Иако сѐ уште ја употребуваме флоскулата дека македонската демократија е млада демократија, триесет и три години плурализам сепак не се мало искуство за да бидат согледани и подобрени слабостите на изборниот систем. Исправањето на констатираните слабости и грешки е услов за напредување и развој на државата и демократијата, додека одржувањето на „погрешната состојба“, поради интересот на одреден политички субјект, претставува своевидно заложништво на демократските процеси, стагнирање и назадување. А токму тоа се прави со игнорирање на иницијативите и потребите за промена на изборниот систем…
Политички касти што не сакаат да им ја препуштат власта на компетентни луѓе со знаење, вештини, морал, етика, патриотизам…
Единaесеттите парламентарни избори веќе се распишани и треба да се одржат на 8 мај годинава, но се чини дека и покрај иницијативите во изминатите два собраниски состава, па дури и започната собраниска расправа за промена на изборниот модел, повторно во последен момент се очекува да бидат усвоени само „техничко/козметички“ измени на Изборниот законик. Но овие измени, предложени од работната група (за кои патем споменато, сѐ уште се работи на постигнување консензус во Собранието!?), не допираат до суштината на потребата за промена на изборниот систем, односно до официјално поднесениот предлог-закон од малите партии во Собранието, за една изборна единица. Некои од партиите предлагачи, кои беа дел од владината коалиција, дури и излегоа од коалицискиот формат, а една од причините беше токму постојаното одложување и одолжување на расправата за една изборна единица. Големите партии, и од власта и од опозицијата, формално ѝ даваа поддршка на иницијативата, односно предлог-законот за една изборна единица, но се чини дека им одговараше противењето на ДУИ за овој предложен изборен модел, па и по два изборни циклуса нема напредок во реформата на изборниот модел.
Има ли време да се надмине потрошениот и застарен изборен модел?
– Во предвечерјето на уште едни парламентарни избори влегуваме со надминат, потрошен и застарен изборен модел. Резултатите што ги добиваме со изборен модел од шест изборни единици и пропорционален систем не ја одразуваат реалната моќ на политичките субјекти што учествуваат на изборите, односно се покажуваат низа негативни нуспојави. Овој изборен модел е креиран за други услови на партиско-политичката сцена во Македонија, за изборите во 2002 година. Во меѓувреме имаме динамичен развој во политичкиот амбиент, промена на големината на избирачкото тело, варирање на одзивот на изборите, односно одзивот и апстиненцијата на изборите (некако стабилизиран 52 отсто одзив, наспроти 48 отсто апстиненција)… така што резултатите со овој изборен модел не одговараат на реалната партиска и политичка слика во актуелниот миг во Македонија. Со ваков модел и по овие избори предвидувам дека ќе имаме чудни резултати – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.
Политичките експерти, но и активните политичари веќе редовно укажуваат дека актуелниот изборен модел со шест изборни единици и пропорционален систем на пресметка на гласовите за еден пратенички мандат најмногу им одговараат на големите партии, а очигледно најмногу на ДУИ. Оваа партија никако не го прифаќа моделот на една изборна единица, а евентуално би размислила за три изборни единици.
– Една од нуспојавите на овој изборен модел од шест изборни единици е нееднаквоста на легитимната моќ и потребната поддршка на гласачите за добивање пратенички мандат. На пример, во една изборна единица, пратеник во Собранието може да се стане со 4.500-5.000 гласа, додека некој што добил 12.000 гласа во друга изборна единица може и воопшто да не влезе во парламентот. Тоа понатаму се одразува во начинот на носење на одлуките во Собранието, па доведени сме во ситуација малцинството да одлучува за битни прашања за државата, кои најмногу го засегаат мнозинството. Веќе имаме една практика на демократски апсурд, во кој се чини дека не е важно кој ќе победи, а кој ќе изгуби на изборите, туку е важно кој ќе владее. Неопходно е важно ваквиот систем да биде сменет – вели Сотир Костов.
Една изборна единица, отворени листи…
Според познавачите на изборната материја, за Македонија, со реалната слика на политичките и изборните параметри, најсоодветен изборен модел е една изборна единица, со отворени листи на предложените кандидати, за да може тие да бидат препознаени од електоратот како личности: по своите особини, компетентност, досегашни искуства и заложби, по своите знаење и вештини, креативност и бескомпромисна борба за поширокиот граѓански интерес, а не за теснопартискиот. Кандидати што непосредно ќе одговараат и ќе бидат одговорни пред својот електорат, а не пред партискиот лидер, кој во мала, тесна партиска група ги поставил на кандидатските изборни листи. Според соговорниците, може да се размислува и за промена на формулата за определување количници од изборните резултати. Се укажува дека во изборната теорија постојат седум формули за определување количници од изборните резултати.
Срамно е дека и за „техничко /козметички“ измени на Изборниот законик треба партиски консензус!?
И за козметичките несуштински измени на Изборниот законик, претседателот на Собранието, Јован Митревски, очекува да биде постигне консензус помеѓу сите пратенички групи.
– Имам информации дека се водат преговори, дека се блиску до консензус. Посебно во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, не сум слушнал досега дека има какви било забелешки. Сигурно таму се отвораат и други прашања за кои се чека да се обезбеди консензус. Очекувам од пратеничките групи да дадат предлог за измени на Изборниот законик, барем таму каде што имаат консензус, барем забелешките на ОБСЕ/ОДИХР да бидат ставени во предложениот Изборен законик. Кога ќе го добијам како текст потпишан од сите координатори на пратенички групи, што би значело дека со потписот на сите координатори е обезбеден консензус, тогаш веднаш тој предлог би го ставил на наредна седница за да може да се изгласа до денот на одржување на изборите – изјави Митревски во неодамнешно медиумско интервју.
Главната пречка за усвојување на оваа изменета верзија на Изборниот законик е партискиот договор околу тоа дали за кампањата ќе се трошат пари од државниот буџет или партиите сами ќе ја плаќаат, како и за медиумската покриеност на изборите. (?!)
Изборниот законик за кој треба да се постигне консензус е изработен од работна група, предводена од адвокатот и поранешен претседател на ДИК, Александар Новаковски, за преку реформа на изборното законодавство да бидат усвоени препораките на ОБСЕ/ОДИХР за финансирањето на политичките партии, заштитата на избирачкото право и медиумското претставување.
За суштинските измени за исчекор кон личната и колективна одговорност, за компетентно политичко менаџирање и напредок на демократијата и слободниот избор, не станува ниту збор. Засега.