Учиме повеќе од оние што ги сакаме

Поттикната од актуелните случувања и во интерес на пошироката јавност, академик Нада Поп-Јорданова специјално за читателите на „Нова Македонија“ ни испрати уште еден исклучително интересен материјал за најновите научни сознанија за учењето, меморијата, но и за тоа колку овие најнови сознанија можат да се применат во реалниот живот… Академик Поп-Јорданова укажува дека со своите написи сака да поттикне кај читателите поголем интерес за современите дострели во науката, кои можат да бидат полезни и во секојдневното живеење и функционирање

Човекот учи и се развива во текот на целиот живот. Учењето нови работи влијае на комуникацијата помеѓу невроните, создавањето нови врски и накратко – на збогатување на невралните мрежи. Во процесот на учење извонредно е важно што сме запомниле, значи меморискиот квантум.
Меморијата претставува способност на умот со која податоците или информациите се кодираат, складираат и се враќаат во свеста кога е потребно. Помнењето е задржување информации со текот на времето со цел да се влијае на идните наши активности. Ако не може да се запаметат минатите настани, би било невозможно да се развијат јазикот, врските или личниот идентитет.
Во психологијата се разликуваат епизодна, семантичка, процедурална, работна, сензорна и проспективна меморија. Секој вид меморија има различни намени – од живописни сеќавања содржани во епизодната меморија, па сѐ до функционално знаење содржано во процедуралната меморија. Сепак, постојат заеднички карактеристики во тоа како функционира меморијата во целина и клучните структури на мозокот, како што е хипокампусот, кои се составен дел на различните видови меморија. Покрај улогата на меморијата да им дозволи на луѓето да разберат, да се движат и да даваат предвидувања за светот, постојат и лични спомени што обезбедуваат основа за богато чувство за себе и за својот живот.
Едно од многу интересните нови откритија, објавени во почетокот на 2024 година од Универзитетот во Лунд, е дека нашиот мозок го фаворизира учењето нови информации од поединци што ни се допаѓаат наспроти оние што не ни се допаѓаат – феномен што е клучен за интеграција на меморијата.
Преку експерименти што вклучуваат секојдневни предмети, студијата покажала дека нашата способност да поврзуваме информации и да формираме нови заклучоци е значително под влијание на нашите лични чувства (афинитети) кон давателот на информациите. Оваа селективна интеграција на меморијата може да ги обликува нашите перцепции и верувања, дури и кога се работи за сосема неутрални контексти, што укажува на вродена пристрасност за тоа како ги асимилираме информациите.
Наодите ја истакнуваат основната улога на личните преференции во учењето и потенцијалот за зајакнување на поларизацијата во општеството.
Нашиот мозок е „програмиран“ да учи и да прифаќа многу повеќе од луѓето што ни се допаѓаат – а помалку од оние што не ги сакаме. Ова го покажаа истражувачите од когнитивната неврологија во серија експерименти.

Меморијата е витална психолошка функција, овозможувајќи ни да учиме од новите искуства и да го ажурираме постојното знаење. Учиме и од индивидуалните искуства и од нивното поврзување за да извлечеме нови заклучоци за светот. На овој начин, можеме да правиме заклучоци за работи за кои не мора да имаме директно лично искуство. Ова се нарекува интеграција на меморијата и го прави учењето брзо и флексибилно.
Научниците од Универзитетот во Лунд даваат пример за интеграција на меморијата: „Помислете дека шетате во парк. Гледате човек со куче. Неколку часа подоцна, го гледате кучето во градот со некоја жена. Вашиот мозок брзо создава поврзување дека мажот и жената се пар, иако вие лично никогаш не сте ги виделе заедно“.
Да се прават такви заклучоци е приспособливо и корисно. Но, секако, постои ризик нашиот мозок да извлекува неточни заклучоци или селективно да се сеќава. Затоа многу е важно кој ги дава информациите.
За да испитаат што влијае на нашата способност да учиме и да правиме заклучоци, тимот од Универзитетот во Лунд направил експерименти каде што учесниците имале задача да запомнат и да поврзуваат различни предмети. Тоа можело да биде некаков сад, топка, лажица, ножици или други секојдневни предмети. Се покажало дека интеграцијата на меморијата, т.е. способноста за запомнување и поврзување на информациите низ настаните за учење, била под влијание на тоа кој ги презентирал. Ако се работело за личност што му се допаѓа на учесникот, поврзувањето на информациите било полесно во споредба со тоа кога информацијата доаѓа од некој што не му се допаѓа. Учесниците дале индивидуални дефиниции за „ми се допаѓа“ и „не ми се допаѓа“ засновани на аспекти како што се политички ставови, навики во исхраната, омилените спортови, хобијата и музиката.
Според психолозите, наодите од ова истражување може да се применат во реалниот живот. Да земеме хипотетички пример од политиката.
Политичка партија се залага за зголемување на даноците во корист на здравството. Подоцна, посетувате здравствен центар и забележувате дека се направени подобрувања. Ако ја симпатизирате партијата што сакала да го подобри здравството преку повисоки даноци, веројатно ќе ги припишете подобрувањата на зголемувањето на даноците, иако подобрувањата можеби имале сосема друга причина.

