Ни цар Самуил, ни Крале Марко, ни Гоце Делчев, какви документи и да се откријат, колку и да се присвојуваат, нема да бидат помалку македонски. Тие веќе живеат во светот на легендите, тие ја извршиле својата улога во конституирањето на македонската национална свест, и тука враќање назад нема.
Има мигови кога политиката треба да се повлече пред налетот на колективните и универзалните идеали. Слободата е таков идеал. Слободата на самоопределувањето. Слободата да си го избереш сам пријателот. Пријателите на Македонците треба да бидат великодушни. Треба да бидат емпатични. Треба да бидат духовно богати. Македонците и нивните пријатели треба да се сретнат некаде во светот на заедничките идеали. Само идеалите го водат светот напред, не напред кон дното, туку напред кон похуман, поправеден и цивилизиран свет. Ако немаме „ништо заедничко“ сега и тука, зошто би се дружеле? Да посакуваш некого, значи да негуваш убави чувства, мисли и дела спрема него. Дали е тоа толку тешко да се сфати? Никој со лошо не постигнал ништо добро. Убавиот збор и железни врати отвора, нели?
Иронијата како стилско-реторичка фигура се користи кога се кажува една работа, а се мисли на спротивната. Тоа доаѓа до израз кога се вреднуваат нештата со алузија, потсмев и подбишега, кога се прикрива правата намера. Дипломатското кажување на вистината „меѓу редови“ ги одмерува и лапсусите, кога, како, кој ќе ги каже. Значи, вистината не се кажува секогаш отворено. Вистината треба да се препознае. Колку е поделикатно прашањето, толку е понечитлива намерата. Колку помала е чувствителноста на дискредитација на субјектот со којшто/со кого што се прави подбивот, толку е поголема ароганцијата на оној што се подбива. Оние што се упатени во вистинската намера на оние што се „шегуваат“, си намигнуваат меѓусебно. Навредениот, и кога ќе се сети, ќе одлага да соопшти јавно дека се сетил. Непријатно е, нели, да се каже дека подолго време некој си правел мајтап со тебе, и тоа не каков било. Се подбивал со тебе, со твоето битие, со твојот опстанок.
Зборовите биле и ќе бидат предмет на избор, во зависност од намерата што треба со тие зборови да се постигне. Од тоа зависи стилот. Дали некој ќе те оспори со стил, учтиво, во ракавици, или припросто, без влакна на јазикот. Иронија е, исто така, и кога некои политички проекти промовирани под добронамерни слогани, ќе се претворат во спротивното: ќе станат извор на злонамерни постапки, ќе поттикнат неумерен национализам и политички примитивизам.
Еве еден скорешен пример. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (ратификуван на 18.01.2018), на почетокот и општо земено добронамерен и бенигнен, се претвори во камен на сопнување за односите меѓу двата народа. Пријателството и добрососедството подразбираат заемна почит, поддршка и помош, толеранција, заштита, заеднички интереси… И европските вредности денес се вбројуваат во редот на „добрососедските односи“, иако никој точно не ги дефинирал, но „сите“ ги доведуваат во врска со идејата за „отворените граници“, „европскиот пасош“, административните, правни и други практични предности на државите-членки и на нивните граѓани. Европските вредности претставуваат одреден вид привилегија во чиешто име се отстапува и од стекнатиот државен суверенитет. Се превреднуваат култните вредности, но и тоа е дел од динамиката на современиот свет.
Сепак, имаме и случаи со коишто се девалвираат поимите пријателство и добрососедство. На пр., со членот 8, алинеја бр. 1, посветена на тоа – двете страни да ја „поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот“, се случува нешто речиси иронично. Наместо пријателски однос на поткрепа, помош, разбирање, почит, добивме серија експлицитни, недвосмислени јавни, официјални и неофицијални, индивидуални, институционални и медиумски изјави (декларации, рамковна позиција, протоколи). Македонија, како аспирант за зачленување во ЕУ, од Бугарија, членка на ЕУ, добива ригидни и ултимативни условувања, придружени со соодветна пропагандна реторика, многу невообичаени за евроинтеграциските процеси закани. Како да ги дочекаа своите пет краткотрајни минути, па удрија со целиот багаж од минатото кога се доведувал во прашање македонскиот идентитет и правото на државотворност на македонскиот народ, кога се отворало „македонското прашање“! Она што мислевме дека е затворено, одеднаш се отвори како Пандорината кутија, преполно оспорувања, подбив, селективен однос спрема историските факти, упростено читање на историјата, користољубиво однесување во дневната политика, будење од заборав на немилите сеќавања на срамните настани и периоди во блиската историја, длабоко чепкање во затемнетите фиоки на средновековната историја…
Втората алинеја од членот 8, исто така, е подложена на прикриените намери на членката на ЕУ, која има право на вето како стекната европска привилегија и вредност. Таа алинеја гласи: „2. Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.“
Тука се поставуваат повеќе прашања. Зошто „научното толкување на историските настани“ би им било доверено само на еден тесен круг претставници на научната заедница делегирани од двете влади, а не би се одвивало во рамките на широката научна заедница, домашна и меѓународна? Зошто толкувањето на историските настани треба да биде ставено во строги временски рамки и под притисок на рокови кои се ирелевантни за науката? Зошто се поврзуваат историските и образовните прашања, односно науката со образовната политика? Зошто науката треба да им реферира на годишно ниво на владите како да се тие некои повисоки научни инстанци? Дали се работи за некоја нелегитимна политика?
