Во целата оваа папазјанија што се направи со македонскиот „пиши-бриши устав“ само една работа е јасна, а тоа е дека тој веќе е непрепознатлив во делот на фундаменталните постулати на македонската државност и на државотворниот народ што е носител на државноста и суверенитетот и дека е созреано времето за интегрална интервенција со која јасно ќе бидат издвоени носителот на државноста и темелите врз кои почива таа државност
Уставните измени од друга перспектива
Работната група за подготовка на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени за внесување на Бугарите заедно со другите етнички заедници во македонскиот устав ја одржа конститутивната седница започнувајќи ја процедурата надвор од вообичаената практика, која предвидува уставните измени да се иницираат во собраниската Комисија за уставни прашања. Без учество на опозицијата, но и без докажаните експерти од областа на уставните прашања во земјава, самата конститутивна седница на ова работно тело е доволна потврда дека власта е решена процесот на уставни измени да се реализира по секоја цена бидејќи роковите го налагаат тоа. Од членовите на ова работно тело на чие чело е Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, се очекува во следниот период да работат на амандманските решенија како Бугарите да се вметнат во Уставот и со тоа да се заврши со обврската што ја презела земјава пред Брисел за да може да почне со отворањето на преговарачките поглавја по завршувањето на скрининг-процесот во ноември.
Досега јавноста, освен оскудните информации дека „треба само Бугарите да се вметнат во Уставот“, не доби никаков јасен одговор како би изгледало тоа вклучување на Бугарите во Уставот, што тоа ќе подразбира подоцна во функционирањето на државата и нејзиниот карактер, какви финансиски импликации ќе има тоа по буџетот, но и какви импликации ќе има врз безбедноста и стабилноста во државата, имајќи предвид дека Бугарите не признаваат македонски народ, македонски јазик и македонска историја.
На секое отворање на Уставот повторно се надоврзуваат албанските политички субјекти во земјава, кои ја користат секоја пригода преку уценувачки методи да наметнат исклучиво етничка агенда, односно сега бараат да се избрише терминот „20 отсто“ за употребата на албанскиот јазик, без оглед што тоа де факто значи и поништување на Охридскиот рамковен договор, па во тој случај ако се следи уставноправната логика овој документ треба да се исфрли од преамбулата.
Во целата оваа папазјанија што се направи со македонскиот „пиши-бриши устав“ само една работа е јасна, а тоа е дека тој веќе е непрепознатлив во делот на фундаменталните постулати на македонската државност и на државотворниот народ што е носител на државноста и суверенитетот и дека е созреано времето за интегрална интервенција со која јасно ќе бидат издвоени носителот на државноста и темелите врз кои почива таа државност.
Наместо хрватски, македонски устав
Неодамна во јавноста опозицијата излезе со јасен предлог Македонија да го примени „хрватскиот модел“ во Уставот. На тоа, власта се надоврза со одговор дека на земјава ѝ е потребен автентичен „македонски устав“ што ќе го отслика вистинскиот карактер на македонската држава, како држава на македонскиот народ и на сите други што живеат во неа, во која ќе се почитуваат сите малцински права и слободи во согласност со европските и светските конвенции.
Впрочем, првиот македонски устав, кој од сите светски уставни експерти беше оценет како најдобар и најдемократски, беше одраз на светогледот на македонскиот народ за еднакви права и слободи за сите, но и еднакви права и обврски кон сопствената држава. Во моментот кога се напушти тој уставен концепт и Уставот се претвори во амандмански мозаичен лавиринт, тогаш и државата го загуби сопствениот карактер, при што веќе е невозможно прецизно да се дефинира и концептот на Уставот (национален, граѓански или некој хибриден), како и тоа чија и каква држава, всушност, е Македонија.
Затоа, според експертите, ова што сега се случува со уцените од Софија за внесување на Бугарите во Уставот може на некој начин да биде добро освестување дека актуелниот устав ги исцрпи сите свои можности, стана „правно-политички калемен“ и нејасен, така што крајно време е експериментите во него да заминат во историјата.
Ставот на познавачите на состојбите е дека никој не може да даде какви било идентитетски гаранции ако тоа не го направи самиот македонски народ, така што тоа ќе го стави во највисокиот правен акт. Имено, во тој нов устав треба јасно да стои дека Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други малцински заедници што живеат во неа.
Таквиот нов устав би подразбирал монументалност на АСНОМ во преамбулата како основен постамент врз кој почива современата македонска држава за која се бореле заеднички сите, но за која најголемиот број жртви ги дале токму Македонците и со својата крв во Втората светска војна и подоцна со одлуките на АСНОМ успеале конечно да ја заокружат македонската државност. Затоа одлуките на АСНОМ треба да бидат јасно означени во преамбулата како одлуки околу кои се обединиле сите оние што биле за независна Македонија. Треба да се инсистира и на историскиот континуум, од идејата за сопствена држава низ вековите, до развојот на јазикот низ вековите, заклучно со неговото кодифицирање, за да се отфрли каква било можност да се оспоруваат македонската државност, јазик и историја пред Втората светска војна, она што сега го прави Бугарија.
