Какофонија во Брисел во врска со проширувањето на ЕУ
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, всушност не се консултирал со претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лејен, за содржината на својот говор за проширувањето што го претстави во понеделникот, на 28 август, на самитот во Блед, Словенија. Во еден таков контекст, политичките аналитичари се согласни дека „разногласието на ЕУ за проширувањето, секако не придонесува за зацврстување на разнишаната доверба во Унијата кај земјите-кандидати од Западен Балкан, особено по придружувањето во нивниот пакет и на Украина и Молдавија“. Се чини дека во овој миг, ЕУ е заплеткана во своите „визии“ за иднината и лажните ветувања од минатото
Комуникацијата на високите европски претставници, на линиите Блед – Париз – Брисел од почетокот на седмицава покажува невообичаени совпаѓања со детската игра „расипан телефон“. Истиот ден кога претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Стратегискиот форум во Блед, Словенија, лицитираше со одредување некаков конкретен датум за интеграција, и тоа „2030 година за проширување на Европската Унија со актуелните земји-кандидати“, францускиот претседател Емануел Макрон, во Париз, уште еднаш кажа дека не се откажал од својот план за реформирање на Унијата, како блок со „повеќе брзини“, но пред да се случи проширувањето (?!).
Навистина и самиот Шарл Мишел, во Блед, давајќи им надеж на присутните претставници на форумот од земјите-кандидати (меѓу кои и премиерот и министрите од Владата на Македонија), се повика на планот на Макрон за „повеќе брзини“, обидувајќи се да го објасни со логиката дека тој, всушност, бил за „забрзување на преговорите за членство“, а не за блокирање на процесот, како што го гледаат најголемиот број европолитички аналитичари, засегнатите држави со кандидатски статус, и како што, впрочем, покажува практиката на терен, особено во Македонија.
А Макрон, на годишниот собит со француските амбасадори во Париз, рече дека „е ризик да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 члена, нема да биде полесно“.
За некако да го „измазни“ разногласието на Мишел и Макрон, француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, даде дообјаснување дека „изјавата на Макрон не значи затворени врати за земјите-кандидати“.
– Знам дека Шарл Мишел рече до 2030 година (за проширувањето на ЕУ), но може да биде и порано. Но она што ни треба е да се реформираме себеси, како и земјите-кандидати. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да бидеме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да бидеме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите-кандидати. Тоа се нашите задачи – истакна Бун, која исто така учествуваше на форумот во Словенија, во очигледно импровизирана изјава, како обид за усогласување на ставовите на високите европски фактори.
За европската какофонија да добие пошироки размери, во неа се вклучи и Европската комисија, водена од претседателката Урсула фон дер Лејен, која практично „го искара Мишел“ за ветувањето што го дал за проширување на Унијата до 2030 година.
Влијателниот медиум „Политико“ пренесе дека Европската комисија не се согласува со ставот на Мишел, за 2030 г. како можен датум за прием на нови членки.
Според заменик-портпаролката на ЕК, Дана Спинант, „Брисел не се фокусира на датумот, а Мишел не се консултирал со комисијата кога рекол 2030 како датум за прием“.
– Ние не се фокусираме на датуми, туку нашиот фокус е да работиме многу одблизу со земјите-кандидати за да бидат подготвени да ѝ се придружат на Европската Унија – кажа на брифинг со новинарите Дана Спинант.
Таа додаде и дека Мишел, всушност, не се консултирал со претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лејен, за содржината на неговиот говор за проширување што го претстави во понеделникот, на 28 август, на самитот во Блед, Словенија.
– Последното јавно несогласување меѓу Фон дер Лејен и Мишел – наречени „чудна двојка во Европа“ поради нивните тешки односи – доаѓа додека темата за проширувањето на ЕУ добива на интензитет во Брисел. Исто така во понеделникот, францускиот претседател Емануел Макрон предложи ЕУ со „повеќе брзини“ во врска со пристапувањето на земјите-кандидати. Некои балкански народи чекаат со години да ѝ се приклучат на ЕУ; според законската рамка, тие мора да исполнат голем број барања пред тоа да стане возможно – пишува „Политико“.
Своевиден дополнителен предизвик на европското разногласие постави и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, со ставот дека Европската Унија не треба да чека до 2030 година за да ги вклучи земјите од Западен Балкан што е можно побрзо, затоа што со нив Унијата ќе биде поголема и посилна.
– Мислам дека проширувањето е неопходно и мора да биде забрзано што е можно повеќе. Вчера слушнавме 2030 година, добро, но зошто не утре? Што нѐ спречува да кажеме дека сега мораме да ги вклучиме сите кандидати од Западен Балкан во ЕУ, наместо да чекаме до 2030 година. Ајде да ги отвориме сите поглавја и да ги затвориме што е можно побрзо. Со Западен Балкан ќе бидеме поголеми и посилни, ќе има многу поголем простор за економска соработка. Од аспект на енергетската сигурност, тие се најважна област на транзит, барем за централниот дел на Европа и потоа ќе биде тотално непотребно да плачеме за иницијативите или намерите на други да бидат вклучени во Западен Балкан, бидејќи сè додека не го интегрираме Западен Балкан, сите други заинтересирани, кои и да се, ќе бидат вклучени и ние ќе плачеме за тоа. Мислам дека реформите треба да бидат базирани на рационалност и на здрав разум и проширувањето да биде ставено на врвот на агендата и да се случи што е можно побрзо – рече Сијарто на панел-дискусијата на Стратегискиот форум во Блед, Словенија.
На земјите-кандидати и претенденти што треба да бидат опфатени од проширувањето на ЕУ, т.е. шесте земји од Западен Балкан, Унијата од неодамна ги додаде и кандидатите со „висок ризик“, Украина и Молдавија, што секако ги зголемува предизвикот и ризикот за кој говори Макрон. Од земјите од Западен Балкан, Србија и Црна ги почнаа пристапните преговори со ЕУ уште пред десетина години, а Македонија и Албанија сè во скрининг-фазата. Босна и Херцеговина има кандидатски статус, а и Косово има амбиција да биде дел од ЕУ, но сѐ уште не е признаено како држава од пет членки на Унијата, поради спорот со Србија. Почетокот на преговорите на Македонија сега се блокирани со условувања на Бугарија, кои практично се мешање во внатрешното уредување на суверена држава.
Според повеќе политички аналитичари и професори со кои се консултиравме, разногласието на ЕУ за проширувањето, секако не придонесува за зацврстување на разнишаната доверба во Унијата кај земјите-кандидати од Западен Балкан, особено по придружувањето во нивниот пакет и на Украина и Молдавија. Се чини дека во овој миг, ЕУ е заплеткана во своите „визии“ за иднината и лажните ветувања од минатото.