за јазици, истото да се повтори и по овие избори – пред да се формира која било влада, да се изгласаат уставните измени – рече Груби.
Тој во интервјуто за „360 степени“ истакна дека штом во новиот собраниски состав ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, процедурата за уставни измени ќе тече во согласност со роковите.
– Штом се отвори процедурата со гласање на одлуката за пристапување кон измени на Уставот со најмалку 80 гласа, волјата е јасна, нема да има изненадувања. Такво размислување (за инсистирање уставните измени да се гласаат пред формирањето влада, н.з.) има во ДУИ, такво размислување има во другите партии на Албанците, а тоа е директно или индиректно разговарано и со дел од албанската опозиција составена од деривати на ДУИ – истакна Груби.
Пред извесно време и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, напомена дека е можно уставните измени да се случат по изборите, додавајќи дека тоа го потврдил и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рекол дека има договор во првите 100 дена по изборите да бидат донесени уставните измени.
Од изјавите што ги дава вицепремиерот Груби, но и од другите лидери од албанскиот политички блок во земјава дека без согласност за уставни измени нема влада, станува јасно дека уставните измени ќе продолжат да се користат како уценувачка алатка врз принципот „земи или остави“.
Водејќи се по таа логика, во вода паѓаат сите предизборни програми, ветувања и планови што ги истакнуваат партиите, бидејќи на крајот на денот, клучно дали Македонија во јуни ќе добие влада или не ќе зависи од расположението за уставни измени, а не од решителноста да се тргне во справување со реалните проблеми на граѓаните.
– Пратениците во тој нов парламент што ќе се конституира по изборите не смеат да заборават дека 70 отсто од македонските граѓани се противат на уставните измени, така што не смеат да одат против својот народ. Уставот му припаѓа на народот, а не на власта – коментира професорката Солза Грчева, реагирајќи на најавите за можни уставни измени што би ги спровел идниот парламентарен состав како услов да се формира следна влада.
Според неа, сите политички партии во предизборниот период излегуваат со сопствени програми што им ги нудат на граѓаните и не смеат да отстапуваат од нив по никоја цена.
– Кај партиите од власта и кај албанските политички партии во земјава уставните измени се присутни како нивни програмски цели, но такво нешто не гледам кај опозицијата. Тоа би било политичко самоубиство за неа ако влезе во нешто што не им го ветила на граѓаните и таква авантура не смее да си дозволи. Ако отстапат од својата програма, како ќе очекуваат да им се верува на изборите – прашува Грчева.
Таа уште еднаш го повторува својот став дека во овој период нема потреба да се влегува во никакви експерименти со уставните измени, уште помалку веднаш по изборите.
– Не смееме да избрзуваме со одлуките бидејќи Европа нема намера скоро да нѐ прима. Наместо уцени околу формирањето на идната влада, треба да се седне и да се најде начин како да се допреговара, евентуално да се разговара и за преговарачката рамка, да се вратиме на нормалните услови и на Копенхашките критериуми, кои ѝ се поставуваат на секоја земја кандидат. Мислам дека ги исцрпевме сите наши гестови на добра волја. Подобро дома да си ги решаваме работите, државата ни е во тотален колапс. Отворање устав во сериозни држави се прави еднаш на 50 години, кај нас почнавме да го отвораме на две години по налог на соседите. Крајно време е да се вратиме на оној колосек на преговарање што доликува за една сериозна европска земја што би била рамноправен партнер во таа заедница, а не понижени и разнебитени тотално – заклучува Грчева.