Постојат многу истражувања што потврдиле дека луѓето различно ги учат информациите во зависност од изворот што им ги презентира и како тоа ги карактеризира поларизацијата и отпорот кон знаењето. Имено, она што покажало истражувањето е како овие значајни феномени делумно можат да се проследат наназад до основните принципи што управуваат со тоа како функционира нашата меморија. Ние сме повеќе склони да формираме нови врски и да го ажурираме знаењето стекнато од информациите презентирани од групите што ги сакаме. Таквите претпочитани групи обично обезбедуваат информации што се усогласуваат со нашите веќе постојни верувања и идеи, потенцијално засилувајќи ги поларизираните гледишта.
Разбирањето на корените на поларизацијата, отпорот кон новото знаење и сродните феномени од основните мозочни функции нуди подлабок увид во овие сложени однесувања. Значи, не се работи само за филтер во социјалните медиуми туку и за вроден начин на асимилација на информациите. Особено е впечатливо тоа што различно ги интегрираме информациите во зависност од тоа кој ни ги презентира, дури и кога информацијата е целосно неутрална. Притоа, во реалниот живот, каде што информациите често предизвикуваат посилни реакции, овие ефекти би можеле да бидат уште поизразени.
Според тоа, нашиот мозок претпочита да учи од луѓе што ни се допаѓаат и да интегрира информации презентирани од луѓе што ни се допаѓаат, што влијае на тоа како ги поврзуваме новите искуства.
Оваа пристрасност во интеграцијата на меморијата може да влијае на нашите верувања и перцепции, потенцијално да доведе до селективна меморија и засилена поларизација.
Овие сознанија може да се користат во едукативниот процес, каде што битните информации што ученикот/студентот треба да ги запомни треба да ги пренесуваат луѓе кон кои слушателите/приматели на информациите имаат позитивни емоции. А, секако, симпатијата се создава со билатерална комуникација. Исто така, овие сознанија може да ги користат политичарите изнесувајќи ги своите опции и предлози за да добиваат поголема поддршка при изборните процеси. Дополнително, секој умен раководител во една организација треба да биде „симпатичен“ и афективно позитивно валоризиран од соработниците за процесот на работата да биде поефективен. Сето ова покажува колку се битни емоциите во секојдневното функционирање, или она што го нагласувам постојано, без емоции ние не сме вистински луѓе.

Во тој контекст, уште едно истражување објавено оваа година во „Граници на психологијата“ открива дека препознавањето на емоциите преку говорот на телото не е чисто инстинктивно, туку научено под влијание на културата. Научниците од САД открија дека зборовите што опишуваат емоции, како на пример „одвратно“ или „луто“ влијаат на тоа како поединци од различни култури ги толкуваат изразите на лицето, нагласувајќи ја улогата на културното воспитување.
Студијата, во која учествувале кинески имигранти и бели Американци, покажала дека претходното изложување на емотивни зборови ги менува поврзаноста и перцепцијата во мозокот. Иако Дарвин тврдел дека емоционалниот израз е универзален, овие наоди ја нагласуваат важноста на културниот контекст во разбирањето на емоциите и имаат импликации за развивање на културното информирање при работата со вештачката интелигенција.
Познато е дека говорот на телото и неговото разбирање е клучен дел од комуникацијата. Често се претпоставува дека луѓето со својот вроден капацитет можат да ги препознаат туѓите емоции, но има сѐ повеќе докази дека способноста да се дешифрираат овие емоции не е инстинктивна, туку обликувана од културното разбирање на емоциите на луѓето.
Тимот научници од САД истражувале како културното воспитување и пристапот до зборовите што опишуваат емоции, кои го категоризираат и олеснуваат пристапот до комплексен збир на емоционални идеи, искуства и одговори складирани во нашата меморија, влијаат на тоа како го перципираме од емоционален аспект лицето со разни изрази. Преку снимање со функционална магнетна резонанца било докажано дека зборовите од категоријата емоции како „одвратност“ различно го менуваат начинот на кој регионите на мозокот комуницираат еден со друг зависно од тоа како луѓето ги перципираат емоциите на лицата на другите. Поважно е дека овој ефект зависи од нечие културно воспитување. Со други зборови, емоционалните изрази на лицето не се универзално произведени и разбрани, како што тврдеше Дарвин. За студијата биле регрутирани две групи учесници – кинески поединци, родени и израснати во континентална Кина, но кои сега живеат во САД, и бели Американци што се родени и израснати во САД.
Додека биле подложени на фМРИ, двете групи гледале лица со изрази на „одвратност“ и „лутина“ на начини како што обично ги прикажуваат белите северноамериканци. Во текот на четири блока, учесниците гледале изрази на кои им претходел релевантниот збор од категоријата емоции. Кога го слушале зборот „одвратност“ пред да го видат соодветниот израз на лицето, имигрантите од континентална Кина покажале намалена функционална поврзаност во мозочните региони поврзани со семантичка обработка, визуелна перцепција и социјално спознание. Напротив, учесниците од белата Америка го перципирале брчкањето на носот и усните како доказ дека некој друг е згрозен, без да имаат потреба од претходно објаснување со збор. Тоа значи дека кај кинеските учесници претходење на зборот на англиски јазик „одвратност“, пред да ги гледаат збрчканите носови и лице, го променил начинот на кој нивниот мозок ги обработува тие изрази.
Понатамошното поле на примена на наодите на ова истражување лежи во вештачката интелигенција. Имено, студијата сугерира дека алатките за вештачка интелигенција дизајнирани да читаат емоции од лицата мора да ги земат предвид културните варијации за да се избегне погрешно толкување на изразите на луѓето и ја нагласува потребата од културно информирање.
Со моите написи сакам да создадам кај читателите поттик за поголем интерес за современите дострели во науката, кои можат да бидат полезни и во секојдневното живеење и функционирање.