Дали членот 8 создал услови за контрола на научната мисла и однапред ја одредил вистината за „заедничката“ македонско-бугарска историја како „бугарска“? Геополитичките стратегии, имено, ги предвидуваат потезите однапред, затоа и се темелат врз „визијата“ или крајната цел која треба да се постигне на одреден начин, во одредено време, со помош на одредени инстанци, лица и алатки? Ваквиот договор со еден израз ја одредува стратешката цел – ревидирање на „заедничката историја“ како автентично и целосно бугарска. Тој израз е рефлексија на новиот пристап кон историјата, кој ќе го одреди и пристапот кон иднината. Тој нов пристап е политички и геостратешки, тој ја одредува новата епистема или научна парадигма, следствено и ја воведува сѐ до степен на официјално инсталирање – новата слика за историјата, новиот историски наратив на македонската историја како бугарска.
Изразот заедничка историја треба да послужи како научно, па и морално покритие во обновувањето на старата бугарска политика од крајот на 19 век. Станува збор за познатата пропаганда дека Македонците се Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека старословенската писменост е бугарска, дека Охридската архиепископија е бугарска, дека македонското културно наследство, материјално и нематеријално, се бугарски, вклучувајќи го и македонското народно предание и фолклор, вклучувајќи ги и колективната меморија и сеќавањата на луѓето на географската територија на Македонија. Ако со помош на извештаите на научната комисија се потврдат овие офанзивни пропагандистички и хегемонистички флоскули, тогаш, во следната фаза, би можело да се доведе во прашање државотворното право на македонскиот народ и ќе се спречи меѓународното етаблирање на македонската нација. Единствено нација без свој континуитет во време и простор, поточно со оспорен временски/историски и просторен континуитет (демографски, јазичен, културен) може да се доведе во неправедна и невообичаена позиција да се откажува со устав од своето малцинство во соседните и другите држави, од своите дијалекти, од своите симболи, од својата црковна, културна, политичка и револуционерна историја.
Да биде иронијата апсолутна, ваквата заедничка историја, според алинеја 3 од член 8, „Двете Договорни страни“, „со заемна согласност“ „заеднички“ ќе ја чествуваат, сето тоа во име на „зајакнување на добрососедските односи“ и „во духот на европските вредности“. Судејќи врз основа на неколкуте билатерални и други договори што ги има склучено Р Македонија, од осамостојувањето до денес, се чини дека ретроградните асимилаторски политики карактеристични за 19 и 20 век, стануваат дел од „европските вредности“. Сенките на минатото повторно играат на европската историска сцена, со видоизменета сценографија и глумци. Балканот повторно станува „театар на Сенки“. Суштината не е изменета, изменети се актерите, реториката, понагласена е мимикријата, стварноста се хибридизира, не може да се оцени на прв поглед каде завршува реалниот, а каде почнува виртуелниот свет. Виртуелниот свет, всушност, станува реален и делотворен, моќен.
За ваквите билатерални политики со унилатерални изјави и рамноправни односи, во коишто едната „страна“ е притисната во ќош, принудена со ултиматуми, уцени и вето во име на не сосема реално остварливи цели и догматизирани идеали, не смее да постои разумна и легитимна алтернатива. За нив не е битно што постои разлика меѓу „заедничка историја“ и „споделени места на меморија“. За нив не постои разлика меѓу меморијата на колонизаторите и на колонизираните. Тие забораваат на фактот дека сите големи империи во светот, па и на Балканот, оставиле нешто како споделено искуство со и меѓу освоените и покорените народи. Тоа се однесува и на империите на овој дел од светот: европски, азиски, африкански, медитерански…
Културната и јазичната размена во општеството е двонасочна. Сеќавањето на историјата, народното предание, митовите и легендите, творат една слика на светот на тој начин што одбираат што ќе величат, што ќе заборават, што ќе претворат во слика на непријателот, кој ќе биде народен херој. Може некој да има државјанство, па и етничко потекло од еден народ, ама ако се борел за слободата на друг народ, тогаш тој ќе биде историски и легендарен јунак на тој другиот народ. Каузата или идеалот на слободата ги создава легендите и хероите на сите народи, па и на македонскиот. Иронично е една држава-членка на ЕУ да води полемики и да користи право на вето за да докаже дека некои македонски херои биле нејзини поданици. Ни цар Самуил, ни Крале Марко, ни Гоце Делчев, какви документи и да се откријат, колку и да се присвојуваат, нема да бидат помалку македонски. Тие веќе живеат во светот на легендите, тие ја извршиле својата улога во конституирањето на македонската национална свест, и тука враќање назад нема.
Има мигови кога политиката треба да се повлече пред налетот на колективните и универзалните идеали. Слободата е таков идеал. Слободата на самоопределувањето. Слободата да си го избереш сам пријателот. Пријателите на Македонците треба да бидат великодушни. Треба да бидат емпатични. Треба да бидат духовно богати. Македонците и нивните пријатели треба да се сретнат некаде во светот на заедничките идеали. Само идеалите го водат светот напред, не напред кон дното, туку напред кон похуман, поправеден и цивилизиран свет. Ако немаме „ништо заедничко“ сега и тука, зошто би се дружеле? Да посакуваш некого, значи да негуваш убави чувства, мисли и дела спрема него. Дали е тоа толку тешко да се сфати?
Катица Ќулавкова
(авторката е академик во МАНУ)