Посебно важно во таа нова преамбула е истакнувањето на македонскиот јазик како основно обележје на народот што е носител на државноста, но и кој ќе биде означен како официјален јазик што ќе биде главното средство за комуникација меѓу сите граѓани, како нуклеус околу кој ќе се обединува целото општеството, наместо како сега да се дели поради наметнатите јазични бариери и инсистирањето на два-три или повеќе официјални јазици, преседан што го нема никаде во светот. Клучно во овој нов национален устав треба да биде унитарниот карактер на Македонија, како единствена татковина на сите што живеат во неа и ги уживаат сите права и демократски слободи.
Во еден таков чист концепт на национален устав нема никаков проблем да влезат и Бугарите како малцинска заедница, уживајќи ги сите права и слободи како и другите граѓани. Ваквиот устав несомнено е најдобрата гаранција за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, акт што ќе го зацврсти македонското ткиво.
Претставниците на помалите политички партии во земјава немаат никаква дилема дека македонскиот народ во тој нов, чист концепт треба да биде главниот конституент на државата
На иста линија се и познавачите на уставните околности, кои сметаат дека еден нов ракурс за таков устав ќе биде ветер во грб за македонската држава, која направи болни компромиси на сопствена штета, па сепак и покрај тоа стагнира и назадува на сите полиња. И соговорниците со кои се консултиравме, кои се лидери во своите етнички заедници, се согласуваат дека сите треба да понесат дел од товарот кога станува збор за отстапките што се прават во име на иднината на Македонија.
– Проблемот со сегашната форма на преамбулата на македонскиот устав е што генерира една состојба на повеќе категории граѓани: Македонци, оние над 20 отсто и тие под 20 отсто. Ваквата имплицитна категоризација ги ограничува конкретно правата на Турците и другите етнички заедници во Македонија, кои се под 20 отсто. Такви формулации со проценти во преамбулата на Уставот, што верувам се уникатен пример, наведуваат на претпоставка дека правата и обврските на граѓаните произлегуваат од процентуалната застапеност, односно наведуваат на нерамноправност. Затоа, потребен ни е устав, според кој, сите ние граѓаните на Македонија ќе бидеме Македонци, а етничките права и прашања ќе се решаваат внатрешно во државата – вели Аднан Ќахил, претставник на Турците во Македонија.
За Иван Стоилковиќ, претседател на Демократска партија на Србите во Македонија, моделот на преамбулата на хрватскиот устав од повеќе причини е прифатлив како варијанта за измените што се бараат од ЕУ за македонскиот устав.
– Реакциите од одредени политички субјекти што допреа во јавноста за овој предлог наведуваат на тоа дека не се сите подготвени да ги жртвуваат своите (пред сè етнички) интереси, за интересите на државата и европскиот пат на Македонија. Потребни ни се уште такви иницијативи и да се развие поширока општествена дебата, па можеби ќе ги натера политичките чинители да се изјаснат јавно за одредени прашања, да се видат вистинските заложби на албанските партии во Македонија, кои се во насока на политичка федерализација затскриена зад наративите за ЕУ и НАТО. Од досегашните реакции произлегува дека албанските партии се подготвени да им наметнат на другите да прифатат отстапки на штета на нивните права, но не се подготвени да отстапки од сопствените интереси, во интерес на заедничката држава – истакнува Стоилковиќ.
Претставниците на помалите политички партии во земјава немаат никаква дилема дека македонскиот народ во тој нов чист концепт треба да биде главниот конституент на државата.
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, појаснува дека ваква формулација на преамбулата, каква што ја има во актуелниот устав на Македонија, не е позната во уставната светска практика. За него, поставувањето на македонскиот народ како конститутивен во преамбулата би го зајакнало унитарниот карактер на државата.
Не станува збор за одземање нечии права и слободи, туку за нивно потврдување и унапредување!
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека носечки народ во Уставот на државата Македонија мора да биде македонскиот народ.
– Во државата Македонија носител на државноста е македонскиот народ и затоа јазикот и писмото на носителот на државноста се службен јазик на целата нејзина територија и во меѓународните односи! Не станува збор за малцинските заедници да понесат дел од товарот на компромисите, наместо тие да се прават на штета на македонскиот народ, затоа што како и за сите држави, истите правила треба да важат и за државата Македонија! Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо не е поради мајоризација на малцинските етнички заедници, туку за ефикасна администрација и остварување еднакви права и слободи! Се разбира, државата Македонија мора да го институционализира правото на културна автономија на сите малцински етнички заедници како државна гаранција за заштита и афирмација на нивниот етнички, јазичен, културен и верски идентитет, во корпусот на колективните права, кои може, но не мора да ги користат македонските државјани – вели Петров.
Тој нема никаква дилема дека преамбулата треба да претрпи измени, но не поради уценувачките барања од Бугарија.
– Преамбулата треба да претрпи измени, но не поради антимакедонските барања на Софија! Каква и да биде, кога и да биде, во преамбулата на Уставот не треба да се впишат софиските врховисти и колаборационисти како етнички Бугари, бидејќи такви во Македонија, Албанија и во Косово нема – категоричен е Петров.